Остануваат старите забелешки
27 јули 2009По позитивните оценки за начинот на кој Република Македонија ги спроведе реформите за добивање на визната либерализација од Европската унија, ова ќе биде нова добра вест од Брисел. Општо земено, Брисел е задоволен од тоа како се остварува Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Република Македонија и ќе треба да препорача таа да премине во втората фаза. Сепак, од Советот за стабилизација и асоцијација ќе бидат соопштени и извесен број забелешки. Имено, иако земјата забележала напредок, многу прашања остануваат отворени, како одраз на отсуството на политичка волја да се напредува.
Според некои оценки, и покрај забелешките на сметка на Македонија, земјата е на пат да ги исполни осумте услови кои и‘ беа поставени за да добие датум за преговори. Најнегативните оценки се однесуваат на судството и на јавната администрација. За судството се бара да ја зајакне независноста, а во јавниот сервис да се избегне политичката интервенција во кадровската политика. Постојат забелешки и околу брзото донесување на законите, при што парламентот е претворен во машина за гласање, а нагласена е и потребата од обезбедување слобода на изразувањето и слобода на медиумите и слобода за собирање.
За начинот на кој поминаа последните избори ќе биде нагласено дека тоа претставува значаен чекор напред за демократијата во земјата, но ќе се побара одговор и акција околу извештаите за притисоците и вознемирувањата на гласачите и повторно информација до каде е судењето на тие што учествуваа во изборните инциденти.
Обврските треба да се исполнуваат не само квантитативно, туку и квалитативно
Се очекува Брисел уште еднаш да порача дека целосното спроведување на Охридскиот договор е клучен политички критериум, при што треба да се обезбеди целосна имплементација на Законот за јазиците и да се промовира интеграција на заедниците и да се решат интеретничките тензии на локално ниво. Европската унија ќе побара рамноправна застапеност и на другите помали малцински групи во Македонија, како Турците и Ромите. Брисел, според очекувањата, би требало да инсистира не само на квантитативно исполнување на овие обврски туку и на квалитативната компонента, односно, покрај етничката припадност, да се внимава и на квалификациите.
Околу економската ситуација во Македонија, се очекува ЕУ да порача дека стабилноста е задржана, но дека постои нарушување на платниот баланс кон странство, па фискалната дисциплина станува многу важна. Нема да биде заборавен ниту спорот со ЕВН, за кој на индиректен начин ќе биде речено дека станува збор за непокажување доволно напредок во јакнењето на владеењето на правото и спроведувањето на договорите, а потоа и подиректно со пораката дека треба да се обрне посебно внимание на некои отворени прашања во однос на дискриминацијата во енергетскиот сектор.
Се‘ зависи од извештајот на ЕК
Што се однесува до отворениот билатерален проблем околу името, ЕУ ќе го повтори ставот дека е потребно заеднички прифатливо решение како суштинско нешто за евроинтеграцијата на Македонија.
Во Брисел, засега, никој од страна на Европскиот совет не сака гласно да каже дали Македонија ќе добие датум за преговори до крајот на шведското претседавање со ЕУ. Според шефот на шведската дипломатија Карл Билд, сé ќе зависи од извештајот на Европската комисија.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска