Отштета за осуден убиец и киднапер во Германија
5 август 2011
На 27 септември 2002 година студентот по право Магнус Гефген го киднапираше 11 годишниот Јакоб Мецлер. Гефген покрај малиот Јакоб ја познавал и неговата сестра, инаку деца на франкфуртското банкарско семејство Мецлер. Мотивот му бил - алчност. Имено и тој сакал да им припаѓа на добростоечките кругови во Франкфурт, но за тоа му биле потребни пари кои ги немал. Откако го киднапирал малиот Јакоб, Гефген го задавил во својот стан и од неговите родители побарал откуп од еден милион евра. Но, планот не му успеал.
3000 евра за нанесена душевена болка
По примопредавањето на парите полицијата го апси. Со оглед дека Гефген не дава јасни информации, истражителите веруваат дека момчето е живо. Тогашниот заменик шеф на франкфуртската полиција Волфганг Дашнер за време на сослушувањето и потрагата по Јакоб му се заканува на Гефген дека ќе му биде нанесена „незамислива болка“ доколку не каже каде е момчето.
Полицијата на крајот го открива мртвото тело на Јакоб и Магнус Гефген е осуден на казна доживотен затвор.
Гефген во затворот ги завршува студиите по право и во март годинава поднесува барање за отштета од 10 илјади евра за претрпена душевена болка поради заканите од полицијата.
Вишиот покраински суд во Франкфурт вчера (04.08) донесе пресуда по неговата претставка, наложувајќи и на покраината Хесен да му исплати на Гефген отштета во висина од 3000 евра.
И убијците имаат права
Прашањето кое доминира во јавноста во Германија потоа е каква порака се испраќа со пресудата во полза на осудениот убиец?
Професорот по право на Универзитетот во Бон, Герхард Вагнер признава дека и самото барање за отштета на Гефген е повеќе од невкусно, но потсетува дека германското право се заснова на ставот дека една личност не може да се „проколне“ за сите времиња, туку секому мора да се суди за поединечните дела според постоечките закони кои владеат за нив.
И убијците имаат права па дури и убијците на деца. Пред законот се сите еднакви и добро е што е така, истакнува Вагнер, додавајќи дека кон тоа мора и натаму да се придржува, па дури и ако во поединечни случаи профитираат и убијци како Магнус Гефген.
Но мнозинството граѓани во Германија не мислат така. Според нив германскиот правен систем очигледно има дефект и одлуката на судот во Франкфурт во психолошка смисла претставува вистински отров за општеството.
Автор: СН/ БГ/ дв/ дпа
Редактор: Александра Трајковска