1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на Матијас Плацек

ЖА/дв/дпа/афп29 јули 2013

Социјалдемократскиот политичар Матијас Плацек според медиумите од здравствени причини се повлекува од функцијата премиер на германската покраина Бранденбург и партиски шеф во покраината.

Фотографија: Getty Images

Политичарот на опозиционата Социјалдемократска партија уште во текот на денешниот ден официјално ќе го соопшти повлекувањето од премиерската позиција во Бранденбург и функцијата претседател на СПД за покраината, јавуваат медиумите, повикувајќи се на партиски кругови од Потсдам. 59-годишниот Плацек се повлекува на 28 август, а негов наследник треба да биде покраинскиот министер за внатрешни работи Дитмар Воидке.

Партиското раководство на СПД и пратеничката група на партијата попладнево на седница го решаваат прашањето за наследник на Плацек, по што Плацек ќе се обрати пред новинарите. Покраинскиот парламент својата прва седница по одморите ќе ја има на 28 август, кога може да го избере наследникот. Следните редовни покраински избори во Бранденбург се предвидени за есента 2014 година.

Плацек во јуни имаше лесен мозочен удар. Поранешниот министер за екологија функцијата покраински премиер ја презеде во 2002 година од Манфред Штолпе. До 2009 година тој беше на чело на црвено-црна коалиција со Христијанско-демократската унија. Оттогаш тој е на чело на коалиција со Левицата.

Од крајот на 2005 до пролетта 2006 година Плацек кратко време беше претседател на германските Социјалдемократи на сојузно ниво. Поради здравствени причини тој по 146 дена на должноста се повлече, останувајќи само на покраинските функции.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми