1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

За осомничените во Рекет има аудио и видео снимки

БГ
16 јули 2019

Двајцата осомничени во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и Зоран Милевски добија 30 дневен притвор. ОЈО го одзеде и мобилниот телефон на Катица Јанева за да ги провери врските со осомничените.

Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителството за организиран криминал поседува аудио и видео снимки од разговори меѓу осомничените Јовановски и Милевски и сведокот кој бил уценуван, соопшти синоќа обвинителката Вилма Русковска. Во текот на ноќта биле извршени претреси во домот и канцеларијата на првоосомничениот како и кај неговите родители и во домот на второосомничениот. Одземен и е и телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Одбележани пари немаме, но имаме обезбедено снимки од разговори, но и видео снимки. Вршени се претреси кај првоосмничениот дома и кај неговите родители, кај второосомничениот дома и од јавниот обвинител е одземен телефон“, изјави синоќа Русковска.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека гони двајца осомничени затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од обвинителство. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.

Првоосомничениот, како што објасни Русковска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“ за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката.

Првоосомничениот Јовановски се гони и за кривично дело Перење пари, затоа што добиените 1,5 милиони евра „ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор...“

Русковска синоќа потврди дека за првоосомничениот Јовановски постоеле индиции оти сака да избега од државата и затоа бил уапсен на граничниот премин Богородица. За двајцата осомничени се води и финансиска истрага, и доколку не успеат да го докажат потеклото на имотот кој го поседуваат, обвинителството ќе бара одземање. 
Бизнисменот кој бил уценуван, во својство на сведок, веќе бил сослушан од обвинителството откако поднел кривична пријава против осомничените, а потоа и ја дополнил кривичната пријава. Во постапката биле сослушани и други сведоци. Русковска рече дека обвинителките кои се инволвирани во случајот нема причина да бидат изведени пред истражен судија, но истрагата работи на утврдување на сите инволвирани во настанот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми