Ослободен шефот на Генералштабот на турската армија
16 јули 2016Шефот на Генералштабот на турската армија Хулуси Акар е ослободен во текот на акција во воената воздухопловна база Акинчи, северозападно од Анкара и однесен е на сигурно, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк. По почетокот на обидот за пуч во Турција вчера беше нејасно каде се наоѓа Акар, па премеирот Бинали Јилдирим во текот на ноќта за вршител на должноста го назначи генералот Умит Дундар.
Во обидот за Пуч во Турција, според досегашните информации, загинале најмалку 60 луѓе. Освен тоа, стотици лица се уапсени. Владата го прогласи за пропаднат обидот на делови од армијата да ја земат власта во свои раце. Во близина на претседателската палата во Анкара сѐ уште има проблеми, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган изутринава на аеродромот Ататурк во Истанбул. Во близина на палатата борбени авиони, како што се вели, фрлале бомби, но наводи за жртви и за штети сѐ уште нема.
Премиерот Јилдирим за денеска свика вонредна седница на парламентот. „Ситуацијата е главно под контрола“, оцени тој.
Турското министерство за правда соопшти дека се уапсени 754 припадници на армијата. Претседателот Ердоган изјави дека „во Турција нема да владее армијата“ и нареди да бидат соборени борбените авиони кои се во раце на пучистите. Освен тоа, тој најави и радикална чистка во армијата.
На улиците на Анкара и на Истанбул во текот на ноќна на улиците имаше тенкови. Луѓето бегаа во паника по почетокот на пукотниците и ниските летови на борбените авиони над центрите на турските градови. Дел од граѓаните, како што можеше да се види од телевизиските снимки, се качија на тенковите и им се испречија на патот на војниците.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, изрази загриженост: „Се чини дека состојбата е под котнрола, но ситуацијата е далеку од стабилна.“
Еве како е во Анкара и Истанбул изутринава и што велат дел од жителите на градот на Босфорот: