Орешарски: Бугарската влада можеби ги има најтешките сто дена
22 јуни 2013Бугарскиот премиер оценката ја даде пред учесниците на конгресот на Партијата на европските социјалисти во Софија. Собирот се одржува во бугарскиот Национален дом на културата, во главниот град Софија.
„Наспроти тешкотиите уште од изборот на Владата, се фокусираме на неодложните мерки, зајакнуваме некои социјални програми и обрнуваме внимание на невработеноста кај младите“, нагласи Орешарски.
Паралелно со одржувањето на конкресот на ПЕС, пред Националниот дом на културата се собраа неколку стотици демонстранти, кои извикуваа: „Оставка“, „Црвено ѓубре“ и „Мафија“. Демонстрантите носат државни знамиња, транспаренти на англиски јазик, антисоцијалистички пораки и свират во знак на протест. Протестот е организиран преку социјалните мрежи, од групата „Окупирајте го Националниот дом на културата“. Организаторите му поставија услов на премиерот - да се повлече од функцијата до вчера вечер. Тоа не се случи, па тие излегоа на протести на кои и натаму бараат негова оставка.
Внатре во салата премиерот Орешарски појасни дека владата е насочена кон подобрување на бизнис климата, намалување на административните тешкотии и демократизирање на целокупниот процес на управување.
„Се надевам дека за првите 100 дена некои од овие мерки ќе бидат исполнети, а во однос на други ќе има напредок“, нагласи новиот бугарски премиер.