1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остануваат ли вратите на НАТО отворени за нови членки?

Бернд Ригерт / Александар Методијев28 март 2014

Овие денови НАТО слави јубилеи од своето проширување кон Источна и Југоисточна Европа. Расположение за славје нема, поради конфронтацијата со Русија. Исто така и примањето на други членки е чувствителна тема.

Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

15, 10 и 5 - НАТО оваа пролет има троен јубилеј. Во март 1999 година Полска, Чешка и Унгарија станаа првите членки на Алијансата кои се поранешни земји на Варшавскиот пакт. Во aприл 2004 година се случи т.н. „биг бенг“, или проширувањето на НАТО кон балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија - сите три поранешни советски републики, како и кон Бугарија, Романија, Словенија и Словачка. Во април 2009 година беше направена досега последната рунда на проширување со Албанија и Хрватска.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен го гледа ширењето на Алијансата кон исток и југоисток како нешто природно позитивно.

„Политиката на НАТО за отворени врати беше вистински успех“, рече Расмусен кратко по годишнината од приемите во Брисел. Оваа политика не е закана за Русија или кој било друг. „По крајот на Студената војна пред 25 години имаме историска шанса да им го понудиме нашето пријателство на сите земји, за да се елиминираат болните линии на поделби и да се постигне долгорочната цел за зближување и создавање на обединет, слободен и мирен континент“.

Засилен отпор од Русија

Но, Русија на ова гледа поинаку. Тој на НАТО самитот во Букурешт во 2008 година тоа несомнено го нагласи. „Појавувањето на моќен воен сојуз на руската граница ќе се смета како дирекна закана“, рече тогаш Путин на прес-конференција. НАТО тогаш во Букурешт им даде генерално уверување дека тие кога било можат да и’ се приклучат на Алијансата. Конкретни обврски беа избегнати поради противењето на Путин. Но, Путин не секогаш се противеше. На почетокот на неговиот мандат тој немаше ништо против „новото НАТО“, па дури и во интервју за Би-Би-Си, дадено во 2000 година, тој размислуваше за ченство на Русија во Алијансата. „Зошто да не“, рече тогаш Путин.

За Путин НАТО останува противникФотографија: AP

Но, воздржаноста растеше со текот на годините, посебно по приемот на трите балтички земји во НАТО во 2004 година, кои порано беа советска територија.

„Имаме длабоко чувство дека Русите и јавното мислење во земјата погрешно разбираа и разбираат. Русите стравуваат од опколување“, вели Жил Мерит во изјава за Дојче веле. Тој е раководител на „Безбедносната и одбранбена агенда“ (СДА), тинк-тенк организација во Брисел за безбедносно-политички прашања. „Ние на Запад направивме сериозни грешки со политичките пораки кои и’ ги испраќавме на Русија. Воопшто можноста да се разгледува членството на Украина или Грузија во НАТО беше лоша политика“, смета Мерит.

Жил Мерит, раководител на „Безбедносната и одбранбена агенда“Фотографија: Veronica Over

Обама: НАТО во моментов не сака да прими други членки

Во актуелната политичка криза околу Крим, на почетокот од месецов, генералниот секретар на НАТО Расмусен на состанок со украинскиот премиер Арсениј Јацењук понуди воена соработка со Украина и заеднички маневри. За да не ја заостри кризата со Русија, на новинарско прашање дали Украина сака членство во НАТО, Јацењук одговори: „Тоа го немаме на радарскиот екран“.

Во однос на таа тема, американскиот претседател Барак Обама оваа среда (26.03.), за време на неговата посета на Брисел, беше невообичаено јасен: „Ни Украина, ниту Грузија се на пат кон членство во НАТО. Не постојат планови за ширење во догледно време. Знам дека Русија, барем зад затворени врати, аргументира дека причината за нејзината загриженост околу темата Украина е стравот од потенцијално членство на Украина во НАТО“, рече Обама.

Официјачен заклучок на повеќе НАТО-самити беше дека вратата на НАТО е отворена за секоја демократија во Европа. Низ таа врата сака следна да мине малата држава Црна Гора. Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ за време на неговата последна посета на седиштето на НАТО изрази надеж дека неговата земја „ќе добие покана за членство во Велс“. Таму во септември треба да се состанат шефовите на држави или влади од земјите-членки на НАТО на следниот самит.

Покрај Црна Гора, членство во НАТО посакуваат и Македонија и Босна и Херцеговина. Државите на Балканот ветуваат поголема стабилност во регионот. И Грузија, чии отцепени региони Абхазија и Јужна Осетија од 2008 се окупирани од Русија, сака членство во НАТО. Но, шансите за тоа, поради конфликтот со Русија, се многу мали. Само Србија не сака во НАТО. Таа има многу големи резерви за членството во НАТО поради бомбардирањето од страна на трупите на Алијансата за време на војната во Косово во 1999 година.

Јацењук (десно) ја смирува Русија - членството во НАТО не е во радаротФотографија: picture-alliance/dpa

За балтичките држави членството во НАТО е сигурност дека ним нема да им бидат отцепени делови како што и’ беше направено на Украина, односно дека нема да им се случи анексија од Русија. Во Полска размислувањата се слични. Според анкети на јавното мислење, 50 проценти од Полјаците го сметаат членството во НАТО како гаранција за државната независност. Поддршката за НАТО во Полска е поголема отколку за економски значајната ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми