1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Организиран криминал „Made in Balkan“

АТ/дв/Пресе/Шпигел22 април 2014

Полицијата во Австрија одлучи да му се спротивстави на организираниот криминал, кој оваа земја од Европската унија ја направи атрактивна пред сѐ за престапниците од Балканот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Австрискиот весник „Пресе“ информира за три опсежни операции, кои раскринкале повеќе криминални банди. При тоа, Австрија во многу случаи била само транзитна земја за разни криминални активности, поради што споменатите истраги добиле и меѓународен карактер.

Операција МЕКАНИКУ: Зад оваа истрага всушност се крие зборот „механичар“ (Mechaniker). Таа, како што пренесува „Пресе“ им нанела сериозен удар на бандите од Косово, кои тргуваат со дрога. Татко и син од Приштина во работилница одгледувале канабис и таа дрога во големи количини ја носеле во Австрија. Трик, кој им овозможувал непречен влез во ЕУ, билe двојните подови во стари автомобили. Канабисот бил прилично вешто спакуван, така што дури ниту полициските кучиња не можеле да го надушкаат. На полицијата ѝ било потребно време да го разоткрие системот и мрежата на оваа криминална банда, која во околината на Виена изнајмила автоработилница за 300.000 евра, за да ја достави дрогата. Сопственикот на работилницата наводно не бил вмешан во криминалните активности на бандата од Косово, ниту го изненадила огромната сума на пари понудена за изнајмување. Меѓутоа при полициската акција од 11. април биле пресретнати двајца добавувачи и двајца дилери, кои преземале 88 килограми канабис (тројца Косовци и еден Србин). Вредноста на запленетата дрога: 900.000 евра.

Операција АЛКАТРАЗ: Австриската полиција уште пред неколку месеци и влегла во трага на бандата „Алкатраз“ од Србија, која била одговорна за голем број кражби - не само во Австрија, туку и во Германија, Грција, Шведска, Франција и Швајцарија. Тие се претставувале како фудбалски навивачи и ги придружувале тимовите на гостинските натпревари во Европа. Меѓутоа своите патувања ги користеле за најмалку 24 кражби. Ако може да се направи проценка по она што краделе, српската банда не била многу пребирлива. Покрај кражба на накит и скапи часовници, тие се занимавале и со шверц на цигари. Повеќето припадници на оваа банда од порано ѝ биле познати на полицијата. Причините за засилени криминални активности во Европа, како што наведува полицијата биле долгови во татковината.

Фотографија: DW/C. Stefanescu

Операција ШИЛИНГ: Зад трговијата со оружје на просторите на Европа се криеја припадници на моторџиската банда Хел Енџелс. По 61 претрес во Австрија, БиХ и Словенија, уапсени се едно лице во Словенија и 18 во Босна и Херцеговина. На лице место биле пронајдени повеќе пиштоли и експлозиви. Запленети биле и 300 грама хероин во Словенија и 2,5 килограми во Босна и Херцеговина. Припадниците на бандата биле спречени во намерата да прокриумчарат и продадат две автоматски пушки и два калашникови. Запленети биле во Штаерска, а биле наменети за купувачи во Шведска.

Германија ја забрзува постапката за азилантите од Балканот

Германското министерство за внатрешни работи сака по секоја цена да се намали бројот на граѓани од Балканот кои се обидуваат да добијат азил. Законот е веќе подготвен. На јавноста официјално ќе ѝ биде претставен на 30. април, пишува „Шпигел“.

Во иднина Србија, Македонија, Босна и Херцеговина би требало да бидат на листата на „сигурни земји на потекло“. Со други зборови, граѓаните од тие земји речиси и нема да имаат основа за поднесување барање за азил во Германија. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие е задоволен со решението, но не и политичарите од ЦДУ и ЦСУ. Списокот на споменатите земји наводно не им бил доволно долг. „На таа листа би требало да се најдат и Црна Гора и Албанија“, се бара од Унијата. Меѓутоа за тој проблем се расправало уште во преговорите за коалицоната влада, кога демохристијатите и социјалдемократите постигнаа договор прашањето на преголемиот број на баратели на азил од Балканот да се реши со промена на статусот на земјите, како Србија, БиХ и Македонија во т.н. „земји на сигурно потекло“. За други држави од тој простор не станало збор.

Во пракса тоа би овозможило „забрзување на процесот на разгледување на поднесеното барање за азил“. Целосната постапка, како што наведува „Шпигел“, би била „екстремно скратена“.

Во текот на минатата година од Србија, Македонија и БиХ биле поднесени околу 22.000 барања за азил. Одобрени биле 60.

Невладината организација „ПроАзил“ ги критикува намерите на владата во Берлин. „Причината поради која на крајот толку малку луѓе добија азил се крие во тоа што барањата не се доволно внимателнио разработени. Со промена на законите и статусот на балканските земји, властите ќе имаат изговор за недоволно сериозен однос кон тие луѓе“, порачуваат од „ПроАзил“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми