1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрабрената Нуланд не исклучува санкции доколку нема решение

Б. Георгиевски11 јули 2016

Брзо решение за политичката криза и што поскоро одржување избори посакале македонските политички лидери по средбата со Викторија Нуланд. Американската дипломатка вели дека е охрабрена и очекува брзо решение.

Фотографија: Albanian MFA

САД се надеваат дека политичката криза во Македонија ќе се реши без да бидат принудени да воведуваат санкции, порача помошникот американски државен секретар Викторија Нуланд по повеќечасовните средби во Скопје со лидерите на четирите политички партии. Нуланд, која рече дека е охрабрена по средбите, разговараше и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на невладиниот сектор и новинари.

Запрашана дали, доколку политичките лидери повторно не го испочитуваат договореното, САД би можеле да воведат санкции, Нуланд не ја негираше таквата можност.

„Нашата надеж е дека ќе го решиме овој проблем без да одиме во правец на санкции“, рече Нуланд.

Американската дипломатка порача дека има мал напредок во имплементацијата на Договорот од Пржино, но смета дека „сега е време за договор кој ќе ја стави Македонија на курсот за слободни и фер избори“.

„Охрабрена сум од она што го слушнав. Се надевам дека во следните денови преговарачките тимови ќе се усогласат околу идеите кои се на масата и ќе го утврдат курсот кон избори. Чувствувам дека има волја за тоа“.

Поддршка за СЈО

Од САД уште еднаш стигна недвосмислена поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство, но и индиректна осуда за состојбите во правосудството.

„Работата на СЈО е од клучно значење за враќање на владеењето на правото, одговорност и вистински правен систем во Македонија, што е клучно доколку земјата сака да стане членка на ЕУ и НАТО“, рече Нуланд.

Таа не ја исклучи ниту можноста за формирање на Специјален суд информирајќи дека на маса се многу идеи „но она што е важно е системот да биде чист, одговорен и ефективен“.
Политичките партии преку соопштенија информираа за текот на разговорите со Нуланд. Сите четворица ја навеле потребата од одржување парламентарни избори набрзо. Заев смета дека се можни избори во ноември со прочистен избирачки список и објективно известување на медиумите. Груевски и Ахмети исто така се залагаат за избори што поскоро, додека Тачи рече дека „нема многу голема надеж“ за брзо решение, но смета дека останатите лидери денеска добиле поостри пораки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми