1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осум минути и 46 секунди

5 јуни 2020

На социјално поле, Америка со преку 40 милиони невработени е вистинско буре барут. Сега знаеме дека првиот кој го запали чкорчето беше белиот полицаец кој го уби Афроамериканецот Џорџ Флојд. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Осум минути и 46 секунди молк во спомен на Џорџ Флојд, Aфроамериканецот убиен од полицијата минатиот 25-ти мај. Тишина по речиси 10 дена насилства и протести кои ја дигнаа на нозе цела Америка, давајќи им одново глас на милиони и милиони Американци.

Бранот на протести, многу од кои мирни и пацифистички, но во голем дел и насилни, во оваа веќе неверојатна 2020-та година додаваат дополнителна несигурност во однос на претседателските избори во САД закажани за 3 ноември. Позитивните реакции на Вол Стрит говорат дека пазарот и понатаму има доверба во потврдата на Трамп и неговите фискални иницијативи за помош на големите компании. Трамп, кој со својат мачоизам, политички екстремизам и антинаучност успеа по здравствената и економската криза дополнително да ја подели Америка за време на расните тензии, и понатаму се надева на „тивкото мнозинство“ пласирано на времето од Ричард Никсон. Но, ако милионите луѓе кои излегоаа на улиците, успеат да ги понесат луѓето да излезат и на гласачките места, ете како патот на Џо Бајден кон Белата Куќа, кој веќе води во сондажите, може да стане реалност.

Познато сценарио

Сценариото и механизмот на хаос и поделби во Америка е веќе познато и има бројни преседани во историјата на земјата. Од немирите и протестите во 60-тите години, преку движењата за човекови права, до урбаните судири во 1992 година во Лос Анџелес. Секогаш прво претходи некое бесмислено насилство и неправда на сметка на афроамериканското малцинство. Потоа експлодира протестот. На протестите најчесто се придодаваат најнасилните и екстремистички сили на белите супрематисти, ситниот криминал или двете заедно, па потоа и самите Афроамериканци, најчесто водени од младите и фрустрираните кои потоа прават двојна штета на афроамериканската заедница. Кои веќе жртви на расизмот, во најголем дел погодени од кризата на коронавирусот и социјалната драма на отпуштања, потоа дополнително осиромашуваат од насилството на младите кои дивеаат во нивните населби. Исфрустираната афроамериканска младина растена во субкултурата на виктимизмот гледа опрадување во грабежите како економски надоместок за социјалната мизерија.

Криза на претседателот

Денешната криза на Америка е тотална. Таа е здравствена, економска, социјална и политичка.

Соочувањето на Трамп со здравствената криза и епидемијата го означува почетокот на кризата и на самиот претседател, кој несовесно и катастрофално ќе се постави пред здравствената драма предизвикана од вирусот. Прво ќе се обиде да ја минимизира опасноста од вирусот, потоа ќе воведе рестриктивни мерки, па ќе се фокусира на надворешниот непријател како Кина, за во периодот на уште понесовесно олабавување на мерките и експлозија на расните судири, да се насочи и на креирање на домашните непријатели. Демонстрантите ќе ги нарече домашни терористи и ќе се накоми против Антифа, најавувајќи и можно распоредување на американската војска против демонстрантите. Но, во овие моменти на хаос и очај, Американците ќе откријат нов бранител на нивната либерална демократија во Пентагон. Од министерот за одбрана Марк Еспер, до поранешниот министер и почитуван десничарски генерал Џим Матис, војската се дистанцираше од Трамп и му упати порака дека нема бидат вовлечени во политичката арена, уште помалку да бидат употребени против демонстрантите.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Cohen

Економски гледано расните тензии дојдоа во најлошиот момент за американската економија. Со преку 100 илјади мртви и 40 милиони нови невработени како последица на пандемијата, САД се соочуваат со насилства и грабежи кои само дополнително ја туркаат надолу веќе ранетата економија. Многу од локалните бизниси веќе погодени од локдаунот, сега и жртви на ограбувања, се соочуваат со пропаст и затворање на своите продавници. Оние кои останаа поштедени се соочуваат со намалена побарувачка и конзументска јавност која се уште е уплашена, оставајќи ги со прашањето дали воопшто се исплатува повторно да отворат.

На социјално поле, Америка со преку 40 милиони невработени е вистинско буре барут. Сега знаеме дека првиот кој го запали чкорчето беше белиот полицаец кој го уби Афроамериканецот Џорџ Флојд. Станува збор за страшен и трагичен настан кој за жал е премногу нормален за американското општество. Истото се случуваше и за време на претседателството на Барак Обама, кој не успеа да се наметне како лидер на една пост-расистичка Америка, веќе помирена со себе и со својата расна омраза. Сега насилствата се само дополнителен удар по социјално најзагрозените Афроамериканци. Во секоја голема криза афроамериканската популација трпи стапки на невработеност и загуба на примања далеку поголеми од американскиот просек. За тоа најдобро говорат и состојбите во Детроит и Флинт, лулките на автоиндустријата, каде во златните години на бизнисот се создаде голема афроамериканска „работничка аристократија“, која потоа ќе биде првата која ќе осиромаши како последица на општествените и економски кризи во САД.

Неочекуван подарок за Трамп

На политички план насилството и грабежите се претворија во неочекуван подарок за Доналд Трамп. Нарацијата на Трамп е совршено извртување на логиките и пренасочување на вниманието и одговорностите. Трамп ги осуди екстремистите на левицата нарекувајќи ги криминалци и крадци. Ги нападна голем број на градоначалници и гувернатори, дека не ги презеле неопходните мерки со цел да ја заштитат популацијата и најсиромашните. Ги наброја уништените бизниси, полицајците принудени да бегаат од демонстраните и медицинските работници кои се соочуваат со корона кризата и кои имаат страв да се вратат во своите домови како последица на урбаната герила. „Ова не е протест, ова е домашен тероризам“, ќе заклучи Трамп, додека пред цела Америка во рака ја покажуваше библијата. Станува збор за совршена предизборна пропаганда и реклама на Трамп, кому ситуацијата во овие моменти му оди во корист и кој така се надева да излезе од својата криза на популарност.

Фотографија: Reuters/T. Brenner

Трамп се надева дека ќе го повтори успехот на Ричард Никсон, избран двапати во 1968 и 1972 година, бидејќи околу него се обедини тивкото мнозинство од електоратот уплашено од насилствата и расните судири во седумдесетите. Џо Бајден од друга страна се наоѓа во деликатна состојба, и треба да се потсети дека кога левицата ги полни улиците, тоа потоа најчесто не се преведува во нужно полнење на избирачките места. Бајден се соочува и со дополнителен проблем. Левото крило од партијата, радикалите од универзитетите и младите кои гласаа за Берни Сандерс веќе се сомневаа во Бајден дека е премногу умерен. Сега, Америка во пламен се рефлектира и врз демократската гласачка база која е спремна да се подели и да не излезе на избори доколку Бајден не испадне на висина на задачата. Доколку одбере за потпретседател жена Афроамериканка тоа би можело да му помогне, но во исто време да се соочи и со бурна реакција на умерените белци, кои со негодување ги следат насилствата низ Америка.

Претходни колумни од авторот:

Европската унија пишува историја

Kако и кога завршува една пандемија?

Царот Путин е гол во ерата на короната

Пандемиска Студена војна меѓу САД и Кина

Политичките реперкусии од тоа што се случува се комплексни и многуслоевити. Останува отворено прашањето дали Америка ќе се соочи со нов локдаун доколку следува нов бран на заразени, особено поттикнат од бурните и масовни протести. Експлозијата на бесот беше во огромен дел предизвикана од веќе натоложениот немир како последица на рестрикциите, парализата на економските активности, општествениот живот и социјалната криза. И овие работи одат во полза на Трамп имајќи во предвид дека веќе сме сведоци на една политичко-идеолошка поделба во Америка, каде десницата е најнестрплива за враќање на нормалноста.

Иако голем дел од столбовите на трампизмот се опасно нагризани, остануваат многу непознаници кои ќе се расчистат само на претседателските избори. Тоа што е трагично е што на претседателот кој е отворен расист и поддржувач на екстремистите, расистите и фанатиците, му одговара овој бунт.

Поради неспособноста на Трамп во соочување со корона кризата САД имаат преку 100 илјади починати и над 40 милиони невработени. Трамп по сите логики е во пад и би требало да е на излезна врата. Но, што ако уште повеќе ја подели Америка и ја забетонира својата поддршка од белата популација?! Што ако тргне во војна со социјалните мрежи?! Ете како насилникот глуми жртва. Трамп во овој конструиран хаос, во општество кое е сериозно поделено, знае дека и најмалото чкорче може да се претвори во национален пожар.

И тоа не му одзема гласови, напротив, го зајакнува. Затоа и одлучи да долева бензин на оганот. Стратегијата на Трамп е луцидна и свесна - циничен десничар против демек деструктивните левичари.

Премногу пати видено сценарио досега, и Трамп знае дека тивкото мнозинство се буди и обединува околу државата колку повеќе таа чекори кон хаос или кон граѓанска војна.

Пораката е јасна, медиумите и социјалните мрежи се на страната на левицата, левицата краде и пали по улиците, црнците и латиносот се заканата, естаблишментот е против граѓаните, но - ние сме луѓето, а јас сум вашиот чувар, гласи пораката на Трамп. Америка не е една.

Две визии

Политичката историја на првата модерна демократија е родена заедно со борбата против ропството и колонијализмот. Народ издигнат преку две дијаметрално спротивни визии за Републиката: онаа традициналната на слободните аристократи кои живеат од маката и трудот на робовите, и онаа модерната базирана на слободата и на еднаквите права.

Овие две визии за слободата, едната како привилегија на најдобрите, другата вкоренета во еднаквоста, никогаш се немаат надминато и помирено во САД. Напротив, во подемот на империјална и хегемонистичка Америка, седиште и дом на предаторниот капитализам, само дополнително се всадија во историјата на нејзината политичка борба.

Во оваа поделена Америка се потхранува вирусот на расизмот. Кој најчесто се манифестира во формата на белиот супрематизам, една идеолошка мешавина која избликнува од бесот и падот на достоинството на трудот, кој најчесто, како и вработувањата мигрира кон оние земји каде пазарот на трудот е поевтин. Белата популација која губи работни места се чувствува понижена во своите заслуги, жртва на неправдата и на годините на политики на субвенционирања, кои според супрематистите, им помагаат на етничките афроамерикански и латино малцинства за сметка на казнување на белците. Сите заслуги или незаслуги во Америка потоа го следат и се транспонираат на расното поле.

Оваа идеологија и пропаганда покрај тоа што се покажува како многу штетна за имиџот на земјата, останува и суштински лажна. Америка одбива да ги погледне своите расни и класни разлики кои и понатаму се главниот извор на мизерија и немир. Покрај социјално, расно и класно дискриминираните Афроамериканци, расте и бесот од економската нееднаквост без разлика на бојата на кожата, и кои неприфатливи уште пред појавата на пандемијата, сега стануваат неподносливи.

Една скорешна студија од Федералните резерви на САД објаснува како во последните 30 години, помеѓу 1989 и 2018 година, еден процент од најбогатите го зголемиле своето богатство во висина од 21 трилиони долари, додека половина од најсиромашната популација изгубила преку 900 милијарди долари. Првите денес поседуваат преку 30 трилиони долари, додека овие вторите не поседуваат ништо, односно само долгови.

Се ова говори дека Америка никогаш не била, ниту додека растечката нееднаквост не е соочена и субиена, нема да биде една.

Протестите, без разлика дали ќе бидат злоупотребени од Трамп или ќе згаснат како последица на автоимплозија, ризикуваат да не постигнат никаква цел, на ниту едно поле, да останат запаметени како уште еден крактотраен изблик на револт, на патот кон една безперспективна иднина во која само растат нееднаквостите. Алтернативата, онаа на реален почеток на политички и социјални трансформации и промени, веќе загуби со поразот на Сандерс на примарните избори.

Америка останува и понатаму суштински поделена, неспособна за промени и обединување, еден лош пример и навестување за што може да се случи и во Европа, каде економско-социјалната девастација не е ништо помала, ниту помалку драматична.

Осум минути и 46 секунди, кои ги извадија на површина сите контрадикции и поделби во Западниот свет, во оваа неверојатна и трагична 2020-та година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми