1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босански воени злосторници пред суд во САД

Геро Шлис / Е.М. Фиданоска13 јуни 2015

Во САД се водат судски процеси против осомничени лица за воени злосторства кои потекнуваат од БиХ. Тие во Америка стигнале со бранот бегалци, на средината од 1990-тите. Босанската дијаспора е вознемирена.

Фотографија: picture-alliance/John Heeneman

"It's correction time" (Време е за корекции), вели лежерно Есад Бошкаило гледајќи втренчено во својот соговорник. Босанците во САД 21 година залудно чекаат на правда, порачува тој. Сега конечно дошло „време за исправање“ на грешките, вели Бошкаило, кој е шеф на психијатрискиот оддел на клиниката Марикопа во Феникс (Аризона), осврнувајќи се притоа на се‘ почестите медиумски извештаи за пресудите за воени злосторства и протерувања на воени злосторници кои потекнуваат од подрачјето на поранешна Југославија.

Ретрауматизација

Бошкаило, кој самиот е Бошњак, вели дека кај дел од неговите пациенти тоа медиумско известување довело до „ретрауматизација“. Објаснува дека на тие луѓе повторно им се враќааат сликите од минатото и од нив не можат да се ослободат.

Не е познато колку воени злосторници има меѓу 150-те илјади босански бегалци кои на средината од 1990-тите дојдоа во САД. Американскиот уред за доселеници, според пишувањето на „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“, отворил околу 300 истражни постапки. Мајкл Мекквин, раководител на истражните постапки во уредот, во разговор за ДВ го потврди тој број. Мекквин наведува дека до 70 осомничени лица во меѓувреме се протерани и вратени во БиХ, или сами побегнале. Еден од оние кои на тој начин добиле прогон е Марко Боскиќ, кој според наводи на Мекквин се борел во единица која активно учествувала во масовните убиства во Сребреница. Боскиќ е испорачан на БиХ, но таму поради соработка со истражните власти добил само десет години затвор. Врз основа на неговите изјави се уапсени и осудени уште четири лица.

Во Феникс, каде живее најголемиот број Босанци, таквите случаи предизвикуваат немир, но влеваат и надеж. „Босанската заедница сега чувствува дека стигнува правдата“, истакнува Есад Бошкаило.

Есад БошкаилоФотографија: DW/G. Schließ

Тортури во шест затворенички логори

Бошкаило потекнува од Почитељ. И тој е жртва на војната. 56-годишниот психијатар, татко на две деца, минал една година во затворенички логори. Според сопствени наводи, бил измачуван и малтретиран. По неговото ослободување бил толку слаб што не можел да стои на нозе. Со помош на ОН и на американската влада успеал да го одведе своето семејство во САД. Своите искуства ги има напишано во книгата „Wounded, I am more awake“.

Бошкаило навидум не е емоционално погоден од истрагите и судските постапки против потенцијални извршители, но истакнува дека други, како една негова 45-годишна пациентка од Сребреница, тоа „посилно ги потресува“. Пациентката во масакрот ги загубила сопругот, два сина, двајца браќа и уште 20 други членови на фамилијата.

Седа ТуруљаФотографија: DW/G. Schließ

„Не игра улога што си“

Како и многумина Босанци и Есад Бошкаило радо оди во ресторанот „Стар град Сараево“, каде гостилничарката Седа Туруља готви специјалитети од БиХ. И таа има свое мислење за уапсените и за процесите. „Не игра никава улога што и кој си: муслиман, Хрват или Србин“, зашто секој мора да одговара за своите злосторства, „дури тоа да е и мој сопствен брат“. Како и сите други бегалци од БиХ, и таа има голема доверба во правосудството во САД. Треба да им се суди овде, а не во БиХ, нагласува таа.

Не го вели тоа гласно, но притоа мисли на босанските Срби, додека босанските муслимани ги иззема од секакво сомневање. Но тоа не ја спречува во својот ресторан да ги пречека припадниците на сите етнички групи. Витомир Шпириќ, гостин во ресторанот, вели дека не сторил никакви воени злосторстца, иако против него од 2005 година се води истрага и процес пред суд прво заради воени злосторства, а потоа и поради сомневање во давање погрешни податоци при доселување во САД. Шпириќ ги отфрла двете обвиненија. „Не сум сторил злосторства“, појаснува тој и додава дека против него се води истрага само затоа што е босански Србина. Во војната дезертирал повеќе пати од редовите на српската војска и воопшто не се борел, тврди Шпириќ.

Витомир ШпириќФотографија: DW/G. Schließ

Тешки доказни постапки

По повеќе од 20 години од завршувањето на војната, тешко е, па дури и незвоможно да се најдат докази за воени злосторства, нагласува Мајкл Мекквин. Така, во многу случаи доаѓа до тоа уредот на САД за доселување на крај да води истраги само поради погрешни наводи при доселување во САД. Тоа тогаш се однесува пред се‘ на босанските Срби, од кои голем дел при влез во земјата не давале наводи за воената служба. Адвокатот на Шпириќ ,Томас Хоидал, зборува за „тенки докази“ и смета дека треба да се стави под знак прашање практиката по неуспешното обвинување за воени злосторства фокус да се става на „погрешни наводи“ при доселувањето во САД.

Шпириќ не е единствен таков случај. Колегата на Хоидал, Крис Бреље, и самиот застапувал 25 такви случаи и тој ги обвинува Мекквин и казнено-поправните установи дека лесно покренуваат постапки против невини луѓе. „Се случија страшни работи. Но, тоа не значи дека мораме судски да гониме луѓе за чие соучесништво во злосторства не постојат докази.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми