1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско Езеро со ниво под законски минимум, кој е виновен?

Милчо Јованоски
18 февруари 2017

Најнискиот водостој на Охридско Езеро во последниве децении забележан на македонска и на албанска страна-причина за експертска, граѓанска и политичка пресметка.

Mazedonien Ohrid See
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Најпрво на социјалните мрежи осамнаа фотографии кои сведочеа дека нивото на водата воОхридското Езеро е под законскиот минимум од 693,10 метри и тоа  за цели 15 сантиметри надолу. Речиси сите со прст покажаа кон АД ЕЛЕМ, кое ја користи водата за производство на струја и е задолжено за  регулирање на истекот на Eзерото во реката Црн Дрим кај Струга. Граѓани тврдеа  дека истекот бил целосно отворен уште од декември. Сушната зима и екстремниот студ се чини му пресудија на Eзерото. Под притисок на јавноста, истекот речиси беше затворен. Покрај негодувањата на еколошките здруженија и на граѓаните, реакции стигнаа и од опозициската СДСМ, која меѓу другото побара Eзерото да не се користи како акумулација. Од ЕЛЕМ  демантираа и јавија дека го прилагодуваат истекот на вода од Езерото во Црн Дрим според котата, а во согласност со податоците на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ „Глобочица“. „Од крајот на јануари на сила, на неодредено време, е  воспоставениот режим на биолошки минимум, што подразбира испуст од 3,5 кубни метри во секунда, што задолжително мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот по течението на реката Црн Дрим“, соопштија  од АД ЕЛЕМ. Управата за хидрометеоролошки работи побрза намалениот водостој да го оправда со грешка од неисправноста на мерната електронска табла во близина на охридското пристаниште. И овие изјави наидоа на поделени реакции во јавноста. Едни зборуваат за еко - катастрофа, други дека не е алармантно. Се релативизираше со изјавите дека ќе заврне, ќе се стопи снегот и дека нивото на Езерото ќе се нормализира. Со чесни исклучоци, и науката и експертите и овој пат молчат. 

Струга - истек на ЕзеротоФотографија: DW/M. Jovanoski

           

Проблемот е во испустот кај Струга

Проблематичните моменти доведоа до будење на јавноста и екосвеста, смета Дејан Пановски, член на координативниот тим на проектот „Дримски басен“ и додава:

„Не гледам во сегашнава состојба еколошка катастрофа, затоа што тој поим значи нешто сосема друго, но гледам почеток на реакција и работа за развивање на план за управување со Дримскиот басен, што е наша цел со новиот Дримски проект на ГЕФ, кој почнавме да го спроведуваме пет земји заеднички. Тоа е единствен начин и процес за да постигнеме квалитетно управување."

Проблемот  е во управувањето со истекот на водите на излезот на реката Дрим,н тврди Пановски: „ЕЛЕМ управува врз основа на стари договори. Треба да се дојде до нов Договор меѓу сите земји во Дримскиот Басен, со кој ќе се утврди управувањето согласно новите еколошки и економски услови. Тоа нема да се случи веднаш, но се надевам дека ќе се дојде и до создавање на заеднички тела за управување во басенот."

Охрид - повлечени водите на Охридско ЕзероФотографија: DW/M. Jovanoski

Демант на лаичките објаснувања

Охридското Езеро е меѓу старите езера во светот, како: Бајкалското, Тангањика, Њаса и некои езера на Целебес, чие настанување датира во геолошките векови пред ледената доба, вели биологот д-р Трајче Талевски и опсежно ги наведува можните последици по се' што се наоѓа во езерските води. „Досегашните  истражувања говорат за присуство на богат и посебен  жив свет, кој се манифестира преку ендемични  видови, родови па дури и фамилии. Најплиткиот дел од Езерото кој се простира од 0 до 5 метри е означен како литорал. Плиток литорал пак е оној дел од Езерото кој што се протега од брегот до еден-два метри длабочина. Целиот литорал, а особено делот на т.н. плиток литорал, е појас во Езерото во кој што се одвиваат најголемиот дел од активностите во целокупниот езерски екосистем. Големите варирања на нивото на водата во Езерото оставаат поголеми или помали негативни последици на растителниот и животинскиот свет во Езерото. Варирањата влијаат и на физичко-хемиските и микробиолошките карактеристики на водата во крајбрежието, бидејќи при намалување на нивото на вода  на крајбрежниот регион, подрачјата кои биле под вода сега се „суви или влажни а со тоа и контактот со воздухот и оксидацијата и минерализацијата на откриената тиња побрзо се одвива. При поголем бран доаѓа до миење на овие делови и промена на квалитетот на водата во литоралот. При повлекување на водата големи делови од езерската растителност остануваат на суво, а изворот на живот во литоралот и Езерото во целина е трската и останатата растителност. При ова не се загрозени само растенијата туку и сите алги кои што живеат на нив како и алгите на камењата. Голем број од овие кремени алги се ендемични и при повлекување на водата останување на суво и умираат. Фауната која живее во плиткиот литорал е една од најзагрозените. Околу 35% од ендемичните претставници од фауната на дното (полжави, школки, сплескани црви, трепчести црви, пијавици и др. живеат во делот кој останува без вода при вакви повлекувања на водата од Езерото. Овие организми кои живеат во тињата, во песокот, меѓу камењата или прикрепени за водната растителност имаат седентарен начин на живот и не можат да го следат брзото повлекувае на водата особено од подрачјата со благ наклон при што неминовно изумираат. Повлекувањето на водата може негативно да се одрази и врз краповидните видови и штипалките. Доколку  нивото на водата брзо не се нормализира и колку- толку не се ревитализираат деловите со макрофити, и водата не ги покрие деловите со песок и чакал, каде што во почетокот на април ципринидите почнуваат да ја полагаат икрата и каде се обавува инкубацијата, тоа може негативно да се одрази и врз целокупната рибна популација во Езерото“, потенцира биологот д-р Трајче Талевски. 

Ситуацијата аларманта и кај ПоградецФотографија: DW/M. Jovanoski

Уште позагрижувачко е во Поградец

Според Ариан Мероли, експерт за животна средина од Поградец, таму на 29 јануари Езерото се спуштило за околу 23 сантиметри под минималното дозволено ниво. Меѓу населбата Тушемиште и градот Поградец водата е повлечена дури до 50 метри од брегот. Обичните луѓе не ги интересира дали ЕЛЕМ водата ја искористил за производство на струја, го сакаат Езерото во стариот сјај.  Мероли вели дека и во новиот договор што на потпишување пред двете министерства за животна средина чека околу три години, би требало да останат истите коти за нивото на Езерото, бидејќи тие се релевантно поткрепени и од научниците. Но дека треба да се посвети поголемо внимание на заштитата споредено со 1957. година, од кога е во примена стариот договор. „Имаме далеку поразвиен туризам, енормно е зголемен дотокот на отпадни води, повеќе инфраструктура, фабрики кои се потенцијални загадувачи. На тој план треба да се насочиме. Предлагав да се формира мешовита – експертска комисија која ќе е одговорна за спроведување на договорот, кој освен Охридското ќе го третира  и Преспанското Езеро и реката Црн Дрим“, објаснува Мероли кој во тоа време беше претставник на Билатералниот секретаријат на Комитетот за заштита на Охридското Езеро. За еден месец Поградец се подготвува да конкурира пред УНЕСКО да го добие истиот статус како Охрид и Езерото. На овој документ, вели Мероли, работат заеднички претставници на министерствата за животна средина и за култура  од двете земји.

Езерото уште не е стабилизирано. УХМР вчера соопшти дека нивото на водата е само еден сантиметар над дозволениот минимум. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми