1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Охридско лето“ се престројува и чекори кон креативните индустрии

Милчо Јованоски12 јули 2013

„Охридско лето“ со 53-то издание се качува скалило погоре во светот на уметноста, сметаат организаторите. Се воведуваат новини од кои ефектите допрва ќе се видливи. Селекторите имаат идеи, но буџетот им е скромен.

Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

„Атрактивна програма,бројни музички ѕвезди и театарски премиери.“ Вака организаторите на фестивалот „Охридско лето“ ја продаваат приказната за новото издание кое почнува вечерва (12 јули ) во Охрид. Чинот на отворањето на фестивалот ќе го одбележи настапот на светската оперска ѕвезда, баритонот Дмитриј Хворостовски од Русија придружуван од оркестарот и хорот на Македонската опера и балет под диригенство на русинот Константин Орбелиан. „За Дмитриј критичарите велат дека во мигов е врв на врвовите,а секој негов настап е позитивно оценет од критиката.Тој е уметник од светски ранг и ѕвезда,вели селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска. Од предолгата листа со уметници Неделковска ги издвои и настапите на дуото Корољов. Светски познатиот виолончелист Антонио Менезес и неверојатниот виолинист Немања Радуловиќ. Таа открива колку е тешко со ограничен буџет да се привлечат големи ѕвезди и дека преговорите со некои од нив траат со години „Билет повеќе летово ќе се бара за концертот на светската атракција, гудачкиот квартетот „Бонд“. Во Македонија четирите талентирани и атрактивни девојки доаѓаат првпат. По 7 години преговарања труд и трпение, ете успеавме да ги доведеме на фестивалот.

Театарски спој на класика и мултимедија, млади  и искусни режисери, актери и ансамбли

Уникатен, необичен и сосема различен драмски дел на „Охридско лето“ од сите претходни изданија, најавува селекторот Ѓорѓи Јолевски. „Класиката ќе биде основата, адаптирана на летен фестивал. Театарскиот дел ќе обилува со повеќе комедии, но истенчениот вкус на публиката ќе биде задоволен со податокот дека претставите ќе имаат софистициран, но и автентичен хумор. Дури 60 порценти од драмскиот дел ќе бидат премиери. Неколку театри низ Македонија забрзано ги подготвуваат проектите за сцените во Охрид.“ Јолевски, потенцира дека целото „Охридско лето“ годинава ќе се потпира на младата режисерска и актерска сила која надоаѓа.Меѓу нив Александра Кардалевска, Лука Кортина и Драгана Милошевска, тоа се режисери кои завршиле во класата на Слободан Унковски, кој исто така ќе има претстава на фестивалот. Тука се и режисерите Златко Славенски и Дејан Пројковски кој во мигов е во зенитот на интересот на Балканот. Ќе бидат застапени и неколку европски режисерски имиња кои носат нова јазична естетика, објаснува Јолевски.

Претседателот Ѓорге Иванов со рускиот оперски пејач Дмитриј ХворостовскиФотографија: DW/M. Jovanovski

Скромниот буџет – ограничувачки

„Најголемиот „затвор“ што го чувствувам во креирањата на програмата се средствата. Тие што ги добивам за креирање на драмската програма се исклучително малку.  На тој начин сум ограничен во идеите да се носат големи продукции.Ограничувачки фактор се и техничките услови за изведба на претставите. Има многу претстави кои со задоволство би ги донесол, но немаме технички услови за одигрување на тие претстави на отврено или во сала адекватна за нив. Жал ми е што не можев да ја донесам на пример: „Хамлет “ од Тел Авив. Во Охрид нема простор каде би се одиграла претставата. Слична е приказната со новиот проект на театарот од Санкт Петресбург.“ Желба на Јолески е Охрид да добие модерна сала. Да има барем две до три претстави за деца, но и уличен и алтернативен театар. Сакам во рамките на фестивалот да  се одржуваат летни школи за млади актери и режисери,“потенцира Јолевски.

Новини чии ефекти ќе бидат препознаени допрва 

Пред повеќе од една година јавноста во Охрид доаѓањето на директорката Елизабета Јанкуловска од Скопје го коментираше во стилот дека и фестивалот може да го преселат таму. Но, тоа не се случи. „Со мојот пристап и посветеност кон фестивалот дилемата кај охриѓани исчезна. „Охридско лето“ е убаво затоа што се случува во Охрид. Охриѓани се добри домаќини и луѓе и сум благодарна на поддршка што ми ја даваат,“вели Јанкуловска. На прашањето колку е можно и моќна меѓу управниот одбор и селекторите да протурка свои идеи ни рече: „Проектите „Креативен Охрид“претставена за првпат преку Архитектонската школа  и „Охридско лето ви препорачува“ се мои идеи. Поврзувањето на живата култура со недвижното културно – историско богатство е идеја  која  сакав да се реаизира,“вели Јанкуловска.Ефектите од новините ќе се долгорочни, сметаат во фестивалот. „Дизајнот со минималистички пристап од амплитуда, годинава прерасна во скали што не носат погоре и погоре. Симболично го потенциравме влезот на новите технологии, креативните индустрии и мултимедијалните проекти кои ги има на манифестацијата. Основниот концепт останува, меѓународен фестивал на класична музика и театар. Во 40 дена ќе има над 50 настани кои во основата ќе се класични, но вратата е отворена за сите нови жанрови кои се  белег на иднината на уметноста во светот. Лани еден,а годинава дури три концерти ќе се емитуваат во живо преку нашата веб – страница.Така локалноста ја заменуваме со глобалноста и се потврдува високот место на „Охридско лето“ во Европската асоцијација на фестивали“, објаснува директорката Јанкуловска.

Ѓорѓи ЈолевскиФотографија: DW/M. Jovanovski
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми