1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Отворање на германските училишта: избрзано и неподготвено?

Лиза Хенел
23 февруари 2021

Дел ученици повторно се вратија на настава со физичко присуство, на што многу од нив се радуваат. Но постојат и критики поради неизедначени концепти и задоцнета дискусија за вакцинирање на наставниците

Deutschland Symbolbild Grundschule
Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Означени патеки по ходниците, апели за држење дистанца преку разгласот, одделни училници: вака изгледа новото корона-секојдневие за околу 300 ученици во гимназијата Фридрих Еберт во Бон, во покраината Северна Рајна Вестфалија. Тие припаѓаат на завршните класови во училиштето, и од вчера за матурата се подготвуваат наместо од дома, на лаптоп компјутер, повторно во гимназијата.

„Направивме некои подготовки“, вели училишниот раководител Франк Лангнер за Дојче веле. Така, секоја генерација е поделена во две групи со по 70 до 75 ученици, а предметите се слушаат во различни училници, никогаш во една просторија нема повеќе од 15 ученици истовремено. „Така обезбедуваме евентуалните инфекции да се ограничени само на една група, значи наставата е прилагодена на условите.“ Благодарение на малкуте ученици во училница, растојанието меѓу нив и обврската за носење заштитна маска, ризикот од инфекција за време на часовите и онака е мал.

Со концепти слични на овој, во цела Германија од вчера учениците се вратија во своите училишта, но во најголем број случаи тоа важи само за основците и за оние од завршните класови.

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

01:04

This browser does not support the video element.

Училиштата како пачворк

Но, начинот на регулирање на враќањето во школските клупи варира од покраина до покраина, што се должи на федералната структура на Германија. Образованието е во надлежност на покраините, што значи тие сами решаваат за него, а не сојузната влада, па така дојде до цела палета на модели за повторно учење со физичко присуство. Во Сар на пример во училниците се враќаат целите класови, додека во други покраини тие се поделени во групи и следат настава наизменично дома и во училиште. Истото важи и во останатите сегменти: некаде маската мора да се носи на часови, некаде не; во одделни покраини професорите и учениците мора да се тестираат, а во други пак – не.

„Мора добро да се обмисли каква регулатива се носи овде конкретно, а каква е важечка во целата земја“, вели училишниот директор Лангнер. Во Бон во некои училишта учениците доаѓаат во училиште во различни денови, а некои школи пак ги распоредуваат учениците во различни простории. Како последица на вакви варијации, децата од едно исто семејство во различни училишта искусуваат различни корона-концепти. „Значи, би требало да постои одредена унификација“, препорачува Лангнер. 

Беспомошни наставници

Не е проблем само разновидна на регулативата, многумина го критикуваат и самиот чекор на повторно отворање на училиштата. Бројот на корона-случаи варира, во денови тие опаѓаат, за потоа повторно да растат, воопшто не се стабилни. Во некои делови од Германија освен тоа се шири британската мутација на коронавирусот, многумина стравуваат од трет бран на пандемијата. Сојузни политичари како министерката за култура Ања Карличек, сепак застануваат во одбрана на повторното отворање на училиштата. „Децата, посебно оние помалите, си требаат едни на други“, изјави таа за новинската агенција ДПА.

Повеќе на темата:

Училиштата не се епидемиолошки безбедни места

Закана од ново затворање: Има ли план „Б“ за училиштата?

Германија: за наставниците компјутери, за учениците евтин интернет

На училиште со маска по летните горештини

Критичарите меѓутоа се прашуваат: а што е со наставниците? Делумно, како во покраината Тирингија, отвораат училишта во области со преку 100 новоинфицирани на 100.000 жители во рок од седум дена. Тоа значи, со наставата со физичко присуство на учениците ризикот од нови инфекции се зголемува, па сѐ погласни се повиците за побрзо вакцинирање на наставниот персонал.

Синоќа министрите за здравство на сојузната влада и на покраините постигнаа согласност на оваа тема, во категоријата на лица кои треба побрзо да бидат вакцинирани влегуваат воспитувачите во детски градинки, како и вработените во основните и училиштата за деца со посебни потреби. Автоматски тие сега ќе влезат во втората приоритетна група за вакцинирање, во моментот кога ќе се располага со доволно вакцини, тие ќе добијат понуда за имунизација.

Повторно во училиште по недели онлајн наставаФотографија: Abdulhamid Hosbas/Anadolu Agency/picture alliance

Втор чекор пред првиот

Барањето за повисок приоритет на наставниците при вакцинацијата е присутно со недели, досега тие беа сврстени во трета категорија за имунизирање. Можеше да се очекува на ред да дојдат на почетокот на летото, кога школската година веќе ќе заврши, без тие да бидат заштитени. Со добивањето повисок приоритет од втора група, наставниците можат да бидат вакцинирани уште пролетта.

Здружението на наставници во Германија беше меѓу оние кои се залагаа за измена на приоритетните групи: „Сакавме тоа да се реализира уште пред отворањето на училиштата. Овде пак се повтори принципот на правење втор чекор пред првиот“, вели претседателот на здружението, Хајнц-Петер Мајдингер за Дојче веле.

Здружението на наставници во Германија притоа критикува што во редоследот на вакцинирање напредуваа само наставниците во основни училишта. Со тоа што учениците од повисоките класови го пренесуваат вирусот слично како и возрасните, а сега се вратени во училиштата, на зголемен ризик се изложени токму нивните професори.

Претседателот на Фондацијата за заштита на пациенти, Еуген Брајш е критички настроен кон барањата за промена на редоследот на вакцинирање. „Ако секоја професија се обидува да се турка нанапред за вакцинирање, тоа ќе чини животи“, истакна тој пред вчерашниот состанок. Мајдингер контрира – не станува збор за тоа наставниците да се истуркаат пред постарите лица за вакцинирање, барањето за повисоко приоризирање беше истакнато откако стана јасно дека постарите луѓе нема да ја примаат вакцината на АстраЗенека.

Скептици кон вакцинирањето и меѓу наставниците

Вакцината на АстраЗенека, поради недоволно податоци од клиничките студии, во Германија не се применува кај постарите луѓе. Освен тоа, по појавата на одделни нуспојави кај дел од населението се посматра со недоверба. Многумина не ги прифаќаат термините за имунизирање со АстраЗенека, проблем кој може да се појави и кај наставниот кадар. „Постојат скептичари во однос на вакцината и кај наставниците, но сепак констатираме висока подготвеност за вакцинирање“, истакнува Мајдингер.

Во некои сојузни покраини се направени веќе и конкретни планови, во Баден Виртемберг наставниците и воспитувачите ќе можат да договараат термини за вакцинирање уште од следната недела, можноста ја обезбедува пристигнувањето голема пратка од вакцините на АстраЗенека. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми