1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е избрзан потег одлуката за патарините?

ДТЗ
26 мај 2021

Владата ги ослободи од плаќање патарина српските туристи како благодарност за донираните вакцини. Додека едни ја критикуваат, други велат дека станува збор за добра одлука.

Mazedonien Mautstelle bei Tetovo
Фотографија: DW/K. Ozimec

„Непотребна, избрзана и непропорционална е одлуката на Владата која реши да ги ослободи српските државјани од патарина за транзит низ земјава во текот на летото во знак на добра волја поради донациите на вакцини против Ковид-19 од страна на Србија“, вели за ДВ поранешниот министер за финансии, експерт за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини. 
„Што ќе и понудиме тогаш на кинеската армија? - прашува Хајредини, откако државата донесе одлука да даде околу 2,9 милиони евра за изработка на картичките за бесплатната патарина за српските туристи. Додека едни ја критикуваат, други велат дека станува збор за добра одлука, која ќе има далекусежни економски ефекти од зближувањето на двете држави.

-повеќе на темата: Филипче најавува стратешко партнерство со „Торлак“ за набавка на вакцини

Никола Поповски, поранешен висок функционер на СДСМ и некогашен претседател на Собранието, а потоа и министер за финансии, за ДВ вели дека оваа одлука на Владата не треба да се гледа како одлука со економска мотивација или содржина. 

Одлуката е израз на благодарност кон граѓаните на Србија и гест на добрососедство, вели Никола ПоповскиФотографија: DW

„Таа едноставно е израз на благодарност кон граѓаните на Србија и гест на добрососедство. Во тој случај воопшто не е важно колку српски граѓани ќе поминат и колку средства со тоа ќе се намалат како приходи на Македонија. Важен е чинот на благодарноста и меѓусебно подадената рака. Јас лично, оваа одлука ја сметам за многу добра“, анализира Поповски за Дојче веле. Но, според него, на долг рок таа ќе има и далекусежни економски ефекти од зближувањето на двете држави и народи и нивната економска соработка во најширока смисла. 

Ќе се набавуваат 200 илјади смарт картички

Владата неодамна најави дека ќе ги ослободи српските државјани од патарина за време на летната сезона во знак на благодарност за вакцините кои Србија ѝ ги донира на Македонија. 

Бесплатните патарини за српските државјани ќе важат само за Коридор 10, кој води од „Табановце“ кон граничниот премин „Богородица“, но не и за патување кон Охрид Фотографија: DW/N. Rujevic

Надлежните министерства веќе добија и конкретни задолженија за реализација на оваа идеја. Па така, Министерството за финансии е задолжено да префрли средства во износ од 172.000.000 денари за набавка на 200.000 М-Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М-Смарт Кард. Исто така, Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, ќе треба да ги врати на сметката на Буџетот.  

-повеќе на темата: Македонцки работи: Кој за Врање, кој за Ниш

Српските туристи ќе бидат ослободени од плаќање патарина од 15 јуни до 15 август. Бесплатните патарини за српските државјани ќе важат само за Коридор 10, кој води од „Табановце“ кон граничниот премин „Богородица“, но не и за патување кон Охрид поради тоа што на овој патен правец нема електронска наплата. Српските државјани кои сакаат да одат во Охрид преку автопатот Скопје-Гостивар, или во Дојран преку автопатот Скопје-Штип, сепак ќе мора да платат патарина. 

Веста ја пренесоа и белградските медиуми, кои јавуваат дека електронските картички за возила за српски туристи ќе бидат примени на граничниот премин „Табановце“ при влез во С. Македонија, а Министерството за внатрешни работи ќе биде задолжено за нивната дистрибуција. Јавното претпријатие за државни патишта треба да обезбеди сукцесивно доставување картички за бесплатни патарини на српските туристи, а по завршувањето на тој проект, во случај да останат неискористени средства, да ги врати во државниот буџет. 

Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека ваквата одлука делува како дискриминаторски потег во однос на другите земји.Фотографија: Fatos Musliu

Аналитичарот Мерсел Биљали за ДВ вели дека ваквата одлука делува како дискриминаторски потег во однос на другите земји. „Чинот да и возвратите веднаш на другата држава за некој нејзин добар гест е знак на слабост. Впрочем сите знаат дека Србија не го направила тоа поради некој хуман гест, туку како регионална реклама дека се работи за супериорна држава во однос на соседите, дури мириса и на некаква регионална геополитика. Србија сега е регионален економски лидер, па оттука има потреба за докажување“, вели Биљали. 

2,8 милиони евра за картички

Изработката на смарт-картичките за пропуштање на српските вопзила на патарините, ќе ја чинат државата 100 денари по парче. Откако на владина седница беше донесена одлука да се обезбедат 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за набавка на 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина, од Владата објаснија дека во овие средства е вклучена цената на патарината плус изработката на картичките.
„760 денари ќе има на секоја од картичките, колку што чини транзитот по Коридор 10 низ Северна Македонија Изработката на картичката е 100 денари, значи по возило трошокот е 860 денари“, изјави владиниот портпарол, Душко Арсовски. Пресметките за тоа дека ќе поминат околу 200.000 возила низ земјата се направени преку анализи во однос на минатите години. 

„Ако се земе предвид фактот дека минатата година поради пандемијата со Ковид-19 границите речиси да беа цело време затворени, споредбата е направена од 2019 во која имаше рекорден приход од наплата на патарина. Бројката е извлечена од таа анализа. Во однос на изработката, за тоа е задолжено Јавното претпријатие за државни патишта“, вели Арсовски. 

Србија донираше 8 илјади вакцини на Фајзер во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини Спутник. Во Србија во изминатиот период се вакцинираа над 15 илјади македонски граѓани. 

Србија: Вакцина за доверба

01:57

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми