1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпигел открива: Ишингер лобирал за Груевски

17 февруари 2022

Германскиот магазин Шпигел објави документи за фирмата на Волфганг Ишингер која во 2016 година му организирала посета на тогашниот македонските премиер Никола Груевски на Берлин. Тајна е колку било платено.

Волфганг Ишингер
Волфганг ИшингерФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Многумина беа изненадени кога во септември 2016 година тогашниот премиер Никола Груевски и делегацијата на неговата ВМРО-ДПМНЕ пристигнаа во посета на Берлин. Груевски во тој период не беше гостин кој со отворени раце беше пречекуван во европските метрополи, а особено Германија имаше многу критичен став кон случувањата во неговата земја, и начинот на кој се однесуваше по откривање на ткн. бомби. Денес знаеме дека Груевски и тогашната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ имале моќен пријател: Волфганг Ишингер- шеф на Минхенската безбедносна конференција и искусен дипломат со бројни контакти ширум светот. 

Она што досега беше непознато и за германската јавност е дека Ишингер ја проширил својата улога, па освен организирањето на конференцијата на која доаѓаат водечки политичари од светот, преку неговата ПР фирма „Агора-Стратеџи груп" вршел лобирање за секој кој е подготвен да ги плати услугите. 

На годинешната 58. Минхенска безбедносна конференција најавено е учеството на 30 светски лидери и над 100 министри. Покрај генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателката на САД, Камала Харис, во Минхен доаѓаат и претседателот и премиерот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски.  

Вечерата во „Чајна клаб“  

Магазинот Шпигел во четвртокот објави големо истражување кое покажува дека Ишингер од овој настан и добро заработува. Во центарот на вниманието е фирмата Агора во која, во меѓувреме, тој има намален удел од 30 проценти. Преку оваа фирма се организирале мултимилионски договори за продажба на оружје, електронска опрема, се тргувало со политичко влијание и им се организирале посети на политичари на кои им била потребна поддршка- како Груевски. 

„Во една септемвриска ноќ во 2016 година,“, пишува Шпигел, „Ишингер кани група пратеници од Бундестагот на вечера во ексклузивниот „Чајна клаб“ во Берлин. Приватниот клуб е сместен во луксузниот хотел Адлон. За членство во него се плаќа најмалку 10.000 евра.
Почесен гостин вечерта е поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Во неговата земја со месеци се протестира, а тој самиот е осомничен за бројни злоупотреби кои вообичаено се поврзуваат со автократите- злоупотреба на моќта, корупција, перење пари, лажирање избори, масовно прислушкување“. 
„Вечерата во Чајна Клаб почнала со поздрав на Ишингер. Потоа, како што се присетуваат учесниците, збор земал Груевски и рекол дека неговата земја и партија можат да бидат важни партнери за Германија во решавањето на бегалската криза." 

Луксузниот хотел Адлон во Берлин каде била организиран вечерата за Груевски и неговите соработнициФотографија: picture-alliance/imageBROKER/I. Schulz

„Ко-организатор на вечерата биле фирмата на Ишингер- Агора, која, според информациите на Шпигел работела за партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, вработените во Агора се обидувале да му организираат настап на Груевски во германските медиуми“. 

Поддршка и за Иванов  

Покана за интервју со Груевски од фирмата Агора тогаш стигна и до редакцијата на ДВ, со назнака дека треба да се разговара за бегалската криза и 25 годишнина од независноста на Македонија. Откако ДВ побара разговорот да се води пред камера и без ограничување за темите, повеќе не добивме повратен одговор. 

Ангела Меркел и Никола Груевски, февруари 2012Фотографија: dapd

 „Колку заработила Агора за тоа што му ги отворила вратите на автократот, од фирмата одбиваат да кажат. Тие бараат разбирање затоа што не смеат да зборуваат за своите клиенти. Ишингер се сеќава на средбата со Груевски, но „не може да каже ништо за договорот со Агора“, пишува Шпигел.  

„Изминативе денови имав средби со 15 политичари, дипломати, луѓе коишто имаат големо влијание во германскиот политички живот“, порача Груевски по завршувањето на состаноците во септември 2016. 

„Се обидовме да направиме поцвртсти релации со луѓе коишто долгорочно можат да бидат од помош за Република Македонија. И да ги разјасниме сите случувања во Македонија коишто се случуваат во минатите година и пол", ќе рече тогаш Груевски. 

Ишингер ни тогаш, ни денес не ја коментира посетата на Груевски, но неколку месеци пред рандевуто со македонскиот премиер тој излезе во јавност со неколку изјави за актуелната состојба во земјата. Во мај 2016 година, Ишингер преку соопштение одлучи да ја поздрави одлуката на тогашниот претседател Ѓорге Иванов за делумно повлекување на помилувањата на голем број од лицата кои беа опфатени со истраги за бомбите. 

Пратеникот Тобијас Цех поднесе оставка откако се откри дека лобирал за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Фотографија: Christian Spicker/imago images

Она што привлече внимание, освен фактот што Ишингер самоиницијативно одлучи да излезе со став за состојбите во Македонија, беше и тоа што неговиот став беше спротивен на оној на ЕУ, Германија и САД, кои бараа целосно повлекување на амнестијата. Неполн месец подоцна, во интервју за ДВ, Ишингер го повтори ставот за одлуката на Иванов, а дополнително побара од Грција да ја признае Македонија- како Македонија. 

Цехот на Цех  

Во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, освен Груевски, тогаш беа и тогашниот вицепремиер и министер за здравство Никола Тодоров, како и пратениците Влатко Ѓорчев и Александар Николовски. За тоа сведочи и фотографијата која се уште може да се најде на Фејсбук профилот на екс-премиерот, а на која е и пратеникот на тогаш владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел, Торстен Фрај.

Околу два месеци подоцна, во ноември 2016, Фрај ја посети Македонија, меѓудругото и како член на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот и известувач за Македонија. Во разговор за ДВ тој тогаш прогнозираше дека на изборите во декември ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе остане премиер.

„Независно од испитувањата на јавното мислење, според мене ВМРО-ДПМНЕ има најсилна поткрепа во општеството. Тоа се должи на многу добриот економски развој и пред сѐ на прозападниот курс“, ќе рече тогаш Фрај за ДВ. 

Во март 2021 година, магазинот Шпигел откри дека пратеникот на ЦСУ, сестринската баварска партија на ЦДУ, Тобијас Цех исто така лобирал за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ при неговите посети во 2016 година. Цех за таа услуга од ВМРО-ДПМНЕ наплатил 50.000 евра. Неколку дена подоцна Цех поднесе оставка на функцијата пратеник по голем притисок од јавноста поради постоење на судир на интереси. 

Волфганг Ишингер веќе најави дека се повлекува од позицијата прв човек на Минхенската безбедносна конференција, и во иднина ќе има само почесна функција. На негово место доаѓа Кристоф Хојзген, долгогодишниот надворешно-политички советник на канцеларката Ангела Меркел

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми