1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

25 години затвор за организаторите на 27 април

ДТЗ
26 јули 2021

Обвинителството е изненадено од изречените казни за Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. Смета дека се ниски и најавува жалби.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски добија затворски казни од вкупно 25 години за организирање на настаните од 27 април 2017 година, кога се случи упадот во Собранието. Кривичниот суд во Скопје денеска ги соопшти пресудите, со кои поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски е неправосилно осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осуден на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

-повеќе на темата: Како да се (дис)квалификува насилник, а да се оквалификува 27 април?

„Држава се брани со ум и срце, а не со насилство. Тие го загрозиле уставниот поредок и безбедноста и ја повредиле сржта на демократијата“, рече судијата Илија Трпков, изрекувајќи ги пресудите.

Казните се ниски - се најавуваат жалби 

Обвинителството е изненадено од ниските казни и најавува жалби. „Казните се многу ниски, судот не смееше да си дозволи пресуди пониски од 10 години затвор“, изјави обвинителката Гордана Смаќоска, по донесувањето на пресудите за организатори на 27 април.

Таа вели дека е изненадена, бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилниот чин се изрекоа многу високи казни. „За споредба, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за полесно кривично дело, за кое е пропишана казна до 10 години затвор, доби казна од 7 години“, рече Смаќоска. Одговорот на прашањето зошто олеснителните околности преовладувале во овој случај кај едно вакво кривично дело, таа вели дека ќе го образложи судијата.

-повеќе на темата: 211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април

Кривичен суд донесе одлука да им определи куќен притвор на четворицата неправосилно осудени, откако претходно поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, реагираше на барањето на Обвинителството да биде однесен во притвор во истражниот затвор Скопје.

„Секој ден ме чуваат над осум полициски службеници и секое возило што влегува и излегува од мојата зграда е детално претресено. Бидејќи е топло, полицајци стојат во ходник и сум по 24-часовен надзор. Имам многу предмети за кои треба да се спремам, и нечовечки ќе биде по четврти пат да се носам од дома до Шутка. Пет години сум под мерки и мислам дека нема потреба од притвор", рече Јанакиески.

Запрена постапка за бегалците

Постапката е запрена за Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија и за Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, сѐ додека не бидат пронајдени. 

Судот смета дека се потврдило обвинението, според кое, обвинетите на почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата, подготвиле и реализирале план да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. Вељаноски, како поранешен претседател на Собранието, поранешните министри Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски организирале протести, материјално ги помагале и презеле мерки за да може луѓе да влезат во Собранието и да извршат насилство.

„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ што кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“, се наведува во обвинението.

На 27 април тие организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Според судот, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Јанакиески и Ристовски континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и од другите градови, за во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми