1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен крај за Украина?

Стефани Хепнер / Александар Методијев19 мај 2014

Околу 36 милиони Украинци можат да гласаат на претседателските избори во Украина, кои треба да се одржат на 25-ти мај. Критичарите стравуваат дека пред се’ граѓаните на истокот од земјата ќе бидат спречени да гласаат.

Фотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Кога на 25 мај ќе треба да се избере претседател во Украина, германската политичарка од СПД Барбара Вајлер ќе биде всушност таму. „Ние го набљудуваме опкружувањето, на пример што се случува пред избирачките места, дали таму се прави недозволено агитирање за некој кандидат или дали таму има кавги и контроверзи“, објаснува Вајлер за Дојче веле. „Потоа ние ќе погледнеме се: гласачките пултови, гласачките кутии и гласачките списоци. Ќе одиме и кај мобилните гласачки кутии“, додава германскатата политичарка. Вајлер е набљудувач од Европскиот парламент на изборите во Украина. Таа ќе се обиде заедно со шест други европратеници да осигура дека изборите прописно ќе се спроведат.

А, на помалку од една недела до претседателските избори се чини дека и натаму е неизвесно дали сите ќе имаат пристап до гласачките кутии. Изборната комисија во Киев се пожали на масoвни проблеми во завојуваниот исток на земјата. Поради битките меѓу владините трупи и тешковооружените проруски сепаратисти на многу места не би можеле да започнат ниту подготовките за изборите. Поради моменталните услови не е возможно да се спроведат изборите во двата источноукраински региони Доњецк и Луганск. Затоа, предупредувањето гласи дека без одлучна акција на безбедносните сили би можеле речиси два милиона избирачи да бидат спречени да гласаат.

Набљудувачите на изборите се соочуваат со попречувања

Попречувањата на изборите ги чувствува и германската европратеничка Вајлер. Патувањата кон истокот на земјата се откажани од страна на Европска служба за надворешно дејствување. Исто така е откажана и посетата на јужниот град Одеса, каде имаше улични судири и најмалку 48 загинати лица.

Барбара ВајлерФотографија: European Union PE-EP

„Очекувам дека ОБСЕ ќе го посети истокот. Ако ова не биде гарантирано, тогаш сум песимист“, вели Вајлер. Така веќе нема да може да се гарантира една неутрална потврда на спроведените избори. Покрај набљудувачите од Европскиот парламент и долгорочните набљудувачи од ОБСЕ, во земјата се присутни и уште многу други набљудувачи. Тие доаѓаат од националните парламенти или, пак, од Европскиот совет.

Напредок нема ниту по втората рунда разговори на тркалезна маса, по која не се направени големи чекори за ставање крај на украинската криза. Во саботата вечерта (17.05.2014) во градот Харков се одржа новата рунда разговори меѓу премиерот Арсениј Јацењук, германскиот дипломат Волфганг Ишингер, двајца претходни украински претседатели и претставник на истокот на земјата. Сепаратистите не беа поканети на тркалезната маса. Јацењук по овие разговори зборуваше за посебна заштита на рускиотјазик и за „децентрализација на власта“. Во моментов не може да се предвиди дали одржувањето на разговорите на тркалезната маса би можело да влијае врз изборите.

Променет закон за легитимни избори

Последната рунда од разговорите се одржа во саботата без конкретен резултатФотографија: picture-alliance/dpa

И покрај песимизмот на многу места, расположението во главниот украински град не е толку лошо. Вo Киев се смета дека претседателските избори ќе се одржат, објаснува Габриеле Бауман од фондацијата „Конрад Аденауер“ во Киев. Според Бауман, најголем дел од луѓето сакаат да имаат пристап до гласачките кутии. Според најновите анкети, околу 80 проценти од населението сакаат да гласаат на претседателските избори.

„Многу е значајно за оваа земја да се одржат претседателските избори и на тој начин да има еден легитимен шеф на државата“, објаснува Бауман.

И покрај тоа што неколку милиони лица на истокот на земјата може да бидат спречени да гласаат, тоа нема да значи запирање на целата процедура, бидејќи новите закони дозволуваат легитимен избор, дури и кога во одредени региони излезноста нема да биде голема.

„Дури и ако сега не можат да гласаат многумна од Доњецк и Луганск, сепак изборите ќе бидат валидни“, објаснува Бауман.

Европратеничката и набљудувач на изборите Вајлер гледа песимистички на иднината и смета дека доколку во средината на неделава ескалира ситуацијата, тогаш тоа би можело да ги откаже изборите. Со тоа би можел да пропадне еден значаен фактор за слободата во Украина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми