1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри критики од „Конрад Аденауер“ за ВМРО-ДПМНЕ

22 декември 2016

Наместо да ја прифати волјата на мнозинството и да се насочи кон внатрепартиски реформи, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја задржи разјадената власт, пишува во анализа за состојбата во Македонија, фондацијата Конрад Аденауер.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Фондацијата на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел упати остри критики за недемократско однесување кон ВМРО-ДПМНЕ. Во анализа објавена денеска на интернет-страницата на фондацијата „Конрад Аденауер“, сестринската партија од Македонија се критикува поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирањето на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори.

Во анализата под наслов „Народот одлучи“, се наведува дека изборите, иако биле досега најслободните и најдемократски, не донеле политичка стабилност. „Напротив, последните денови беа пример за недемократско однесување пар екселанс. Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири“, пишува авторот Јоханес Реј.

Тој натаму проценува дека доколку СДСМ успее да освои уште едно пратеничко место по прегласувањето во Теарце в недела, тоа би им ги зголемило шансите за создавање коалиција. Колку е реално СДСМ да освои 304 гласови во Теарце, не може никој да предвиди, но всушност тоа и не игра никаква улога:
„Партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд најави дека нема да учествува во прегласувањето - грубо непочитување на изборното право“.

Внатрепартиски реформи

Последните денови беа пример за недемократско однесување пар екселанс, анализира Фондацијата. Фотографија: picture-alliance/dpa

Со меѓунасловот „Игнорирање на гласачката волја“, започнува и серијата критики кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Со губењето на 19 пратенички места, гласачите ѝ испратија јасен сигнал за промени на владејачката коалиција, сигнал кој пред сѐ не се прифаќа од ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на Прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на ДИК минатата сабота се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се дезавуираат, и се затвора вратата за меѓународната заедница. 

Останува нејасно, зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за жалбите на опозицијата, ѝ го соопшти ова на јавноста. Очигледно не постои никаква доверба во државните институции“.

Понатаму се критикува и создавањето „непријателски имиџ“ кон странците од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на ЕУ. Но, да им се префрла на амбасадорите и странските претставници мешање во внатрешните работи и директно влијание врз работата на поединци во ДИК, е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми.

Заканата, преку нова финансиска регулатива да се потчинат невладините организации, нема да успее. Демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“, се наведува во анализата. 

Последната средба на Груевски и Меркел се одржа во август 2014 годинаФотографија: MIA

Личните интереси и натаму пред државните

Околу можниот исход од изборите и идните коалиции, „Конрад Аденауер“, прогнозира дека досега владејачката ДУИ поради големите изборни загуби и внатрепартиски превирања, „нема повторно да коалицира со конзервативците“.

„Следните недели ќе бидат возбудливи. Од нови избори напролет заедно со локалните избори, па сѐ до отворена борба за превласт, сѐ е можно. Никој не може да гарантира дека ќе остане мирно. Додека обичните луѓе луто гледаат од страна, атмосферата кај членовите на сите партии е многу напрегната. Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да делуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции“.

„Со големата излезност на изборите, гласачите ја покажаа својата зрелост и со својот глас побараа промени во политичкиот естаблишмент. Но нивната желба за политичка стабилност и нормалност и натаму не се почитува. Личните интереси повторно се ставаат над добробитта на заедницата. Македонија загазува уште подлабоко во криза“, заклучува фондацијата „Конрад Аденауер“ во анализата за состојбата во Македонија.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ е активна преку своја канцеларија во Македонија од 2000. година. Оттогаш, фондацијата која важи за блиска до германската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) поддржала бројни проекти за евро-атлантската интеграција на земјата. Притоа, преку разни семинари, конференции и работилници се обучуваа и политичари, новинари и општествени чинители. Особено блиска соработка оваа фондација има со ВМРО-ДПМНЕ, која важи за сестринска конзервативна партија на германската ЦДУ. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми