1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпор во Истанбул со 140 симболи

Ченк Басламис / Александар Методијев 5 јуни 2013

Со продолжувањето на протестите во Турција против владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган се заоструваат критиките дека традиционалните медиуми во голема мера се молчаливи. Каква улога притоа играат социјалните медиуми?

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Турција, каде градежните зафати на паркот Гези на истанбулскиот главен плоштад Таксим се претворија во огромни протести против владата, младите активисти кои порано беа критикувани дека се аполитични сега го користат светски познатото оружје против безбедносните сили - Твитер.

Владината одлука да изгради бараки и шопинг-центар во паркот Гези и острата акција на полицијата против главно мирните демонстранти се чини дека не се доволно сериозни теми за кои турските медиуми би известувале.

Така, додека социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се преплавени со видеа и фотографии од судирите меѓу активистите и безбедносните сили, кои прекумерно користат солзавец, во исто време информативните канали емитуваат токшоуа или документарни филмови за пингвините.

Доаѓа Твитер

Познатиот социјален медиум Твитер е широко користен од демонстрантите за да комуницираат и меѓусебно предупредуваат за распоредувањето на полицијата и употребата на солзавец. Покрај полициската група наречена „брзи сили“, безбедносните сили во Истанбул не можат да бидат толку брзи колку што корисниците на Твитер можат да ги предупредат демонстрантите за можните напади.

Илјадници се собраа да протестираат против ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa

Твитер дозволува 140 симболи, што е доволно за бранителите на паркот Гези да организираат демонстрации и да побараат помош во неопходни залихи, како што се лековите и храната.

„Пречка“ и „предизвикувач на проблеми“?

Бидејќи некои корисници имаат до 50.000 следбеници, зборот се шири многу брзо. Така, можеби не е случајност што турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на прес-конференцијата во понеделникот Твитер го нарече „главниот предизвикувач на проблеми“ и „пречка за општеството“. Но, пред само 10 дена Ердоган ја посети Силиконската долина во САД и рече: „Знаењето е универзален материјал на човечкиот род од кое сите ние ќе имаме корист“.

Во вторникот вечерта во Измир, турскиот трет по големина град, 24 корисници на Твитер беа притворени врз основа на тоа дека „тие ширеле омраза меѓу популацијата“, што доведе до паника меѓу некои луѓе.

Од друга страна, Твитер нема апсолутна котрола на она што се постира и може да биде извор на дезинформации за двете страни, со што се поплочува патот за можни провокации.

Дезинформациите се шират со светлосна брзина

Активистите го чуваат паркот Гези во ИстанбулФотографија: picture-alliance/dpa

Фотографија од тешко повреденото тело на млад маж, која предизвика масовен револт меѓу корисниците на Твитер, се покажа дека е ос странско потекло. „Илјадниците“ полициски службеници кои си дале отказ е друг пример на дезинформација, како и онаа за отпуштањето на шефот на полициските сили. Како лажно се покажа и објавеното видео кое покажува смрт на демонстрант. Подоцна се дозна и дека фотографијата на која полицаец прска солзавец кон куче е од Италија.

И покрај поплаките на некои корисници на интернет за бавната конекција или исклучениот пристап во одредено време, провајдерите негираат дека има какви било рестрикции на интернетот, но признаваат дека постојат одредени проблеми во комуникациските врски околу плоштадот Таксим.

Исто така и користењето на Фејсбук е широко распространето, но Твитер е главниот извор на десетици илјади демонстранти. Сердар Кузулогли, колумнист во дневниот весник Радикал, го нарече Твитер „нервниот центар на движењето за отпор, кое нема команден центар“.

Многу луѓе ги разлути молкот во турските медиуми за настаните на Таксим. Во понеделникот група од бранителите на паркот Гези се собраа за да протестираат пред првиот турски државен, а во исто време и главен информативен канал НТВ. На плоштадот Таксим репортажното возило на овој канал беше нападнато од демонстрантите. Овој канал мораше да се извини за начинот на информирање, или за недостатокот од покривање на настаните, но тоа беше предоцна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми