1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпорност на општините на акутни шокови и хроничен стрес

Тони Поповски
28 август 2021

Пандемијата, заедно со шумските пожари и летните топлотни бранови е состојба на троен акутен шок со сериозни последици. Пишува Тони Поповски

Waldbrände in Italien
Пожари во Италика во близина на Палермо. Фотографија: Salvatore Cavalli/AP/dpa/picture alliance

Во моментов, концептот за „отпорен" град е водечки современ концепт на развој на градовите, населените места и општините. Се работи за концепт кој е помалку револуционерен, а повеќе еволутивен бидејќи се создаде преку постепено (во изминативе три декади) обединување на концептите на одржлив, зелен, умен, инклузивен, продуктивен и циркуларен, поврзан и атрактивен град. Концептот на отпорен град се „наметна“ особено во последно време поради потребата од подиректно справување со се поголемите а со тоа и повидливи последици од климатските промени, а уште повеќе поради потрфрлањата во управувањето, а особено во локалниот одговор на пролонгираната пандемија.

Во продолжение еден кус осврт за оваа концептуална еволуција во пристапот кон развојот на општините, градовите и населените места, а во пресрет на локалните избори и поврзаната понуда на кандидатите.

Одржливоста и еколошката димензија на општините со своите градови и други населени места е непосредно поврзана со начинот на користење на ресурсите на одредена територија и степенот на загадувањето на медиумите на животната средина, но и со состојбата на инфраструктурата за испорака на основните социјални и комунални услуги. Овој примарен концепт кој беше водечки пред повеќе од три декади, го дефинира градот и населените места како еко-систем кој треба да биде „здрав" за живеење, коегзистирајќи со опкружувањето и со природата. Во последно време овој примарен концепт е надграден со фокус на „продуктивен и циркуларен“ град, кој претпоставува стабилен локален економски развој преку зелена обнова и минимизирање на создавањето на отпадот од домаќинствата и индустријата.

Тони Поповски, колумнист на ДВ МакедонскиФотографија: privat

Првата дистинктивна надградба на концепт на „одржлив и зелен“ град сепак беше во насока на создавање т.н умен град (Smart City) со акцент на искористување на придобивките од новата револуција во информатичките технологии, по пат на нивно користење за подобро поврзување и мобилност, зголемена ефикасност на процесите преку користење на т.н отворени податоци, дигитализација на услугите и во поново време динамизираната примена на вештачката интелигенција во управувањето со населените места и испораката на локалните услуги. Истовремено се развиваше и тестираше концептот на „инклузивен“ град. Од една страна мотивиран од продлабочените нееднаквости и малиот напредок во борбата против сиромаштијата, а од друга страна поради политичката радикализација, миграциските бранови и зголемувањето на криминалот и глобалниот тероризам.

Како одговор на миграциските бранови а особено традиционалните миграции во и кон Европа, се разви концептот на „атрактивен“ регион, град или населено место, концепт кој цели да го задржи населението во местото на живеење. Огромни средства од структурните фондови на ЕУ, но и од механизмите за поддршка на државите кандидати за членство и соседството на ЕУ се трошат за оваа намена. Всушност и целиот глобален систем на помош од најразвиените за државите во развој и неразвиените во моментов е примарно насочен кон намалување на драматично зголемените миграциски движења преку адресирање на примарните двигатели на миграциите. 

Сите овие концепти кои му претходеа на интегрираниот концепт на „отпорен“ град и во моментов се негови структурни елементи. Тековните настани се повеќе ја оправдуваат целта на овој концепт и ја афирмираат потребата од итна и неодложна изградба на сите неопходни капацитети за апсорбирање на акутни шокови и хроничен стрес во општините со своите градови и населени места, вклучувајќи го и природното опкружување.  

Отпорност на акутен шок

Акутен шок за општините со градовите и населените места се земјотресите, поплавите, шумските пожари, топлотните бранови, пандемични и други настани како терористички напади. 

Во моментов близу 40% од населените места на планетата се изложени на овие директни ризици, а бројот на катастрофални природни настани се зголемува за над 10%, од декада во декада. Над 55% од луѓето живеат во градови, а притоа поради нагласените внатрешни и надворешни миграциски текови, прогнозите се дека над 66% од вкупното население на планетата до 2050 година ќе живее во градови. 

Сион вози на сончев погон

01:24

This browser does not support the video element.

Заеднички именител за сите овие предизвици кај нас е дефицитот на примена на современи пристапи и технологии за превенција и справување со акутни шокови. Оттаму и потребата од посеопфатно редизајнирање на стратегиите за просторен и одржлив развој на населените места како и поумешно (инклузивно) водење на процесите за нивно спроведување. Тоа е новата парадигма и од тука треба да се почне, од новиот стратешки концепт, а проектите како акциска алатка и нивната приоретизација (на што во моментов се фокусирани програмите за локалните избори) се логично исходиште на претходно планирање, иако и за нивна подготовка и спроведување се неопходни минимум капацитети, ресурси, знаење и вештини. 

Отпорност на хроничен стрес

За разлика од акутните шокови за кои мора да бидеме подготвени ако сакаме да избегнеме сериозни последици, има низа процеси кои континуирано допринесуваат за хроничен стрес во нашите општини, градови и населени места. Се почесто се јавува недостаток на квалитетна вода за пиење проследено со нередовно водоснабдување. Изложени сме на сериозно аерозагадување особено во најголемите 10-тина општини кои ги одликува најголема густина на население и економска активност. Во градовите, скоро без исклучок има тренд на намалена мобилност поради згуснат сообраќај. Во континуитет се соочуваме со нагласени локални социјални предизвици и сегрегација по различни основи. Во најголемите градови има тренд на формирање на квартови со висока стапка на криминал поради концентрирање на осиромашено и невработено население. Недостасуваат квалитетни комунални и здравствени услуги со барем близу оптимален опфат на населението особено во руралните општини кои претставуваат мнозинство во Републиката. Моделите на организација и инфраструктурата со ретки исклучоци, ни се претежно застарени. 

Секако, справување со хроничниот стрес во градовите и населените места не е само наш туку е сериозен глобален предизвик. Само за илустрација, во моментов повеќе од  90% од глобалното населението живее во средина со нарушен квалитет на амбиентниот воздух, со неисполнети минимални  стандарди пропишани од Светската Здравствена Организација, што за последица има загуба на 4,2 милиони животи секоја година наспроти загубените 4.4 милиони животи за година и половина од почетокот на пандемијата.  

Во биологијата, имунитетот е дефиниран како способност на повеќеклеточните организми да се спротивстават на штетните микроорганизми.  Во управувањето со општините, градовите и населените места, а во нашиот случај и со државата (за неа во некоја наредна колумна), имунитетот или отпорноста, може да се дефинира како способност да се пресретнат сите причинители на акутен шок и постојан, хроничен стрес. 

Со или без користење на медицинска терминологија и покрај секојдневното живеење во услови на пандемија, и без оглед на нашата политичка определба, крајно време е да се реорганизираме и да се определиме за една нова парадигма и засилено водење процеси кои ќе допринесат за зголемена отпорност. Колку порано тоа го сториме, толку подобро за сите нас. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми