1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отрезнување се шири на Косово

Подготвил Горан Чутаноски17 февруари 2009

Првата годишнина од независноста на Косово го предизвика вниманието и на повеќе весници од германското јазично подрачје.

Граѓаните на Косово славатФотографија: Refki Alija

Весникот „Ноје цирихер цајтунг“ се осврнува на меѓународната положба на Косово, па вели:

„Една година по едностраното прогласување независност во Косово се шири отрезнување. Оние кои во февруари минатата година очекуваа брзо меѓународно признавање на независноста, сега се соочени со поинаквата реалност. До сега само 54 од вкупно 192 држави членки на ОН го признаа Косово. Против се не само големи сили како Русија и Кина, туку и пет членки на ЕУ. Ваквата поделеност во редовите на Унијата не влева надежи на скоро признавање ни од земји од Африка или Латинска Америка. Ова дотолку повеќе, што на српската влада во октомври и’ појде од рака да го протурка во ОН барањето за проверка на одлуката за независност на Косово пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Тоа е дипломатска победа на Белград, што ги поддржа во натамошното одложување на одлуката за признавање главните градови на голем број земји“ - читаме во „Ноје цирихер цајтунг“.

Австриски „Ди пресе“ се обидува да ја отслика ситуацијата во Косово преку јазикот на бројките:

„Економското чудо, што го очекуваа и посакуваа многумина граѓани на Косово, за сега го нема. Земјата и понатаму се смета за најсиромашна во целиот регион. Стапката на невработеност изнесува околу 40%, стапката на економски пораст минатата година изнесува 5%, но таа мора да се релативира со националниот приход по глава на жител од одвај 1.300 евра годишно. Државниот дефицит изнесува 23% и се искачи на 1,8 милијарди евра. Голем дел од семејствата преживуваат само преку помошта што им ја испраќаат работниците во странство. Тие пак би можеле годинава поради светската економска криза да се намалат. Ваквата лоша економска ситуација е најголем извор на нестабилност, проценува косовскиот експерт Шпанд Ахмети“ - пишува „Ди пресе“.

И „Франкфуртер алгемајне“ се занимава со јазикот на бројките, но на поинаков начин:

„Доверливи бројки за економскиот и социјалниот развој на Косово нема. Во тоа ништо не помага ни присуството на меѓународните организации таму. Така, на пример, бројот жители на Приштина се смета дека изнесува 500.000. Една група експерти се обиде да ги провери ваквите и слични бројки и пресметувајќи го бројот приклучоци на водоводната мрежа, помножен со просечниот број членови на едно семејство и додавајќи ја сивата бројка, дојде до вкупен број од не повеќе од 200.000 жители на Приштина.

Слично е и со стапката на економски пораст: германската Банка за обнова и развој тврди дека таа изнесува 4%, Европската комисија вели 4,4%, а косовското Министерство за економија 5,4%. Околу стапката на невработени има помали разлики. Но, дали таа навистина изнесува 43,6% како што тврди една студија од 2007 година, тоа ќе остане загатка, бидејќи големи делови од економскиот живот во Косово се одвиваат зад кулисите на статистиката“ - заклучува „Франкфуртер алгемајне“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми