1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан сака да го отсака Брисел

Кено Ферзек / Александар Методијев28 април 2014

Унгарскиот премиер Виктор Орбан не го крие својот критички однос кон ЕУ. Но, тој има една реторика за во Европа и друга за дома. Иако се врти кон Истокот, тој сепак не би направил преголем процеп кон Брисел.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога Европската Народна Партија на почетокот од март го одржа својот конгерс за европските избори, унгарскиот премиер Виктор Орбан се покажа како Европеец кој дава поддршка. Тој му честиташе на претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо, за европскиот фонд за спас и ја охрабри Европа да ги брани своите домашни вредности соочена со кримската криза.

Една недела потоа, Орбан застана пред илјадници поддржувачи во Будимпешта и одржа сосема поинаков говор. Унгарија, и’ рече тој на толпата народ, се бори со непријатели многу поголеми и многу помоќни од самата земја. Тоа се однесуваше на седиштето на ЕУ во Брисел. Тој додаде дека неговата влада мора да ги заштити унгарските семејства од „профитери, монополи, картели и империјалистички бирократи“ – термини кои се однесуваат на еврокомесарите и другите претставници на ЕУ.

Националистичка тирада

Таквите јавни настапи се типични за Орбан, кој надвор од земјата сака да се претстави како умерен и проевропски политичар, но ја менува тактиката на домашна сцена. Откако тој и неговата партија Фидес освоија двотретинско мнозинство на парламентарните избори во април 2010 година, тие се’ повеќе реторички се дистанцираа од Европа и ЕУ.

Според унгарскиот филозоф Гашпар Миклош Тамаш, Унгарија има нова државна идеологија. Тој неа ја нарекува „мешавина на евроскептички национализам и етницизам“.

Русија и’ помага на Унгарија да ја надгради нуклеарната централа ПаксФотографија: picture-alliance/dpa

Во изборната кампања оваа година Фидес е фокусирана на цената на комуналните услуги во Унгарија, каде цената на струјата, гасот, водата и ѓубретарината се релативно високи. Минатата година владата ги намали цените на комуналните услуги за десет проценти и тоа го направи повторно во февруари годинава, како подарок за гласачкото тело, кој има за цел да ја зголеми популарноста на владејачката партија. Овој потег одеше рака под рака со националистичката реторика насочена кон странските енергетски корпорации и ЕУ, која во моментов проверува дали намалувањето на цените претставува кршење на законодавството на ЕУ.

Експертите велат дека високиот данок на додадена вредност од 27 проценти и државните монополи се секторите кои треба да се обвинат за високите цени на енергијата и комуналните услуги. Но, Орбан и неговата партија Фидес се обидуваат да ја натераат јавноста да верува дека странските компании со помош на ЕУ „прават неоправдани дополнителни профити“ на сметка на унгарските потрошувачи.

И покрај антиевропската реторика на владата, Унгарија во моментов нема планови да ја напушти ЕУ. Политичарите од Фидес и бизнисмени блиски до партијата имаат корист од фондовите на ЕУ и субвенциите за земјоделскиот сектор, што е огромен економски фактор во, со криза погодената, Унгарија.

Дали Москва е алтернативата?

Унгарската влада со кратење на сметките сака да ги помогне домаќинствата, а ЕУ проверува дали со тоа се крши европското законодавствоФотографија: AP

Во исто време Унгарија гледа да ги прошири бизнис-врските кон Исток. Орбан отпатува во јануари во Москва, каде потпиша договор со рускиот претседател Владимир Путин за заем во вредност од 10 милијарди евра за ширење на унгарската нуклеарна централа во Пакс со користење руска технологија.

Само неколку недели подоцна Орбан отпатува во Пекинг за да ги промовира кинеските инвестиции во Унгарија, ветувајќи дека неговата земја нема да се меша во внатрешните работи на Кина.

„Вртењето на Орбан кон Исток има последици за ЕУ“, смета Дариус Калан, политиколог во „Полскиот институт за меѓународни односи“ (ПИСМ). Тој смета дека Кина и Русија ја користат предноста од пристапот на Будимпешта за да продолжат со својата стратегија за слабеење на Брисел преку билатералните преговори со земјите членки на ЕУ.

Орбан практично сака да зајакнат евроскептиците, бара поголема независност за индивидуалните земји членки и се залага за „Европа на нации“ во која конзервативните вредности повторно би играле поголема улога. Унгарскиот лидер денес гледа на ЕУ како на дезориентиран сојуз.

Најголем дел од Унгарците не го следат евроскептицизмот на Орбан и на неговото владејачко мнозинство. Иако анкетите во последниве неколку години покажуваат зголемен број на Унгарци кои развиле негативни погледи за Европа и ЕУ, сепак песимизмот во однос на ЕУ е под просекот во Унијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми