Грчкиот остров Икарија е дом на повеќе стогодишници отколку на кое било друго место во светот. Која е нивната тајна за долг живот?
Реклама
Овој грчки остров ја крие тајната на долгиот живот. Еден од тројца жители на Икарија е во своите 90-ти години.
„Овде имаме чист воздух и чиста вода. Тоа е она што е важно, знаете “, вели 90-годишниот Вангелис Каруцос.
Тој и во деветата деценија од животот е исполнет со енергија. Познат е како Џејмс Дин од Икарија. Страста е неговата тајна за долговечност, вели локалниот лекар Илијас Леријадис.
„Тука ги имате сите предуслови за добар сексуален живот: позитивен став, здраво тело и душа, многу социјални собири, многу слави. Неодамна, 92-годишник ми дојде на пракса и ми рече: Докторе, и покрај мојата возраст, сè уште можам сѐ да правам добро. Прашав: Што мислиш со сè? И тој одговори: Кога ќе кажам сè, мислам сè! “
101-годишниот Димитриос Хруси го споделува својот рецепт за долг живот. Малку стрес и здрава исхрана: „Јадам риба многу. Има и месо, но не повеќе од двапати неделно. И само сакам леќа, грашок и грав “. Неговата сопруга Тула наполни „само“ 93 години: „За разлика од него, јас не можам да пијам вино, тоа ми создава осип. Затоа пијам само пиво!“
Луѓето овде во просек живеат 10 години подолго од оние во остатокот на Европа. Икарија е наречена „Остров на стогодишниците“. Можеби тајната навистина е во живот полн страст и без стрес.
Контактите имаат животно значење
Во нашиот дигитализиран свет, во кој комуницираме повеќе преку смартфони отколку лично, брзо се заборава важноста на меѓусебниот допирот на луѓето. Телесниот контакт е потребен за физичкото и психичкото здравје.
Фотографија: Colourbox/T. Srilao
Важно ракување
Научниците откриле дека преку кожата, преку допир, луѓето можат да почувствуваат одредени емоции како љубов, гнев, благодарност и одбивност. Редовните позитивни допири ги разградуваат агресиите и помагаат во создавање емоционални врски, а придонесуваат и за одржување на социјални поврзувања.
Комуникацијата преку допир може да помогне во создавање доверба и да ја подобри соработката. Студија покажала дека професионалните кошаркари и екипи кои на почетокот на сезоната практикувале посилна телесна интеракција, на пример преку групни прегратки, остварувале подобри резултати во подоцнежните натпревари.
Фотографија: Reuters/A. Perawongmetha
Прегратката влева сила
Прегратките сигнализираат поткрепа и помагаат во разградувањето на акутен стрес. Според истражувањата, расположението кај луѓе кои во текот на конфликтен и непријатен ден доживеале прегратка, значително било подобро. Овој начин на поддршка им помага посебно на луѓето со пониска самодоверба во надминување на сопствената несигурност. Прегратките помагаат дури и за поголема отпорност кон настинка.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Gul
Допри ме!
Двојките кои се држат за раце или се прегрнуваат, му носат придобивки на своето здравје, зашто ваквиот телесен контакт доведува до намалена фреквенција на срцето, го снижува крвниот притисок и го намалува лачењето на штетниот хормон кортизол. Двојките дури можат преку допири да ги синхронизираат срцевите отчукувања и мозочните електробранови!
Фотографија: AFP/Getty Images/P. Singh
Масажите - повеќе отколку опуштање
Допирите не се само пријатни, туку се успешни и како средство против болки. Научниците од Универзитетскиот медицински центар Дјук дошле до сознание дека масажата на цело тело ги намалува болките и ја зголемува мобилноста кај пациентите кои страдаат од артритис. Притоа, не профитираат само масираните, туку масажата има позитивно дејство и врз масерите!
Фотографија: apops/Fotolia.com
Бебињата имаат потреба од допир
Кај предвремено родени бебиња, масажите помагаат во зголемување на телесната тежина. Преку стимулација на нервниот систем се лачат хормони кои ја подобруваат апсорпцијата на храна. Ублажувачкото дејство против болка на контактот преку кожата им помага на бебињата во пребродување на медицински интервенции. Допирите го инхибираат стресниот хормон кортизол и го ослободуваат хормонот окситоцин.
Фотографија: picture-alliance/AP/Sharp HealthCare
Самомасажа
Позитивно дејство има и самомасажа, при што поцврстите допири се поефективни отколку полесните. Јогата и некои видови спорт, како кревање тегови, кај кои контактот меѓу телото и подот е поинтензивен или притисокот врз одредени телесни делови е голем, имаат разградувачко дејство врз стресот.
Фотографија: Colourbox
Техника за допири
Со цел и луѓето со ампутирани делови од телото да не мора да бидат исклучени од допири, создадени се сензорски протези. Одделни научници се занимаваат со развој на електронска „кожа“, способна да прави разлика меѓу различни површини, како и да чувствува студ или топлина.