1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи бара консензус, опозицијата бара одговори за Бугарија

ДТЗ
28 јануари 2022

Шефот на дипломатијата Бујар Османи тврди дека не се преговара за идентитетот и јазикот, но опозицијата бара парламентот да биде информиран за нотата испратена во Бугарија.

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османипобара од партиите консензус околу преговорите со Бугарија, порачувајќи дека очекува во наредните шест месеци да се создаде нова слика за односот и соработката меѓу двете земји. Тој тврди дека никој не преговара за македонскиот идентитет, бидејќи јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. 

„За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара“, рече Османи, во излагањето пред членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Опозицијата, која што побара Османи да реферира за текот на разговорите со Бугарија, остро го критикуваше процесот, оценувајќи дека тие се одвиваат во тајност и побараа пристап до доверливи документи и нотата испратена во Бугарија, како и  детали за планот 5+1, во кои што сметаат дека треба да имаат увид. „Вашиот легитимитет извира од пратениците, тука треба да информирате, оти така ќе градите консензус. Јас ако од телевизија дознавам за нотата што сте ја испратиле во Бугарија, тогаш имам проблем“, реагираше професорката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. 

Гордана Силјановска ДавковаФотографија: DW/ Petr Stojanovski

Да се изградат заеднички позиции 

Османи, пак, вели дека се работи внимателно, трпеливо, но притоа со силен интензитет, без да се дозволи недоразбирањата да станат 'замрзнат конфликт' кој ќе трае со децении. „Немам дилема дека имаме разлики во начинот, или пристапот со кој се справуваме со овој предизвик, но во исто време, немам дилема дека имаме и заеднички позиции изградени токму во ова Собрание преку декларација која е усвоена со консензус“, вели Османи. 

Тој во своето излагање потенцираше дека не се разговара за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Според него, во последно време почнала да се шири, како што рече „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања можни се ад-хок решенија“ и оти некој може сам, преку ноќ, без знаење на граѓаните да донесе било каква одлука или договор на штета на државните позиции поставени од декларацијата на Собранието. 

Нема ништо спектакуларно 

„Државниот тим целосно се води од позициите, државна позиција, дека секое прашања поминува низ неколку филтри“, рече Османи. Најчувствителните прашања, според него, не се предмет на политички преговори, туку тие се предмет на разговори меѓу експертите во заедничката комисија за историски и образовни прашања, која е независно тело и во чија работа не се се обидуваат да се мешаат. 

„За нас најважното прашање во тој пакет е токму Имплементацијата на одлуката на европскиот совет од март 2020-та година, преку одржување на првата Меѓувладина конференција, притоа, нашата клучна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на ЕУ без никакви додатни квалификации како и прашања поставени од Бугарија“, истакна Османи. 

Најчувствителните прашања не се предмет на политички преговори, порача Османи пред Комисијата за надворешни работи.Фотографија: Presidency of North Macedonia

Таму се прашањата за принципот на самоопределување согласно уставните уредувања на државите, прашањето на говорот на омраза и рехабилитација на жртвите од комунизмот. „Нема ништо повеќе ниту помалку во овој пакет на политички прашања, ниту пак нешто спектакуларно со кое треба да ги плашиме граѓаните. Соодветно во фазата во која се наоѓаме во разговорите, тоа е фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, ни сѐ уште не сме во можност да ги преставиме овде затоа што тоа не се договорени предлози. Не можете во сред разговори да ги преставувате нецелосните работни документи, затоа што со тоа ги нарушувате разговорите“, вели шефот на димплатијата. 

Тој најави дека во првиот момент кога ќе се стигне до ситуација да тие работни верзии станат прифатливи за двете страна, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до пратениците. 

Критики 

Претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонијо Милошоски, кој ја иницираше седницата, го критикуваше за решавање на спорот и го нарече 'провизорен'. Според него, тој повеќе е формален, отколку суштински.  

„Османи зборуваше да изградиме заеднички позиции, но како ние да имаме доверба како зпратеници врз основа на нон пејпер испратен во Бугарија, за којшто дознаваме од медиумите. Не ни давате доверба како пратенции. Нас државата ни дала доверба, серитфикати да имаме пристап до секоја државна тајна. Ако државата ни дала, зошто еден политичар да нема доверба во нас. Зошто да немате доверба и во пратениците на СДСМ и ДУИ, и со нив да споделите на седница на која ќе ви дадеме .добронамерни критики“, рече Милошоски. 

-повеќе на темата: Историјата ќе зближува: Северна Македонија и Бугарија заедно ќе го чествуваат Гоце Делчев

Потенцирајќи дека целите и на власта и на опозицијата се исти - да започнат преговорите со ЕУ, Милошоски предупреди дека се опасни разговорите околу јазикот. „Штом разговараме тенка е линијата меѓу разговори и преговори“, предупреди тој. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми