1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осми Март во харемот на Стево и Бујар

3 март 2022

Одлуката за назначување на новиот амбасадор во ОН на извесен начин сосема соодветна на нашата беда и мизерија. Во која не знаеш што е поодвратно и повулгарно. Мимикријата на жените или цинизмот на мажите.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Дилема на денот. Каков би бил ставот на Стево Пендаровски и Бујар Османи доколку нивните сопруги (кои од почит не сакам да ги именувам) беа почесно почестени од нивниот кандидат за Обединети Нации со термини како „вагинални димови”? Првата мисла ми беше дека веднаш ќе го исфрлеа кандидатот во канализација (каде што му е место), пропратено со литар тоалетен дезинфектант по него. Но, по кусо мислење, мислам дека не би се потресле воопшто. Служба е служба, карактер е карактер, а 'рбетот е и онака дел од излишната анатомија во политиката во која најмногу се цени позадината. Сопствена. 

Затоа, мислам дека во пресрет на баналниот ден на жената во Македонија, сопругите на наведените би дале пригоден придонес кон самите себе и кон одбележувањето на денот на жените во Македонија преку поштедување на јавноста од банално бесмислени пораки, смешкања, заложби. И им се придружат на симпатичните и мили буцмести тетки од пекарата и училиштето карши. Со се потпевнување на Шако Полумента и цупкање по, околу и на кафеански маси. Бидејќи, вистина, се друго би било само комедија на пародијата сервирана од нивните сопрузи.  

Контроверзен избор за нов македонски амбасадор во ОН Фотографија: Valery Sharifulin/TASS/picture alliance

Сепак, парадоксално, колку и да ми е одвратна веста за одлуката на недостојниот на вилата во Водно, таа е на извесен начин сосема соодветна на нашата беда и мизерија. Во која не знаеш што е поодвратно и повулгарно. Мимикријата на женските или цинизмот на машките. Првите даваат се за под плаштот на феминизам да се издигнат до вербално и естетско ниво и карактерно дно на Мирки-камионџијки во надеж дека преку одење во екстрем ќе ја освојат златната средина на трансџендерна естетика. Вторите, машките, одамна имаат дигнато раце од глумење синови на народот, самосведени на конкубини на лидерот. 

Повеќе од Арсим Зеколи: Слава Україні!

За именувањето потпишано од Пендаровски нема да најдете жена-Албанка која ќе протестира. Посебно не во женската албанска политика полна со цимолења „нас жените никој не не есапи, ние жените, ние Албанките, нашите права” и слични бла-бла баналности. Согласно определеното место од лидерот и шефот на огранокот, улогата на албанските политичарки е да периодично взаемно се кубат за коси и разменуваат вриштењаа и епитети пред камери и низ портали. И потоа здружено, како во случајот со Бесмира, се вдадат во љубоморен лов на старици против младите „вештерки”. Честејќи ги со епитети „проституција-дипломатија”, која инаку своевремено се има користено и при нивните сопствени влетувања во политиката. Но штом отаде линијата се зададе некое машко мизогенично, сета приказна за женски права – изветрува, аш, ветер во магла, кротки како хануми во Султански харем. Затоа, политичка коректност по ѓаволите (досега и понатаму) не е прашање колку права имаат жените-Албанки и колкава е нивната застапеност. Реалноста е дека, со вакви модели на политичарки, Албанките дури имаат и повеќе отколку што заслужуваат или се имаат самите изборено. 

Повеќе од Арсим Зеколи:  Првиот жолт картон за Ковачевски

Состојбата во кампусот на македонските жени-политичарки и феминистки е сепак поинаква. Пософистицирана во хипокризија, лицемерие, фарисејство и китење на есенцијалната Нусе природа. Со наслаги и наслаги на пич-прич „џендер еквалити” дебати од типот „разликата во текстурата на менструацијата помеѓу зимскиот и летниот период”. Но, како што покажува номинацијата на Пендаровски и Османи, кога на сцена ќе настапи мажјак со педигре на кротење женички со шлаканици, боксови и клоци, одеднадеж колената се свиткуваат, бранови на еротска топлина струјат низ телцата, усните се оближуваат и феминизмот се фрла на кревет. Податно. Садо-мазохистички. Се на се, Штефици Цвајг теткици и бабички со наочари на Глорија Штајнам. Да не се лажеме, феминизмот во Македонија и на Балканите е либерална верзија на манастирски чедни монахињи во бегство од чирлидерската младост помината во скутовите на шлепер бизнисмени и џандари. Не ви се допаѓа констатацијата? Но ви се допаѓа молкот за изборот на Пендаровски. Енд оф стори за „ваше чувено поштење”.

Македонскиот претседател, Стево ПендаровскиФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Медиумското силување на Бесмира Ејупи и смислено провокативниот избор на Пендаровски и Османи за Амбасадор во ООН не е исклучок, туку составен дел на долгата традиција на фрапантно отворена омраза и презир на лево-ориентираната, до СДСМ блиска македонска интелектуала вперена кон Албанките. Парирана единствено од вулгарните, простачките, идиотски и не помалку шовинистички пароли на албанските хулигани за „македонско девојче...”   Омразата на таа квази-либерална елита е градена паралелно со традиционалната мизогинија кон Бугарките (две червени) Гркинките (фригидни кучки) и рибарските приказни на таксистите за „лесните забулени” (за кои дури ни фамозните ‘феминистки' не се вознемирени). Надополнета со мејнстрим-медиумските вулгарностите на „авангардната професура и дипломатија”, подмолниот шовинизам на Заев во ексклузивно порнографирање на Ермира и премолчување, криење на снимките за оргазмичните воздишки на нејзините колешки од ВМРО и СДСМ. Бесмира е само новата генерација која се соочува со циничноста на таа етничка и социјална удбашка шовинистичка матрица на „авангардата”. Девојчето од сиромашно семејство од Дебарско нема да замине во Њуjорк. но ќе остане потсетник за младите генерации на Албанките за секоја прилика во која "авангардата” ќе почне нова рунда глума на толеранција, разбирање, мултиетничност. Како потсетник за позадината на громбовистичките маски на разно-разни полусенилни врапци, духовни, интелектуални, морални, возбудени, разлигавени, исплазнети наследници на "Чичко Киро пред Вардар”. Нивната порака е примена. Дека од удбашки буквар не бива Буковски. 

Повеќе од Арсим Зеколи:  Јунаци на злите времиња

Таман на ДУИ и Мендух „кусур од ДПА” Тачи им се осладни мантрата за скандалозната дружба на Села, Касами, Таравари, Гаши со Апасиев, одеднадеж и самоволно се најдоа во ист кревет со ликот кој им посакува да заедно со сите Албанци – до смрт! - пливаат во Јадранот. За да тој може дома патриотски да си лафе на бугарскиот „фашистички, татарско-монголски” јазик. Колку шокантна беше запрепастеноста на ДУИ од коалицијата на албанската опозиција со Левица, толку е резил кукавичка нивната сервилност во прифаќање на срамниот предлог на Заев за амбасадор во ООН. Колку помачистички личеше Мендух додека врескаше за удирање шлаканици на Апасиев во Собрание, толку помизерно, победно, дегутатно и кукавички звучи неговиот молк за човекот кој ќе го претставува во Њујорк. Притоа, скраја неговите провокации и гадости, Апасиев нема албанска (па ниту македонска) крв на раце. Не одработувал за тајни служби во едноумие. Што е она што на Али Ахмети и Мендух Тачи им пречи кај лидерот на Левица, а не им пречи кај новиот амбасадор на нивната влада во ООН? Ништо посебно, реално. Им пречи само што не е со нив. Затоа, да не ве лажат. Оние кои се согласни со амбасадорот во Њуjорк, нема да имаат проблем да бидат во коалиција со Левица. Толку за нивната „прозападна, анти-путинистичка” определба.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Што сега. Ќе бараме оставка од Османи? Да. Јас прв ќе побарам. Но оставката е чин на ликови со автономија, достоинство и свест дека некои прашања се побитни од кариерата. Тоа Османи го нема. Да бараме објаснување од Пендаровски, морално извининување и повлекување на потписот? Но и во таа нивна мизерност и морална клоака, обајцата имаат и тоа како битна улога во нашето општество. Нивната единствена активна функција денес и понатаму е да не потсетуваат со сопствените појави, ликови и зборови дека се што тврдат е измама. Дека секоја нивна вредност е фалсификат. Дека секоја нивна одговорност е фингирана. Дека секоја нивна верба во вредности е само лага. Дека навистина, тие ја отсликуваат нашата вистинска состојба и неможноста за промени. Тие се незаборавни ликови на македонската политичка сцена. Во смисла на потсетување за нивната „свест и совесност” кога еден се поблизок ден Јанко Бачев ќе биде именуван за Постојан Претставник на Република Северна Македонија при Обединетите Нации во Њујорк. Притоа, почесен и подоинствен од сега именуваниот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми