Отворените рани на Украина
23 февруари 2015
Пред една година Украинците го победија автократскиот и корумпиран режим. Тие избраа демократија и сакаат европска перспектива за својата земја. Но, нивната борба за достоинство и самоопределување сега има нов, многу помоќен противник - Русија. Поради страв од една демократска Украина, Кремљ поттикна војна во Европа. Тој по секоја цена сака да спречи Украина да стане демократска земја која на своите граѓани ќе им овозможи живот во демократија, благосостојба и пред се‘ - мир.
Стотици илјади луѓе во Украина со месеци демонстрираа против авторитарниот систем на Виктор Јанукович. Тие му пркосеа на зимскиот студ и на државата која реагираше се‘ побрутално. Се случи пресврт. Властодршците капитулираа и побегнаа во Русија, која до денес протестите погрешно ги нарекува државен пуч. Она што е вистина е дека системот се урна сам одвнатре. На крајот дури и припадниците на безбедносните сили му откажаа послушност на Јанукович. Автократот кукавички побегна. Тоа не беше пуч. Парламентот го прогласи Јанукович за сменет долго по неговото бегство.
Тага и бес поради војната и насилството
Москва на настаните реагираше со агресија и насилство. Спротивно на меѓународното право го анектираше Крим, по што ја поттикна војната во источна Украина. По Јанукович сега Русија е таа која на Украинците сака да им го одземе правото на самоопределување и со тоа да им го одземе достоинството. Во такви услови Украинците гордо и со големо сочувство од странство се сеќаваат на протестите на Мајдан пред една година. Таму беше отворена вратата кон слободата, но се отворија и рани кои до денес не се затворени.
Тагата е особено голема поради смртта на над 100 луѓе кои беа убиени од снајпери во текот на протестите во Киев. Со тагата се меша и бес, насочен пред се‘ кон сопствената влада. Зашто, до денес не е разјаснето кој тогаш пукаше врз демонстрантите и полицајците. Кои беа извршителите и кој им издал наредба за крвопролевање на Мајдан? Семејствата на жртвите се‘ уште чекаат одговори. Украинското правосудство досега потфрли во разјаснувањето на овие злосторства. Раните се отворени.
Борбата за достоинство не е добиена
Во меѓувреме голема е тагата и за жртвите од војната во источна Украина. Над еден милион луѓе се раселени во Украина и живеат во провизорни сместувалишта. Нивната татковина стана опустошена зона. Украинската влада и претседателот Петро Порошенко се под зголемен притисок на јавноста. Во војната против сепаратистите управувани од Москва украинската армија досега нижеше пораз по пораз и никој не знае дали навистина ќе дојде до примирје и повлекување на тешкото оружје како што е договорено.
Многумина Украинци се‘ уште од Порошенко и неговата влада очекуваат победа. Но тажната вистина е дека Русија е надмоќен противник кого Украина не може да го победи воено. Силата на Украина се состои во тоа што луѓето на Мајдан покажаа дека може сами да се организираат и да се побунат против политичките лаги. Оваа храброст на луѓето би требало да и‘ предизвикува страв на Русија. Цивилното општество е голема сила која дејствува не само во Украина, туку еден ден ќе покаже ефекти и во Русија.
Многу барања од Мајдан се‘ уште не се спроведени во Украина. Притоа, покрај реформите во стопанството, станува збор пред се‘ за создавање независно правосудство и сузбивање на корупцијата во земјата. Во Украина конците во политиката и економијата ги влечат и олигарсите. Луѓето на Мајдан демонстрираа против ваквите аномалии. Една година по пресвртот, Украинците се‘ уште немаат извојувано победа во својата борба.