1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Отворен Балкан“ - иницијатива со премалку плодови?

Ивица Петровиќ
5 ноември 2021

Иницијативата „Отворен Балкан“ донесе некои позитивни придвижувања, а не и поголеми економски резултати. Регионот и натаму се колеба околу приклучувањето, а ни во ЕУ нема голема поддршка, оценуваат аналитичари од Белград

Serbien Balkan Gipfel in Belgrad l Präsident Vucic, Premierminister Rama, Premierminister Dimitrov
Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги угости премиерот на Албанија, Еди Рама и заменикот премиер на Северна Македонија, Никола Димитров. Средбата е во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, за која Вучиќ вели дека е „историска одлука“.

„Драго ми е поради толкавиот интерес и на стопанствениците и на медиумите за ‘Отворен Балкан', тоа потврдува дека нашата одлука за соработка била исправна“, рече Вучиќ.

Вучиќ, Рама и Димитров прво разговараа со претставници на компании од Србија, Албанија и Северна Македонија, а потоа следеше состанок со претставници на Атлантскиот совет.

Фрустрации и нови ветувања

По средбата, српскиот претседател изјави дека „сите стопанственици со кои разговаравме стопроцентно се за иницијативата, но фрустрирачки е што договореното не се спроведува во пракса, на што ќе биде фокусот во следниот период, за што ќе биде формиран т.н. имплементирачки совет.“ 

Запрашан како ќе го привлече Косово во иницијативата, Вучиќ изјави дека за тоа со Приштина ќе разговара во Брисел, а вратата за другите земји е отворена, не сака никому да се правда дека дека ова е чиста иницијатива за добробит на граѓаните.

Албанскиот премиер Еди Рама повтори дека фокусот е врз луѓето и суштината на иницијативата е влијание на економиите на земјите од регионот. Стопанствениците, рече, бараа она што политички се договоривме, да се спроведува на границите на нашите земји.

Рама наведе дека постои и заеднички став за ЕУ, која би морала повеќе да се приближи до регионот, како и дека „Отворен Балкан“ не е замена за европски интеграции. Рама изнесе податоци за зголемен број туристи од Србија и Северна Македонија во Албанија – српски туристи има 63 % повеќе, а од С. Македонија – 22 %.

Отворена врата за регионот

Заменикот премиер од Северна Македонија,  Никола Димитров,  истакна дека регионалната соработка е мудар и европски избор. „Иако во С. Македонија имаме сложена политичка ситуација, не можеме да не бидеме овде, моето присуство зборува колкаво значење ѝ придаваме на Иницијативата."

Димитров исто така предупреди на проблемите со кои се соочуваат стопанствениците и дополни дека политичката волја мора да се преточи во законски решенија. Тој очекува на следниот состанок во декември во Тирана да бидат прогласени многу победи, што би било поттик и за останатите земји од регионот да се приклучат кон Иницијативата.

Запрашан дали промената на власта во С. Македонија би значела излез од Иницијативата, тој вели дека граѓаните сакаат да одат напред, а тоа подразбира и добри соседски односи. „Ако дојде до промена на власта и тие ќе сакаат да одат напред, а тоа пак значи добра соработка со соседите, па не гледам никаква опасност.“ Осврнувајќи се на актуелната политичка ситуација во С. Македонија, Димитров истакна дека „на тој пример се гледа што се случува кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања, зашто тогаш граѓаните почнуваат да губат доверба."

Еди Рама, Александар Вучиќ и Никола Димитров во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Уште еден список добри желби?

Ако би се правела рекапитулација на позитивни придвижувања на поттик на „Отворен Балкан“, тогаш тоа би се однесувало на отворањето дијалог меѓу одделни земји кој претходно речиси и не постоеше, оценува за ДВ Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи во Белград.

„Александар Вучиќ и Еди Рама воспоставија некои односи кои претходно не постоеја и убеден сум дека тоа ги намали тензиите меѓу Белград и Приштина. Иако Вучиќ и Рама имаа несогласувања токму околу  Косово,  тоа не ги спречи редовно да се состануваат и да разговараат“, истакнува Бешири.

Проблем со оваа Иницијатива, додава соговорникот, настанува ако се анализираат конкретни нејзини плодови. „Ако Српската напредна странка веќе десет години е на власт, веќе би требало да видиме некои значајни придвижувања и поинтензивна економска соработка, но тоа го нема. Фактот за промена на името од ‘Мини Шенген' во ‘Отворен Балкан' можеби зборува дека тоа не е најдобро осмислено, а се чини и дека нема некоја голема  поддршка во самата ЕУ за таква Иницијатива“, смета Бешири.

Тој во  „Отворен Балкан“ гледа „уште еден список на добри желби и добри намери кои веќе ги имавме на Западен Балкан, но тоа едноставно не е доволно“. Во тој контекст, Бешири смета дека во Иницијативата се вложува преголема медиумска и други енергии, наместо тие да се употребат за вистински реформи и споведување на законите во трите земји, кои навистина би им отвориле пат кон  членство во ЕУ.“

Зошто регионот се колеба?

Во поглед на колебањето на останатите земји од регионот да се приклучат кон Иницијативата, Бешири забележува дека „ни промената на власта во Црна Гора не доведе до нејзино приклучување. Начинот на кој Србија се однесува со Црна Гора, а делумно и кон БиХ, тие земји ги спречува да бидат дел од нешто каде Србија се гледа како раководител на Иницијативата. Значи, проблем е одосот на Србија кон државниот суверенитет на Црна Гора, а што се однесува на БиХ, проблем е несоочувањето на Србија со своето воено минато.“

Бешири смета дека „'Отворен Балкан' е подигнат на превисоко државно и медиумско ниво, па може да се смета за пропагандна иницијатива. Ако се сака нешто навистина да се направи околу прашањето за границите, царини, слобода на движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, со тоа можат да се занимаваат министерствата и стручни агенции. Ако тоа постојано се држи на високо ниво, може да се гледа како политичка пропаганда дека сте главни во регионот“, заклучува Наим Лео Бешири.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми