Охридското Езеро не престанува да ги изненадува археолозите, чии длабочини стануваат се поатрактивни за истражување. За првпат во водите на езерото се откриени тегули со потекло од доцната антика.
Реклама
На две локации во околината на локалитетот „Плоча Миќов град“, при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар Амфора од Охрид, археолозите дошле до интересни сознанија. Во првиот случај биле пронајдени три фрагментирани керамички садови за складишна употреба - питоси, лоцирани на длабочина од 45, 35 и 5 метри под површината на водата, а во вториот случај тоа е наодот на градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 метри.
Тегулите од лаконски тип биле во употреба во долг временски период низ антиката, но во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. И во двата случаи, оддалеченоста на предметите на 70 - 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека истите биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места, информираат од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид.
Ваквите истражувања се спроведени како дел од проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро“ чиј носител беше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид. Целта на проектот е да се откријат локациите за кои постоеја индиции за археолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позиционира нивната географска местоположба со помош на GPS уреди, но и да се откријат нови локалитети, со цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство во РС Македонија.
„Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни локации во водите на Охридското Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, истите ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности“, укажуваат од охридскиот Завод за заштита на споменици. Ова откривање дава првична слика за она што се случува со овие локалитети и наоди, што отвара простор за дополнителни археолошки истражувања, со крајна цел надополнувaње на сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридското Езеро од праисторијата до денес.
Три праисториски наколни населби
Археолошкиот локалитет „Плоча - Миќов Град“ се наоѓа на Охридското Езеро, во Заливот на Коските кај Градиште, во близина на селото Пештани. Локалитетот е истражуван со подводни ископувања во повеќе кампањи, од 1997 до 2005 година, од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Нуркачкиот клуб „Амфора“. Притоа беа откриени остатоци од праисториска (бронзенодопска-железновременска) палафитна населба на дното од езерото. Со истражувањата се регистрираа 6.000 дрвени колци забодени на дното и беше откриен многу значаен археолошки материјал од керамичката продукција на тоа време. Работите беа под надлежност на Заводот и Музеј-Охрид, а реализацијата на Клубот за подводни дејности од Охрид. Раководител на подводните археолошки истражувања беше археологот Паско Кузман. Во 2007-2008 година беше изведена реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на атрактивен простор од езерото. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство.
Од досегашните сознанија, особено Охридското Езеро обилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти од антиката и средновековието кои биле потопени во водите, главно поради осцилациите на неговото ниво. Во 1998 година, во ноември, беа откриени остатоци на уште една наколна населба, овој пат во близина на селото Трпејца, локалитетот На Дол во Заливот на Прчот. Дрвени колци и движен археолошки материјал (керамика, камени орудија) беа регистрирани на длабочина од 5-7.метри под површината на водата. Тогаш беа изведени пробни подводни истражувања кои се сведуваа главно на откривање и фотодокументирање на остатоците на оваа населба. Според карактерот и особеностите на наодите, констатирано е дека и оваа населба припаѓа на крајот од бронзеното време. Во јули 1999 година, откриена е и трета населба покрај источниот брег на Охридското Езеро. Овој пат се работи за простор кој го зафаќа северното крајбрежје на селото Пештани, во дел од т.н. Залив на бомбите. Овде случајно е откриен дрвен колец на самиот брег, како и многубројна фрагментирана керамика која е речиси идентична со керамичката продукција од претходните две наколни населби.
Охрид - рај за очите и спокој за душата
Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi
Варош - стар град
Поглед од пристаништето кон Варош, стариот дел на градот. Препознатлива архитектура која својот процут го доживеала во 19. век, кога и Охрид се чини е економски најмоќен. Тогашните видни трговци соработувале со Лајпциг и Виена. Многу охриѓани во тоа време учеле во Париз, на Сорбона, или пак во Атина. Во овој дел од Охрид, меѓу другите, живеел големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
„Охрид убав мил, ти за мене рај си бил...“
Куќите во стариот дел на Охрид, начичкани една до друга за да го „ѕирнат“ езерото, речиси и да немаат дворови. Еве како малиот слободен простор станува оаза на цвеќето. Ова е улицата која води кон Плаошник.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плаошник
Познат религиозен локалитет од почетоците на христијанството. Пронајдени се неколку ранохристијански базилики и остатоци од црквата Свети Пантелејмон, изградена од Св. Климент Охридски, кој таму и живеел. На 11.08.2002 е осветен новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон кој претставува реплика на Светиклиментовата црква. По 530 год., овде повторно се пренесени моштите на Св. Климент Охридски.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Антички театар
Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Класичниот театар бил изграден пред околу 2.000 години, или во доцниот македонски период, кратко по Римското освојување. На делумно откриениот и обновен антички театар од почетокот на 21. век секое лето на 12 јули се случува отворањето на фестивалот Охридско лето.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плоштад
Централниот охридски плоштад е неодминливо место за жителите на Охид и за туристите. Некогаш овој просотр беше преполн со трендафили, а сега местото го зазеле новите видови цвеќиња и зелениот килим од трева. Во позадина е езерото и споменикот „Фаќач на крстот“ - симбол на празникот Богојавление-Водици, поставен во јули 2014 година.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Парк
Пролетта може да се „вдише“ во охридскиот парк. Тука е Рибниот ресторан, типичен репрезент на охридската староградска архитектура. Изграден во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Сега е приватизиран, но ја има истата намена. Ќе ве пречека со богата понуда од македонски специјалитети, ама и чорба од охридска риба и староградска песна.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Колепка на словенската писменост
Споменикот на Св. Наум Охридски е дел од тријадата споменици во центарот на Охрид. Скулпторот Томе Серафимовски ги изработи и постави спомениците на Св. Кирил и Методиј, споменикот на Св. Климент Охридски и споменикот на Св. Наум. Така туристичките водичи на само стотина чекори од еден до друг споменик можат да ја раскажат историјата за создавањето на словенската писменост и нејзиниот развој.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Лебеди
Лебедите се бел украс на Охридското Езеро. Грациозни и дружељубиви кон оние кои сакаат да им подадат храна. Во Охрид се населиле кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Живеат во двојки и познато е: ако едниот угине, другиот не преживува – тагува, ја пее „Лебедовата песна“ и умира.Често кога луѓето сакаат да ја споредат верноста во љубовта ги земаат лебедите за пример.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Патека кон убавината
Новата пешачка патека во Охрид минува низ живописна природа со клупи и видиковци. Погледот на езерото е прекрасен. Ова е делот од Охрид, како што охриѓани велат: зад Калето од Канео преку Лабино до Грашница или обратно.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Св. Јован Богослов - Канео
Ова е се чини најпрепознатливиот и најсликан мотив од Охрид. За црквата не постојат сигурни историски податоци. Нејзиниот „живот“ може да се следи во општи историски рамки на развиток, почнувајќи од 13. век до денеска. Автор: Милчо Јованоски
Фотографија: DW/M. Jovanoski
10 фотографии1 | 10
Над 250 археолошки локалитети
Само во поширокиот регион на Охрид има над 250 археолошки локалитети од неолитскиот период, преку антиката па сè до доцниот среден век, потоа, повеќе од 50 цркви и манастири, од 5 до 19 век, тврдини со бедеми во должина од над 3.000 метри, околу 60 објекти од старата градска архитектура и повеќе од 2.500 метри квадратни средновековни фрески и околу 1.000 метри квадратни подни мозаици. Движното културно наследство е застапено со повеќе од 2.000 икони од периодот од 11 до 19 век, 119 грчки и словенски ракописи, пишувани на пергамент и хартија, 39 глаголски епиграфски споменици, околу 1.500 ретки и старопечатени книги, како и повеќе илјади други музејски предмети-археолошки, нумизматички, етнолошки, историски документи и дела од современата уметност.
Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно со Бајкалско, Тањгањика, Ховсхол, Титикака.
Магијата на Св. Јован Канео
Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Види го Канео и... уживај!
Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи. Тоа е исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула...
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов
Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Дело на ерменски мајстори?
Св. Јован Богослов силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид- мост на европската уметност
Британскиот историчар на уметност сер Херберт Рид по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: „Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Круна на езерото
„Што ако овде ја немаше црквата, би било празно, иако природно привлечно, без црквата круната не би била ставена“, вели клисарот Сашо Трајаноски кој петта година ја одржува црквата. До 15 век во црквата се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, а монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати, а црквата станала набљудувачница.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид е најубавото место на Балканот
Един Огрешевиќ од Сараево често доаѓа во Македонија, а кога го најдовме кај црквата беше во друштво со две пријателки од Норвешка за кои рече дека биле шокирани од убавината. „За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Многу сум пропатувал ама мене овде ми е најубаво. Посебни се црквите во византиски стил кои ги има и на други места ама во вакво окружување се реткост“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Магијата на просторот
За охриѓанецот Стојан Стојановски Св. Јован – Канео е постојана инспирација. Неговите фотки одамна го обиколуваат светот. „Местоположбата на Канео е идеална за секојдневно фотографирање. Од која било страна да се наоѓаш, секогаш имаш фотографија со различна приказна и секако магија, особено на залезот на сонцето“, вели Стојановски.