1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050509 Georgien Nato-Übung

6 мај 2009

НАТО денеска во Грузија започнa воени маневри на кои учествуваат 1.900 војници без поддршка од оклопни возила. Ќе се вежба мировен ангажман под мандат на ОН. Но, Русија во вежбите во Грузија гледа голема провокација.

Фотографија: AP

Речиси и да немало вежба на НАТО која предизвикала толкави политички турбуленции пред да биде одржана. Станува збор за маневри, кои се одржуваат во рамките на програмата „Партнерство за мир“ и на кои учествуваат десетина земји членки на НАТО но и земји партнери без тешко вооружување, меѓутоа во земја во која од последната војна не минала ниту цела година. „Никогаш не би требало да се одржуваат воени маневри таму каде што практично штотуку се водела војна. Тоа е непишан закон“, истакна рускиот претседател Дмитри Медведев.

Препукување меѓу Русија, Грузија и НАТО

Забелешка која е оправдана. Сликите на загинати, повредени, разурнати куќи и уништени возила од август минатата година се се’ уште присутни во главите на луѓето. Во ноќите се’ до денес има постојани пукотници на границата меѓу Грузија и сепаратистичките републики Јужна Осетија и Абхазија, којашто не е јасно одредена.

Впрочем досегашните реакции покажуваат дека за Русија, Грузија и НАТО ова е многу повеќе отколку само прашање на смисла и вкус.

Претседателот на Русија, Дмитри МедведевФотографија: picture-alliance/ dpa

Имено откажан е состанокот на претставниците на Генералштабовите на Русија и НАТО. Москва ги повика своите сојузници да ги бојкотираат маневрите, по што Казахстан, Србија и Молдавија се повлекоа од вежбите. НАТО од своја страна прогласи двајца наводни руски шпиони за непожелни личности, по што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го откажа учеството на планираната средба со неговите колеги по функција од НАТО. Тоа што сега Русија и официјално ја презеде одговорноста за заштитата на границите на Абхазија и Јужна Осетија, истотака не доведе до релаксирање на дипломатскиот фронт.

Провокации од двете страни!?

Рускиот претседател Медведев истакна: „Дури и ако нашите партнери од Западот сакаат да не убедат во спротивното, јасно е дека планираните вежби на НАТО во Грузија од 6 мај до 1 јуни се чиста отворена провокација“. Според Медведев Јужна Осетија и Абхазија страхуваат дека маневрите ќе го охрабрат грузискиот претседател Михаел Сакашвили, повторно да се наоружа и да започне нов воен поход.

Грузискиот претседател, Михаил СаакашвилиФотографија: AP

Но и во Тбилиси и во НАТО се говори за провокации од руска страна. Стационирањето на дополнителни руски војници на границата со Грузија е јасно прекршување на планот од шест точки кој треба да доведе до траен мир во регионот. Грузиската влада е убедена во тоа дека 5.000 од овие руски војници требало да одиграат силна улога во планираниот воен пуч во Грузија. Властите во Тбилиси вчера соопштија дека го задушиле бунтот во редовите на војската и со тоа го спречиле најлошото.

Амбасадорот на Русија во НАТО за овој наводен скандал говореше со потсмев: „Ако Сакашвили денеска добие пролив, тогаш тоа ќе се припише како дело на Москва. Како може НАТО да спроведува маневри во земја, во која не бунтуваат само цивилите туку и војската, во која опозицијата не му дава мир на Сакашвили за појадок, ручек и вечера? Би било поразумно маневрите да се изведуваат во лудница“, рече Рогозин.

Автор: Кристина Нагел / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми