1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставете ги Грците да си заминат!

Бернд Ригерт/превод:Ж.Ацеска27 јуни 2015

Грција би требало да остане во ЕУ и еврозоната. Но, грчката влада ноќеска со најавата на референдумот, дефинитивно го прокоцка опстанокот во монетарната унија, смета Бернд Ригерт.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kolesidis

Грчката влада очигледно е зафатена од самоубиствени мисли. Екстремно-левичарскиот премиер Алексис Ципрас, кој во Брисел подмолно само привидно преговараше со кредиторите, побара од својот народ на ненадејно најавниот референдум да го отфрли компромисниот предлог на институциите: ММФ, Европската централна банка и Европската комисија. Човек останува без збор од ваквата дрска постапка и количеството непримерни зборови на грчкиот премиер. Европејците ги растегнаа и извиткаа своите сопствени правила за да и‘ дадат време на хаотичната трупа во Атина и да овозможат останување на Грција во еврозоната. Тие се подготвени уште еднаш да фрлат пари во бурето без дно за да започнат итно неопходните реформи во Грција. Очигледно, залудни љубовни напори!

Дрски уцени

Сега грчката влада, напоредно со навредите кон кредиторите, бара меѓуфинансирање до референдумот дната недела, како и дополнителни итни кредити од Европската централна банка заради одржување во живот на банкарскиот систем во земјата. И тоа без никакви услови. Ваква лудо смела уцена по денови интензивно барање компромисно решение, досега немало во историјата на ЕУ. Бундестагот и останатите држави од еврозоната едноставно не можат да ја прифатат.

Бернд Ригерт

Што ако...?

Што ќе се случи ако Грците конечно го одбијат предлогот на Европејците и ММФ? Тогаш неизбежно настапува државен банкрот и елиминирање од еврозоната.

Што ќе се случи ако народот, против желбата на владата, ја прифати понудата? И тогаш се заканува државен стечај и „грегзит“, зашто и самите добронамерни кредитори никогаш не можат да спроведат ваква програма со целосно неверодостојната и несериозна влада во Атина. Зашто, и за новата помош претпоставка се реформски чекори, кои владата очигледно ги отфрла, а за нив се потребни контроли преку институциите кои грчката влада порадо сака да ги истера од земјата.

Што ќе биде ако Европејците и Европската централна банка уште во вторник, 30 јуни, дозволат да истече програмата за финансиска помош и ја затворат „славината“ за пари за Грција? Ќе следува државен банкрот и по извесно време фактичко заминување од еврозоната.

Веќе е доста!

Како и да се сврти, јамката околу вратот на Грците се стега. Тие тоа го чувствуваат, трескавично се обидуваат да ги подигнат своите последни пари од банкарските сметки. Европејците, кои сега навистина прескокнаа многу над својата сопствена сенка, не можат да ги прифатат невозможните барања од Атина. Оној кој не дозволува да му се помогне, мора да си замине.

Британскиот премиер Дејвид Камерон има право кога вели дека тоа би било подобро. Алексис Ципрас ја води земјата во бездна, сосема како во грчката трагедија, каде херојот на крајот умира. За кредиторите ваквото нерегулирано излегување на Грција од заедничката монетарна унија ќе биде скапо, многу кредити ќе пропаднат. На земјата, како на членка на ЕУ, ќе и‘ треба и натаму хуманитарна помош. Без оглед на тоа, со тешко срце велам: доволно е, Грцијо! „Грегзитот“ е неминовен.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми