Дали јавноста, ќе се определи за казна на СДСМ и Зоран Заев за Преспанскиот Договор, или ќе ја осознае заканата за Македонија ако се прифати политиката на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за раскинување на Договорот.
Реклама
Од старгрчкиот јазик потекнуваат два збора кои лаконски ја објаснуваат суштината на големите лаги и судбината на големите лажговци. Тоа се зборовите „продон псеудос,“ што во превод на македонски значи „татко на големата лага“. Толувањето пак на овие зборви означува дека штом еднаш искажете голема лага, ќе мора и натаму во врска со тоа постојано да лажете с` додека не ве откријат. Така станувате голем лажго на кој веќе никој не му верува, дури и кога зборува вистина. Што повеќе луѓе поверувале на големата лага, толку поголем срам и понижување од откривањето на измамата.
Една таква голема лажга со опашка која прво дојде како мевлем на рана беше на Христијан Мицкоски дека ако победи ВМРО ДПМНЕ на изборите ќе се поништи Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. За на крајот тој мевлем да се претвори во опасен отров кој може да ја однесе Македонија во неврат, до голема политичка нестабилност, економска криза и до распаѓање на државата.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
Во миговите кога на повидок е ублажениот став на Франција и подготвеноста на цела Европа за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија, оваа пролет, дури и пред изборите на 12 април, од Брисел стасаа загрижувачки навестувања и сигнали дека ќе нема одлука за почнување на преговорите додека не се уверат каква политика ќе води новата влада по изборите на 12 април. Брисел открива опасност и препознава во Македонија антиевропска предизборната кампања на ВМРО ДПМНЕ . Иако на прв поглед пораката е неутрална и се однесува на двете најголеми политички партии и нивните коалициони партнери , сепак е јасно дека Брисел ја согледал опасноста која може да произлезе од популизмот и од изборните резултати. Поточно Брисел не им верува на тврдењата на ВМРО ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски дека по изборите ако победат ќе ги признаат и двата договори и со Грција и со Бугарија и дека нема ништо да променат, ниту еден збор, ниту една запирка.
Меѓутоа, во Брисел и во Европа не сисаат весла, одамна научија како функционира Балканот, нивните амбасади во Македонија работат со полна пареа. Не е потребно ни еден ден да се откријат изворите на таблоидите на ВМРО ДПМНЕ и вмровските медиуми кои вријат од лажни вести и памфлети за големото предавство со скључување на договорите со Грција и со Бугарија редовно проследени со орекстрирани напади, закани, навреди и сатанизација на с` што мисли поинаку и ги подржува договорите со соседите како предуслов за успешни евроатлански интеграции на Македонија. Тоа се тие постојани лаги кои произлегуваат од таткото на лагата.
Мицкоски во тесна кожа
Христијан Мицкоски е во тесна кожа не ќе може натаму едно да зборува, а друго да прави во врска со соседите, со ЕУ и со НАТО. Разоткриена е испробаната доктрина, ние сме за НАТО и за ЕУ, демек од првиот ден на формирање на паријата, дека тоа се партиските изворни и програмски стратегиски цели и приоритети, а од друга страна да се создава амбиент во земјата дека ако дојдат на власт ќе ги поништат предавничките договори кои го одземаат, уставното име на државата, идентитетот, јазикот, националната гордост....
Деновиве ќе мора ВМРО ДПМНЕ да престане со двојната улога, една на затворените средби со европските и американските претставници, а друга на домашната сцена. Или Мицкоски јавно и јасно ќе каже за што е, дали ги поддржува евроатланските интеграции на Македонија, или НЕ. Или пак ќе изигрува некаков голем лидер и патриот кој ќе рече НЕ на Европа и НАТО пропагирајќи макзит, како брегзит. Божем сме Обединето кралство и империја помоќна од Велика Британија, па да кажеме збогум Европо, се уште не влезени во ЕУ.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
Јасно е. Понатму не ќе може да се седи на две столчиња, ем сме за Европа, ем сме против договорите со соседите. Вратите на НАТО и на ЕУ ќе бидат затворени ако досегашната политика на владата за добрососедски односи нема континуитет, без оглед кој ќе дојде на власт по 12 април. Бидејќи ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски досега со ниту еден збор на ја подржаа политиката на добрососедство и склучените догобвори тешко е да се поверува дека сегашната популистички примамлива позиција ќе ја напуштат во натамошната предизборна кампања. Напротив, таа од ден во ден постојано се засилува најмногу играјќи на казната на набедените предавници кои ги потпишаа срамните договори.
На истата карта на Христијан Мицкоски играше ВМРО ДПМНЕ и во времето на Никола Груевски. Со таа разлика што не само пред светот, туку и пред домашната јавност на сет глас се трубеше дека иднината на Македонија е во Европа со членство во ЕУ и во НАТО, а истовремено се градеа споменици на антички јунаци најголеми во светот, се расфрлаа парите на најсиромашниот народ во Европа за интервенции во науката во потрага по пославно минато, а земјата за оваа авантура се заборчуваше до гуша. Се менуваа имињата на улиците, автопатот и ареродромот со имиња непозанти во македонската поширока јавност позајмени од античките митови и историски личности, само за инат на Грците и на сиот разумен свет. Тажните резулати од оваа политика беа празнењето на Македонија со забрзано исселување, презадолженоста, владеењето без контрола, организираниот криминал и корупција....цела деценија поради оваа будалштина Македонија не мрдна од местото на патот кон Европа, а и загуби голем број поддржувачи и пријатели во светот.
Ќе имаме референдумски избори
И кога се донесоа најтешките одлуки кои беа главна пречка за редовно членство во ЕУ и НАТО и кога се отврорија вратите на Европа со потпишување на компромисните договори со соседите, подеднакво прифатливи, или неприфатливи кај сите страни во завиност од која страна гледате, се дојде до созанаие дека главна кочница и во Грција и во Бугарија и во Македонија се анахроните десничарски националистички струи кои целата своја старегија за освојување на власта ја градат на примитивен популизам и на сеење омраза. Прагматичните политичари во Грција првиот ден по освојување на власта ја прифатија реалноста и го поддржаа договорот , се откажаа од правењето подобар договор, но ветија дека ќе ги бранат интересите на Грција за деловите кои не се додефинирани во договорот. Во Бугарија и во Македонија ставовите на силите кои влечат назад се многу потврди. Очигледно тоа оди заедно со нивото на свеста и демократичноста на политичките лидери и интелектуални елити.
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
7 фотографии1 | 7
Во секој случај во Македонија предизборната кампања ја добива вистинската тема: дали јавноста, поточно поголемиот дел од избирачите, ќе се определат за казна на СДСМ и на Зоран Заев за потпишувањето на Преспанскипот Договор, или ќе ја осознаат вистината за опасноста што и се заканува на Македонија ако се прифати политиката на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за раскинување на Договорот со Грција што ќе означи крај на македонските аспирации за членство во НАТО и во ЕУ. Тоа е вистинската суштина на определбата на мнозинството која ја одре деува иднината на Македонија. Прашањето може да се постави уште поеднаставно дали сте за влез во НАТО и во ЕУ , со веќе потпишаните договори, или сте против членството во НАТО и во ЕУ со поништување на договорите. Многу веројатно дека ќе имаме повторно референдумски избори за најзначајното прашање во државата по прогласување на независноста.