1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Обиди за провокација и блокада од Бугарија

ДТЗ
18 мај 2022

„Овие недели и денови е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“, вели шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Северна Македонија чека бугарската влада да ги консолидира ставовите во пресрет на јуни, кога сите надежи се дека ќе се одблокира процесот за интеграција во ЕУ. Нови моменти во преговорите со Бугарија нема, вели шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, но има обиди за провокација и блокади кои доаѓаат од Софија. Тој го повтори ставот дека топката сега е во рацете на Бугарија, а притисокот врз земјата се очекува да се засили во наредниот период. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји повторно доаѓа во регионот, но овојпат ќе ја посети само Софија, што според Османи е доказ дека притисокот е фокусиран врз Бугарија, за што и Франција се очекува дополнително да се ангажира во периодот што претстои.

Османи најави дека од 16 до 18 јуни во Охрид ќе се одржи вториот Преспа форум за дијалог 2022, на кој ќе присуствуваат бројни светски и регионални политичари, но засега нема најава дека ќе допатува и делегација од Бугарија. 

Да не наседнеме на провокации

„Има чинители во Бугарија, не можам да го апострофирам претседателот Румен Радев, кои не само што сакаат блокадата да продолжи, туку и вината пред светот да биде наша. Затоа има обиди за провокација и блокада. Овие недели и денови е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“, вели Османи, коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев кој најави дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа.

„Во ЕУ нема место за идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната“, изјави Радев по средбите со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц во Берлин.

Во однос на бугарските барања за уставни измени, Османи вели: „Ние во преговорите рековме дека нема да можеме да направиме уставни промени сега, туку дека тоа ќе го направиме на крајот од преговорите“. Тој е дециден дека со блокирањето на процесот за проширување за Северна Македонија и Албанија, всушност во заложништво е целата политика на ЕУ за проширување.

За напредокот на Северна Македонија кон ЕУ денеска ќе расправа и Европскиот парламент, којшто ќе го разгледува Извештајот на европратеникот Илхан Ќучук. Во него, ЕУ се повикува да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан поради рускиот напад врз Украина. Во документот се упатува „итен повик“ до земјите од ЕУ да покажат единство со формално отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана, земајќи ги предвид геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните барања, како што се инвестициите во доверба, стабилност, напредок и помирување во регионот, а се забележуваат и опасностите од растечката економска и енергетска зависност на целиот регион од Кина и Русија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми