1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен патот за дијалог?

СН/ам/миа/мф18 јуни 2014

Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Зоран Заев ја прифати поканата за средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Средбата најверојатно ќе се одржи в петок.

Фотографија: MIA

Македонскиот премиер Никола Груевски претходно го покани лидерот на СДСМ Зоран Заев на средба в петок (20.06.), откако СДСМ на прес-конференција ја прифати поканата за дијалог.

„Го поздравуваме фактот што СДСМ конечно препозна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е спремна за дијалог во интерес на граѓаните и државата. Во тој контекст претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го поканува Зоран Заев, претседател на СДСМ, на средба в петок во 13:00 часот и на тој начин да се отпочне дијалогот“, беше наведено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Поканата следуваше по реакцијата на СДСМ на одлуката на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, на денешната четврта пленарна седница да го одложи констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата со цел, како што истакна, да се остави простор за политички дијалог меѓу партиите. Вељаноски констатирањето на оставките го одложи на неопределено време и истакна дека за продолжението на седницата ќе даде дополнително известување.

Портпаролот на опозициската СДСМ, Петре Шилегов, ваквата одлука на Вељаноски ја протолкува како подготвеност на власта да разговара за барањата на опозицијата.

Тој порача дека следно што се очекува е средба меѓу Груевски и Заев на која претседателот на СДСМ Зоран Заев ќе ги соопшти барањата на опозицијата, што, како што рече, ќе бидат теми на можните разговори за надминување на последиците од нерегуларните избори.

Шилегов на прес-конференцијата рече дека според СДСМ политичкиот дијалог што се водеше помеѓу власта и опозицијата изминатата година и договорите што беа постигнати не биле практично реализирани.

СДСМ бара гарант за евентуалниот договор да биде претставник на Европската унија. Опозициската партија, според Шилегов, нема да се врати во Собранието додека евентуално не биде постигнат некаков договор

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми