1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиромашниот север на Велика Британија

Ерик Албрехт
8 јуни 2017

Старите индустриски региони во северна Англија беа одлучувачки за излезот на Велика Британија од ЕУ. Токму тука луѓето ја чувствуваат растечката нееднаквост во земјата. Репортажа од Шефилд.

Nordengland vor der Wahl
Фотографија: DW/E. Albrecht

Мелесно месо, компири, малку сирење - на интернет Пем најде рецепт за скандинавско јадење од овие состојки, на денеска тоа е на менито во Спајерс центар. Секој петок екипа од малиот општински центар во Шефилд готви ручек за оние кои сакаат да дојдат. За некои тоа е единствениот топол оброк преку неделата. „Само до пред десет години не би помислил дека би организирале народна кујна. Сега тие се отвораат насекаде, зашто потребата е голема“, вели свештеникот Ендрју Кил. 

Арбуторн - една од најсиромашните општини во Велика Британија

Арбуторн, кварт во Шефилд во кој се наоѓа општинскиот центар, се вбројува меѓу најсиромашните населби во Велика Британија. Секое второ дете овде расте во сиромаштија. Во целиот Шефилд, град со околу еден милион жители, во меѓувреме работат 18 народни кујни.

Бројот на оние кои немаат доволно за јадење, од 2013 година е зголемен во целата земја. Во тоа време конзервативната влада на Дејвид Камерон го реформираше системот на социјална помош. Само Трасел Траст, најголемата мрежа на народни кујни во Велика Британија, лани опслужувала околу половина милион луѓе. Секој четврт, кој чекал на исплата на социјална помош, се обраќал за поддршка. Речиси исто толку луѓе заработуваат премалку за да можат да живеат. 

А премиерката Тереза Меј воизборната кампања на прв поглед можеше да покаже добри економски резултати. Британската економија расте со стапка од два процента годишно. Стапката на невработеност е меѓу најниските во ЕУ. Меѓутоа, работни места во минатите години беа отворени првенствено во секторот каде платите се ниски. И не сите региони профитираа од економскиот растеж.

Во моментов е регистриран најголем пораст на нееднаквоста од 80-те години наваму. Уште тогаш политиката на приватизација и деиндустријализација на премиерката Маргарет Тачер посебно силно го погоди северот на Англија.

Народни кујни на секој чекорФотографија: DW/E. Albrecht

Брегзит во фокусот

Во изборната кампања, двете големи партии ветуваа поправедно општество. Сепак,дебатата главно се вртеше околу Брегзит, истакнува Метју Флиндерс, политиколог од Универзитетот Шефилд: „Воопшто не стигнавме до прашањата на конкретната политика“. А тој гледа во тоа опасност: растечки дел од британското население се чувствува заобиколен: „Ако политиката не се справи со нееднаквоста, притисокот ќе расте.“

Не се зголемува само јазот меѓу сиромашните и богатите, вели Ли Мејџор од Сатон Траст, тинк-тенк за образовни прашања, туку опаѓа и социјалната мобилност. Со помош на мапа на Шефилд и околината, тој ја прикажува бризантноста во развојот на британската политика. Првенствено во областите околу Шефилд, каде владеат исклучително мали шанси за напредување на луѓето, мнозинството гласало за Брегзит.

Поделба на британското општество

„Сегашниот систем не е трајно одржлив“, вели Мејџор. „Британското општество ќе доживее фундаментален расцеп ако не преземеме нешто.“ За Мејџор, ЕУ-референдумот бил алармен сигнал: „Само, стравувам дека луѓето кои гласаа за Брегзит, по правило ќе имаат уште помали шанси.“

Токму оние кои гласаа за Брегзит во традиционално лабуристичките упоришта како Шефилд, на овие парламентарни избори се чувствуваат растргнати и не знаат кому да го дадат гласот. Зашто, Тереза Меј го узурпира цврстиот Брегзит-курс за својата конзервативна партија. Во такви услови, Лабуристичката партија имаше тешкотии да се пробие кај гласачите со својата верзија на поправедно општество, констатира политикологот Флиндерс.

Многумина во Шефилд можат да си дозволат купување само во продавници на хуманитарните организацииФотографија: DW/E. Albrecht

„Државата потфрли“

Во Спајерс центарот Анџела Маршал пакува пакети со прехранбени продукти за своите клиенти. „Тоа се обично тестенини со сос, ориз и месо од конзерва“, вели таа. Да го нема овој центар, многумина не би знаеле кому да се обратат: „Државата потфрлува. Затоа сме ние потребни.“

„Ние сме индустриска земја, а луѓето никогаш немале толку малку пари за храна“, додава свештеникот Ендрју Кил. Тој смета дека за тоа премалку се зборувало во изборната кампања. И затоа стравува од влошување на ситуацијата. Кил очекува ново кратење на средствата по изборите.

Сегашната влада го замрзна најголем дел од износот на средствата за државна помош до 2019 година. Но, трошоците за живот растат поради слабиот курс на фунтата. Тоа би можело да доведе до натамошно намалување на животниот стандард на најсиромашните семејства.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми