1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда за Иванов и ВМРО-ДПМНЕ во Европскиот парламент 

БГ
5 април 2017

Советот на ЕУ, Европската Комисија и пратениците во Европскиот парламент очекуваат од македонскиот претседател да ги почитува демократските норми, а од ВМРО-ДПМНЕ да се однесува одговорно

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од институциите на ЕУ уште еднаш стигнаа остри критики на сметка на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ поради блокадите на демократските процеси во земјата. Во Европскиот парламент во Стразбур, известувачот за Македонија Иво Вајгл вечерва го презентираше извештајот за Македонија кој го поддржаа и Европската Комисија и Советот на ЕУ. 
„Парламентот не може да биде формиран поради систематски опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов. Неговото однесување беше критикувано од ЕУ, САД и НАТО. Позицијата на Иванов само ја открива неговата партизираност“, рече Вајгл во воведното обраќање. 
Јан Борг од Советот на ЕУ уште еднаш ја потенцираше големата загриженост поради тоа што сѐ уште нема влада во Македонија. Тој потсети дека и претседателот на Советот, Доналд Туск при последната посета на Скопје побара државништво и единство во земјата. Изразувајќи поддршка за работата на СЈО, Борг рече дека новата влада мора да работи на реформи во земјата преку реализирање на Договорот од Пржино и препораките од Извештајот на Прибе. 
„Очекуваме прв приоритет на владата да бидат реформите во корист на земјата и граѓаните и враќање на земјата на европскиот пат“, рече Борг и на крајот ја поздрави улогата на граѓанското општество во земјата и порача дека новата влада ќе мора целосно да ги реализира сите обврски од Рамковниот договор. 
Невен Мимица од име на Европската Комисија исто така ја истакна загриженоста од одбивањето на Иванов да го додели мандатот. 
„Бараме од Иванов да ги почитува резултатите од изборите и да дозволи функционирање на демократијата. Загрижени сме поради потпалувачката реторика на некои политички актери кои ги загрозуваат меѓуетничките односи“, рече Мимица. 
Брзото формирање на новата влада нема да биде доволно само по себе, порача Мимица и дополни: „ќе инсистираме на целосно спроведување на Договорот од Пржино и реформи во владеењето на правото“. „СЈО треба да добие време и ресурси да си ја заврши работата“, рече тој во обраќањето.
Едуард Кукан од Европската народна партија рече дека сѐ уште чека да го види светлото на крајот на тунелот од кризата во Македонија и го повика „претседателот Иванов да ја почитува волјата на мнозинството“.
Тонино Пицула од групата на социјалистите ги критикуваше ВМРО-ДПМНЕ и Иванов дека „соочени со губење на власта ја доведуваат земјата во уште подлабока криза“. „Тие поттикнуваат протести, ги игнорираат претставниците на ЕУ, го блокираат парламентот, а загрозени се и локалните избори“, рече Пицула. 
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми