1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Позициите со Бугарија се многу зближени

МИА
7 мај 2022

Македонскиот министер за надворешни работи смета дека посебно последните месеци позициите на двете земји се многу зближени, па ќе биде историска штета ако не се успее да се постигне договор

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што понатаму Владата ќе има сѐ помалку и сѐ поразредена политичка енергија, но и целото општество, за да се посвети на едно прашање кое што троши и политичка енергија, но се разбира ги троши и граѓаните во овие континуирани циклуси на надежи и на фрустрации", рече македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција, зборувајќи за укинувањето на  бугарското вето  за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Министерот смета за должност да не се изложат граѓаните на такви, како што кажа, бесконечни фрустрации и разочарувања и дека ќе треба еден ден да се стави црта, односно да се каже дека е доста.

„Мислам дека е доста веќе. До јуни, да не се врзам со месеци, до лето мислам дека треба да продолжиме со максимални напори како ова да успее. Сметам дека е важно и опозицијата да го сфати моментот. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност.“

Тој посочи дека со  Република Бугарија  комуникацијата продолжува, но и со француското претседателство со ЕУ, кое е одговорно во овие шест месеци да го менаџира, да го координира процесот. Османи се надева дека наредните недели ќе има можност за конкретен дијалог и конкретни чекори.

Според  Османи,  Скопје направи се што можеше да се направи, но и тоа што не можеше да се направи.

Министерот смета дека посебно последните месеци позициите на двете земји се многу зближени, па ќе биде историска штета ако не се успее, зошто никогаш, како што кажа, нема да се биде во подобра позиција за надминување на разликите.

Тој нагласи и дека Договорот за добрососедство со Бугарија никој не смее да го стави под знак прашање. Бугарија, рече тој, секогаш ќе биде наш сосед, сојузник во НАТО и секогаш ќе биде важно да имаме добри соседски односи со нив.

Според Османи, и САД се навистина силно заинтересирани овој процес да успее и европското консолидирање на регионот да продолжи, но оти нема конкретен процес во кој САД се посредници во односите меѓу двете земји. Тие односи, истакна Османи, се одвиваат на билатерална основа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми