1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Откриена „шпионажа на векот“

БГ /АП
11 февруари 2020

Разузнавачките служби на САД и Германија преку фирма во Швајцарија со децении ги контролирале тајните комуникации на 120 држави во светот, се открива од документи на ЦИА, објавени од американски и германски медиуми.

Symbolfoto BND-Skandal
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPhoto/C. Ohde

Преку тајната контрола на швајцарската компанија за кодирање Крипто АГ, американската и германската тајна служба со децении успевале да ја пробиваат тајната комуникација на владите ширум светот, јавуваат американски, германски и швајцарски медиуми.

Швајцарската компанија била главен снабдувач на опрема за кодирана комуникација на околу 120 држави во светот по Втората светска војна па се до почетокот на овој век. Меѓу тие земји се Иран, Јужна Африка, Индија, Пакистан, јужноамериканските хунти, Ватикан и десетици други држави, откриваат документите до кои дојдоа весникот Вашингтон Пост и германскиот јавен сервис ЦДФ.

Но без знаење на тие влади, Крипто бил во тајна сопственост на американската ЦИА и на германската БНД, кои манипулирале со опремата што им овозможувало лесно да ги разбиваат кодовите и да добиваат пристап до владините пораки.

Според Вашингтон Пост, таен внатрешен документ на ЦИА за историјата на оваа шпионска програма ги идентификува и офицерите на ЦИА кои биле задолжени за операцијата, како и функционерите на Крипто кои истата ја овозможувале. Притоа, извештајот нотира дека швајцарската компанија заработувала милиони долари додека истовремено им овозможувала пристап на западните влади до нејзините клиенти. Парите, пак, на крајот завршувале на контото на двете тајни служби.

„Тоа беше шпионски пуч на векот“, пишува Вашингтон Пост.

„Странски влади им плаќале големи пари на САД и на Западна Германија за привилегијата да им бидат откриени најтајните комуникации и тоа пред најмалку две, а веројатно пет или шест, странски држави“.

Долго време постоеја сомнежи дека такво нешто се случувало, откако некои документи беа откриени пред десет години, но досега недостасуваа докази.

Она што е утврдено досега е дека двете тајни служби имале целосна контрола над компанијата од 1970 година натаму.

Документите покажуваат дека на западните служби им биле познати детали од разговорите на иранските Мули за време на заложничката криза во 1979 година, дека британската служба добивала детални информации за аргентинската армија за време на Фолкландската војна, и дека постојат снимки од либиски државни функционери како си честитаат меѓусебно по бомбашкиот напад врз берлинскиот ноќен клуб „Ла Бел“ во 1986 година.

Според извештаите, главните ривали на Западот, Русија и Кина никогаш не купувале опрема од Крипто.

ЦИА и БНД досега не ја коментираа приказната.

Крипто, со седиште во Цуг, Швајцарија, беше поделена на две фирми во 2018 година- едната која работи на швајцарскиот пазар остана во земјата, а другата, која го води меѓународниот бизнис беше купена од шведскиот бизнисмен Андреас Линде. Шведската компанија, Крипто Интернешнл, оцени дека извештаите се „многу вознемирувачки“.

„Ние немаме врски со ЦИА или БНД и никогаш не сме имале“, објави компанијата на својата интернет-страница.
„Ја анализираме ситуација и ќе коментираме откако ќе ја имаме целата слика“.

Швајцарските власти денеска најавија дека отвораат истрага за случајот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми