1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен Балкан и затворена Европа

31 јули 2021

Доколку ЕУ остане амбивалентна на оваа иницијатива, тоа ќе биде нејзината најголема геополитичка грешка. Пишува Љупчо Поповски

Nord-Mazedonien Skopje | Wirtschaftsforum | Aleksandar Vucic, Zoran Zaev und Edi Rama
Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

Имаше еден вид спектакуларна политика на Економскиот форум во четвртокот во Скопје, кога Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама ѝ дадоа многу посериозен поттекст на иницијативата која сега и официјално е наречена Отворен Балкан.Спектаклот не е секогаш поврзан со вистинска политичка супстанца, но настанот во Скопје може навистина да сврти нова страница во односите на три соседи во регионот, фрустрирани што стојат долго во чекалницата на ЕУ, која е исполнета со апстрактни плакати дека еден ден членството навистина може да дојде.

Барем пет работи може да се заклучат од конферирањето на Рама, Вучиќ и Заев.

1. Балканските земји се уморни од чекање  

Моркови, моркови, моркови, а никако гала ручек. Вучиќ e можеби најпластичен во изразувањето од тројцата лидери, па кога рече дека „ние не сме ни глупави ни наивни за да веруваме дека некој ќе работи во корист на нашите земји ако ние не правиме ништо“, тоа ги одразуваше ставовите и на Заев и на Рама. Исто како и зборовите на Заев: „Ние не можеме да чекаме да се решат сите внатрешни проблеми на Европската унија за да одиме напред. Тогаш кога Европската унија ќе биде подготвена, ние сме тука“.

Секако, во овие зборови има многу прекор спрема ЕУ. А, зошто не би имало? Македонија има кандидатски статус во ЕУ од 2005 година. Оттогаш израсна цела една генерација нејзини граѓани. И иако изгледа дека таа е блиску до ЕУ, во основа е многу далеку од членство. Па дури и во октомври и официјално да биде одреден датумот за првата меѓувладина конференција, ни 2030 година не изгледа како вистински реален датум за членство. Изгледа дури страшно да се пресметуваат изгубените години.

Дали европските претставници се загрижени што балканските земји се уморни од чекање? Малкумина би ставиле облог во позитивниот одговор. Причината е многу едноставна – довербата во ветувањата на ЕУ е речиси целосно загубена. Можеби и затоа на собирот во Скопје речиси и да немаше дипломати од ЕУ. Тоа требаше да биде некој вид показна вежба дека трите земји можат сами да ги трасираат патоказите за соработка и економско поврзување без европско туторство.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

2. Секој влегува со сопствени интереси

Можеби целта е иста – слободен проток на луѓе, стоки, работна сила и капитал, но секоја од трите земји тргнува од свои интереси. За Вучиќ е важно да се промовира како главен лидер во регионот, бидејќи е неспорно оти неговата земја, Србија, е тоа во Западен Балкан. И по бројот на жителите, и по економијата, и по важноста во геополитиката. Односите со Приштина и преговорите кои се заглавени во ќорсокак не се ветувачки за европската иднина на Србија. ЕУ долго му прогледува низ прсти на Белград околу владеењето на правото, демонизирањето и речиси уништувањето на опозицијата, ничкосувањето на слободниот печат само за да го одоброволи на некој начин српското раководство на договор со Приштина. Кога од таков договор нема ништо, Брисел почна да става рампа на отворањето на новите поглавја во преговорите со ЕУ. Но земјите членки на Унијата продолжија силно да инвестираат во Србија привлечени од големите субвенции. Вучиќ би сакал приказната да ја сврти кон регионални економски сојузи, тоа да го претстави како политички успех дома пред претседателските избори идната година.

Вметнувањето на проектот на британско-австралиската компанија „Рио Тинто“ во Завршната изјава на тројцата лидери е поддршка за Вучиќ, бидејќи проектот вреден 2,4 милијарди долари за отворање на рудник кај Лозница, на запад на Србија, каде ќе се произведува литиум, треба да му даде регионална поддршка за да се намалат контроверзите дома и да се денфуваат протестите на жителите во тој регион. „Рио Тинто“, втора најголема рударска компанија во светот, има долго досие за занемарување на еколошките стандарди онаку каде што гради рудници, па споменувањето на овој проект кај Лозница треба да има печат на регионална поддршка.

Еди Рама е со други математики. Тој сака да се извлече од приказната која секогаш изгледа како страшило на овие простори – онаа за „голема Албанија“ – и да се прикаже како модерен политичар кој не сака да се раководи од стереотипите и сака да гледа во иднината. И да ја претстави Албанија како модерна земја која има поинакви светогледи. Неговите критичари го обвинуваат дека сака да ги внесе Албанците во „српскиот свет“, а притоа го заборава „албанскиот свет“. Рама, и покрај грижите за Косово, на некој начин, барем јавно сака да ја отфрли улогата на некаков патрон на Албанците во Косово и во Македонија. Тоа добро се гледа по молкот на овдешните албански политичари, кои и натаму премеруваат како да се постават. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, планираше посета на Турција токму за четвртокот, за на некој начин да не биде во Скопје кога ќе се промовира Отворениот Балкан. Посетата наводно е одложена поради шумските пожари во Анталија, која е 500 километри оддалечена од Анкара, но можеби вистинската причина и не е тоа.

Но затоа еден ден по промовирањето на Отворениот Балкан тој ја пречека косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц во Скопје. Таа му ја донесе пораката од Приштина зошто Косово е остро против ваквата иницијатива. Косовската влада веднаш по завршувањето на настанот во Скопје испрати соопштение дека Отворен Балкан е „иницијатива без визија за регионот“ и дека премиерот Албин Курти не бил поканет на настанот. Гервала-Шварц во Скопје рече дека Отворен Балкан може да биде опасна за Косово. Рама на прес-конференцијата ден претходно зборуваше поинаку - дека не може да разбере зошто Косово не сака да се приклучи на проектот кој во оваа фаза е чисто економски.

Други колумни од авторот:

ЕУ и С. Македонија – „повеќе од истото“

До кога може да чека Македонија?

Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

Поранешниот министер за евроинтеграции на Косово во првата кратка влада на Курти, македонскиот политичар Блерим Река, го кажа она Приштина го премолчи – дека „следната стратегија на Белград е целиот Балкан во рамките на ‘српскиот свет’“. Во „албанскиот свет“ се случуваат поместувања, до која граница ќе одат тие, допрва ќе видиме.

За Зоран Заев оваа иницијатива е како политички отклон од напрегнатите односи со Бугарија. По сѐ што направи за затоплување на односите меѓу Скопје и Софија, а некои од неговите потези наидоа на голема осуда во македонската јавност, реши малку да се дистанцира од бугарскиот јазол. И онака таму не се знае што ќе се случува и дали и по јулските избори ќе има влада или ќе треба да се оди на трето гласање. Тоа долго чекање на политички расплет во Софија, откако лани во декември заради изборни калкулации тогашната бугарска влада ја блокираше Македонија во ЕУ, ги остави овдешните политички номенклатури на милоста на разврската во Софија. Па требаше да се бараат некакви нови патеки и тоа првенствено економски.

Можеби целта е иста – слободен проток на луѓе, стоки, работна сила и капитал, но секоја од трите земји тргнува од свои интересиФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

3. Споредбите со Вишеградската група

Такви споредби не се адекватни, затоа што се работи за две сосема различни иницијативи. Вишеградската група ја потпишаа во февруари 1991 година во унгарскиот град-замок Вишеград трите дисидентски икони на Централна Европа – Вацлав Хавел (тогаш претседател на Чехословачка), Лех Валенса (претседател на Полска) и Јожеф Антал (премиер на Унгарија). Целта на Вишеградската група уште од првиот момент беше да се најде соодветен пат од премин од комунизмот кон демократијата и да се создаде културен и политички сојуз меѓу тогашните три (а сега четири земји – Словачка се придодаде по распаѓањето на Чехословачка). Главната цел на Вишеградската група беше воена, културна, економска и енергетска соработка на патот кон ЕУ. Вишеградската група има многу поцврсти структурни форми, има посебен фонд и во најголем број случаи настапува како една група во рамките на ЕУ. Така беше и со вчерашното соопштение на четворицата министри за надворешни работи, во кое го поздравија формирањето на иницијативата: „Веруваме дека таквата тесна соработка меѓу земјите од Западен Балкан придонесува за стабилноста и развојот на регионот“, наведоа земјите од Вишеградската група. Секако дека може да се искористи нивното искуство и технологијата на соработката, но тие се сепак организирана група.

Ако се земат сите четири земји од Вишеградската група како една држава, нејзиниот БДП е четврт во ЕУ. Додека трите земји од Отворен Балкан не се ни блиску до БДП само на Словачка. Отворањето на границите и економиите на Србија, Македонија и Албанија, треба да им даде стопански поттик на трите земји и побрз развој. Но тие толку многу заостануваат и зад новите членки на ЕУ (со исклучок на Хрватска), што ќе треба многу умешност и знаење да се направи економски скок. Плус Отворен Балкан нема амбиции, барем засега, политички да се институционализира. Освен ако во некое време не се приклучат и другите три земји од Западен Балкан и потоа да настапуваат како силен блок додека чекаат влез во ЕУ.

Иницијатива има намера да го пополни празниот временски простор до посакуваниот влез во ЕУ, но не може да биде замена за членството во УнијатаФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

4. Што мисли Европа?

Засега изгледа ништо. Иако овој проект на некој начин се поклопува со замислите на Емануел Макрон за некаков регионален економски блок кој би се развивал посебно до степенот кога ќе може да влезе во ЕУ. Но едно е совршено јасно – без економска помош на ЕУ многу од замислите на Отворен Балкан не ќе можат да се реализираат. Кога се во прашање членките на ЕУ, Брисел има поинакво разбирање. Видете го само последниот случај со Пељешки мост во Хрватска и големите прослави пред некој ден, кога конечно беа споени двете страни. Мостот го градеа Кинези, го плати ЕУ, а славата ѝ припадна на сегашната влада. Доколку ваков грандиозен проект би почнала некоја од земјите од Отворен Балкан, би имало многу непремостливи забелешки зошто да го градат Кинези, а финансирањето со европски пари би било многу ограничено.

Неколку дена пред собирот во Скопје, во Рим се одржа една многу интересна конференција на фондацијата „Одбранбен колеџ на НАТО“, каде многу јасно се кажа дека погрешните политика на ЕУ и САД се најголемите виновници за дестабилизацијата на Балканот и дека кинеското страшило се претставува во малку поголема форма отколку што е. Еве само неколку извадоци од она што го кажа Бодо Вебер од Советот за демократизација на политиката од Берлин:

„Од 2015-2016 година има пресврт во политиката кон Балканот. Предлогот за промена/размена на границите меѓу Косово и Србија дојде со поддршка на тимот на тогашната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, и Белата куќа на Трамп… Oбидот на Западот да донесе реформи во регионот, како што се изборните реформи во Босна и Херцеговина, го следи трансакцискиот пристап на брза зделка, прилагоден на регионалните лидери. Политиката на проширување го надмина заморот од проширувањето и стана основна закана за проширувањето...

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, греши кога претпоставува дека внатрешната реформа на ЕУ може да се случи одделно од проширувањето. Неговата политика кон регионот, која не прифаќа проширување, е погрешна, и додека Германија го поддржува проширувањето, не сака да ‘влезе во борба’ со Франција за ова прашање. По претседателските избори во Франција следната година дискусијата ќе ја одреди иднината на регионот, не само во ЕУ, туку и воопшто“.

На истата конференција, Соломон Паси, поранешен бугарски министер за надворешни работи, а сега претседател на Атлантскиот клуб на Бугарија, предложи да се создадат своевидни Обединети држави на Балканот. Со тоа би се формирал пазар за 55 милиони луѓе, кој би бил извонредно атрактивен за бизнисот во телекомуникациите и енергијата. „Имаме некои предизвици - спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија е решлив, да се најде солуција за Русија и Кина - но главниот предизвик е недостатокот на лидерство и недоверба“, рече Паси.

Интересно е како ќе реагираат европските функционери и лидери на иницијативата за Отворен Балкан и тргањето на границите од 1 јануари 2023 година. Тоа е голем безбедносен предизвик. Особено со мигрантската криза, трговијата со наркотици и луѓе. Можеби ЕУ мисли дека трите земји не се дораснати за ваков предизвик и веројатно во овој момент не се. Но треба да им помогне за да не ги спречи идеите кои во крајна линија може да донесат економски развој. Тоа беше и една од основните идеи на Берлинскиот процес. Но којзнае, политичките интереси често знаат да бидат посилни од јавно прокламираните идеи.

5. Отворен Балкан не е алтернатива за ЕУ

Тоа е сосема јасно. Оваа иницијатива има намера да го пополни празниот временски простор до посакуваниот влез во ЕУ, но не може да биде замена за членството во ЕУ. Тоа беше јасно и од изјавите на тројцата лидери во Скопје. Но нешто мора да се работи додека се чека да стигне гласникот. Доколку ЕУ остане амбивалентна на оваа иницијатива, тоа ќе биде нејзината најголема геополитичка грешка. Но, за жал, таа ќе биде само една во редот на големите грешки што ги има направено поради отсуство на визија, ограничено лидерство и рудиментирано политичко калкулантство.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми