1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри пораки од Берлин до Скопје

Б.Георгиевски30 октомври 2015

Германија е разочарана од неисполнувањето на обврските од Договорот од Пржино, му пренел специјалниот ополномоштеник на германската влада Ернст Рајхел на македонскиот амбасадор во Берлин

Фотографија: DW/Arben Muka

Германската влада го повикува ВМРО-ДПМНЕ „да покаже волја и најбрзо што може конструктивно да ги спроведе Договорите од 2 јуни и 15 јули“. Ова деновиве на македонскиот амбасадор во Берлин, Сашо Марковски му го соопштил специјалниот ополномоштеник за Западeн Балкан, Турција и државите на ЕФТА на германската влада Ернст Рајхел (на фотографијата).

На разговорите, Рајхел нагласил дека и „СДСМ мора и понатаму да се однесува конструктивно и да се придржува до обврските преземени со спогодбата од Пржино, особено да не објавува понатамошни снимки од телефонски разговори“.

Како што се наведува во официјалното соопштение од средбата, Рајхел го повикал Марковски за да му ги пренесе „разочарувањето и загриженоста“ на Владата во Берлин за имплементацијата на спогодбата од Пржино, која сѐ уште изостанува.

„Целта на Спогодбата е да се создадат еднакви шанси за сите партии за претстојните избори, пред сè, преку спроведувањето на препораките за реформи содржани во таканаречениот Прибе-извештај. Понатамошно неспроведување ќе има последици врз оценувањето на земјата од страна на Европската Комисија во претстојниот извештај за напредок“, се наведува во соопштението.

Рајхел ја посети Македонија во мај годинава, веднаш по жестоките судири во Куманово.
На разговорите со политичките лидери тој тогаш побара од „Владата да положи сметка на конкретен и суштински начин за многуте обвинувања за сериозни владини нерегуларности, кои што излегоа на површина“. Рајхел исто така, изрази очекување и за „независна и кредибилна судска истрага“ во врска со обвинувањата кои беа изнесени преку објавените прислушувани материјали, а кои содржеа наводи за коруптивни практики, недозволено владино влијание врз правосудниот систем и интегритетот на изборниот процес.

Како што веќе пишувавме, во јуни годинава, и германското министерство за надворешни работи ја спушти официјалната оценка за билатералните односи со Република Македонија на ниво на „задоволителни“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми