Осудени Готовина и Маркач
15 април 2011Генерал Анте Готовина, како и генерал Младен Маркач, се прогласени за виновни како соучесници во здружен злосторнички потфат и виновни се за прогон, депортации, грабежи, разурнувања, нечовечки дела и свирепо постапување. Анте Готовина, според Судскиот совет на Хашкиот трибунал, командувал со сите хрватски единици на подрачјето на Сплит и издал наредба за напад на Книн, Грачац, Бенковац и Обровац. Освен тоа, тој направил и пропусти во спречувањето злосторства и казнувањето на сторители на злосторства.
Хашкиот суд, изрекувајќи ја пресудата денеска, заклучи дека хрватските сили во текот и по операцијата „Бура“ во 1995 година извршиле прогон на српското население. „Имајќи предвид дека голем број злосторства над краинските Срби се извршени за краток период, Советот заклучува дека постоел распространет и системски напад, насочен против српското население“, изјави претседавачот на Судскиот совет, Алфонс Орие.
Тој додаде дека „хрватските воени сили и специјалната полиција извршиле убиства, постапувале свирепо, извршиле нечовечки дела, разурнувале, ограбувале, прогонувале и депортирале, во согласност со наводите на обвинението“.
Во злосторничкиот потфат учествувал и дел од раководството
Судиите во Хаг заклучија дека иако постоеле планови на краинските власти за евакуација на локалните Срби, стравот од насилство и притисокот кои ги создале хрватските сили предизвикале атмосфера во која тие луѓе немале друг избор, освен да заминат. Според судиите, дел од хрватското политичко и воено раководство, на чело со претседателот Фрањо Туѓман, во летото 1995 година, учествувал во злосторничкиот потфат. „Туѓман имал намера да ја насели Краина со Хрвати, па се погрижил тие негови идеи да се преточат во службена политика и акција“, изјави Орие.
Третиот обвинет генерал, Иван Чермак, денеска е ослободен. Хашкиот трибунал пресуди дека тој не е виновен по ниедна точка од обвинението и не учествувал во злосторнички потфат.
Жалби на пресудите, одбраната на Готовина и Маркач може да поднесе во рок од триесет дена, а жалбената постапка, во најлош случај би можела да трае година и половина. Лука Мишетиќ, еден од адвокатите на Готовина изјави:
„Не сакам да етикетирам никого, но миожам да ви кажам дека бев наивен што очекував дека судијата ори ќе донесе одлука исклучиво врз основа на фактите и правото.“
Судењето на тројцата генерали почна пред нешто повеќе од три години, а Чермак и Маркач во притворот на Хашкиот суд се од 2004 година. Готовина во Хаг е притворен во 2005-тата. Читањето на пресудите во Хаг се следи со напрегнатост во Хрватска. На Плоштадот на бан Јелачиќ во Загреб, неколк илјади луѓе со извици на незадоволство и пцовки ги дочекаа пресудите за Готовина и Маркач и со аплауз ослободителната пресуда за Чермак.
Автор: ЕМФ/ЖА/хина/бета
Редактор: Трајче Тосев