1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан: Опасен извоз на идеологија

Кено Верзек
5 февруари 2020

Унгарскиот премир Виктор Орбан великодушно му помага на унгарското малцинство во соседните земји. Така настануваат етнички паралелни светови. А каде води тоа покажуваат ксенофобичните испади во едно село во Трансилванија

Tschechien l Treffen der Ministerpräsidenten der Visegrader Gruppe V4 in Prag - Viktor Orbán
Фотографија: DW/A. M. Pędziwol

Досега селото Дитрау и за самите Романци беше непознато. Освен големата готичка црква Срцето на Исус во ова село во Сикулската земја, во областа Трансилванија, во која живеат Секали или Сикули, унгарско малцинство, ова село нема никакви знаменитости. Сега стана познато по еден апсурден и тажен случај на ксенофобија за кој зборува јавноста во Романија и во Унгарија.

Неодамна една поголема пекарница вработила двајца пекари од Шри Ланка. Поради масовното иселување и недостатокот на работна сила, управата на пекарницата немала друго решение освен да ги вработи дојденците од Азија. Но, иако во селото престојувале сосема легално и со работни дозволи, нивната појава предизвикала бран на ксенофобија. Неколку стотици селани барале „Дитрау без мигранти“.

Случајот Дитрау е уникатен

Ксенофобијата не е нов феномен во Романија. Но, случајот со селото Дитрау сепак е уникатен затоа што покажува како унгарскиот премиер Виктор Орбан го извезува својот нелиберален идеолошки систем во соседна Романија и создава етнички паралелни светови меѓу тамошните Унгарци.

Дитрау, како и повеќето села во Сикулската земја, речиси исклучиво е населено со Унгарци. Тука живеат и мал број Роми, а Романци можат да се најдат исклучиво меѓу локалните полицајци. Секељските Унгарци се многу приврзани кон католичката црква и важат за многу традиционална и конзервативна група. Големо мнозинство од нив се информира исклучиво преко унгарските државни медиуми кои ја пренесуваат етно-националистичката и шовинистичка иделогија на Орбан. Секељските Унгарци се ментално во Унгарија, а Романија за нив е само земја во која живеат, но со која не споделуваат многу.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако во Дитрау се појавија пекари од Шри Ланка, анонимната група „Дитрау без мигранти“ првпат се појави на Фејсбук. На почетокот на минатата недела веќе имаше протести пред канцеларијата на градоначалникот, во кои двесте лица протестираа против „инвазијата на странците“. Водач на протестот беше локалниот католички свештеник Кароли Биро. Во исто време, сопственичката на објектот, во кој домуваат пекарите од Шри Ланка, доби закани-  а потоа двајцата мажи мораа да се иселат од селото.

Повеќе:

-Унгарска рака над Балканот

-Секој Орбан има свој олигарх

-Унгарците во Војводина се со Орбан

„Овие инциденти се недвосмислено ксенофобични и несомнено се поврзани со влијанието на унгарските медиуми овде во Трансилванија“, вели унгарскиот адвокат и добро познат унгарски политичар во Романија, Петер Екштајн-Ковач за ДВ. Во 2018 година, Екштајн излезе од „Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија“ (УДМР), најголемата партија на унгарското малцинство во Романија, затоа што таа, како што истакна, во меѓувреме станала своевиден застапник за интересите на Орбановиот Фидес во Трансилванија.

Огромно унгарско медиумско влијание

И локалниот новинар Золтан Шипос од платформата „Атласо“, која води кампања за транспарентност, веќе некое време го истражува влијанието на Орбан и неговата партија Фидес во Романија. Тој, смета дека и влијанието на унгарските медиуми е силно соодговорно за инцидентите во Дитрау. „Се соочуваме со наплив на пропаганда од унгарските медиуми, кои наоѓаат плодно тло и затворена заедница тука“, вели Шипос во интервју за ДВ.

Настаните во Дитрау наидоа на силно ехо во романската јавност. Со ретко видена острина коментаторите ги осудуваат инцидентите. За првпат Орбановиот извоз на идеологија е тема на широка дебата, настрана од националистичкиот спектар. „Под влијание на огромните суми пари испорачани од Будимпешта во Романија, УДМР целосно го загуби сопствениот идентитет“, вели новинарот Кристијан Пантази од порталот Г4Медиа. Но, некои романски политичари, поранешниот претседател Трајан Башеску, исто така ги користат настани во Дитрау за да извршат националистички напади врз унгарското малцинство. Самата УДМР, дури неколку денови по инцидентите се огради од хсенофобијата и пропагандата на омраза кон странците. Арпад Кулчар, унгарски публицист од Трансилванија, го критикуваше тоа како лицемерно, бидејќи партијата, како што вели, честопати шири омраза кон Ромите или Романците, секогаш кога има прилика за тоа.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Дитрау, во меѓувреме, ситуацијата  малку се искомплицира. Како што стана познато, меѓу демонстрантите има навистина такви кои не поднесуваат странци. Но, добар дел, како што се покажа на собирот на локалното население минатата недела, нема проблем со самите странци, туку смета дека со носењето странец пекарницата сака да ги намали трошоците за работна сила. Во минатото, пекарницата често не плаќаше за прекувремена работа. Сопствениците на пекарницата ги отфрлаат обвиненијата.

„Луѓето овде во голема мерка не се во состојба да ги артикулираат своите вистински проблеми околу прениските плати или неразвиеноста на регионот и затоа го користат пропагандниот јазик на медиумите кои ги консумираат“, вели публицистот Золтан Шипос.

Милиони за Унгарците во Романија

За него, проблематичен е начинот на кој Орбан им помага на унгарските малцинства. Станува збор за десетици милиони евра кои годишно минуваат низ разни фондации. „Сето тоа е многу нетранспарентно и создава зависност што е многу штетна за независниот развој на нашето малцинство“, вели Шипос.

Адвокатот Петер Екштајн-Ковач гледа слично на ова. „Добро е што Унгарија им помага на своите малцинства во странство, но начинот на кој го прави тоа е многу контроверзен, на пример кога економската помош се дава на етничка основа“, вели Екштајн- Ковач, додавајќи дека е апсурдно е кога една малцинска заедница ја застапува владината политика на друга земја. „Политиката на Унгарците во Трансилванија мора повторно да стане независна “, заклучува тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми