С. Македонија и Албанија добија две години рок да ги имплементираат препораките со цел Охридскиот регион да не биде ставен на листата на природни богаства во опасност.
Реклама
Северна Македонија и Албанија добија уште една шанса од УНЕСКО. Тие во наредните две години ќе треба да ги имплементиаат препораките коишто ги доставија Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да се избегне ставање на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.
Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу го прифати предлогот на Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност. БиХ својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Северна Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.
УНЕСКО: Загрозено светско наследство
Комитетот за светско наследство постојано преиспитува дали она што се наоѓа на листата на Светско наследство сѐ уште ја заслужува таа титула. Годинава на црвената листа се најдоа познати места, меѓу нив и Охрид.
Фотографија: Eberhard Thonfeld/imago images
Охридско Езеро: Туризам или Светско наследство?
Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите езера во светот. Научниците пресметале дека е старо над 1,36 милиони години. Во 1979 година Унеско го стави на листата на Светско наследство. Поради туристички проекти и недоволна грижа за природното богатство, сега се исполнети условите Охридскиот регион да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност.
Фотографија: picture alliance / Zoonar
Венеција: Премногу туристи, преголеми бродови
Пред две години градоначалникот на Венеција го повика УНЕСКО да го стави неговиот град на Црвената листа на загрозено светско наследство. Тоа беше повик за помош поради огромните маси туристи во градот. Сега оваа „желба“ би можела и да се оствари: На седницата во Фужоу, Кина (од 16 до 30 јули) Светскиот комитет ќе одлучува за тоа дали Венеција навистина ќе биде деградирана.
Фотографија: Eberhard Thonfeld/imago images
Стоунхенџ: Историски камења наспроти автопат
Формацијата од камења Стоунхенџ, во јужна Англија, која е стара повеќе од 4000 години, од 1986 година е дел од Светското наследство. Секоја година таа привлекува речиси еден милион туристи. Поради еден проект за автопат кој води покрај Стоунхенџ и ги поврзува градовите Бервик и Ејмсбери, Стоунхенџ би можел да се најде на Црвената листа на УНЕСКО.
Фотографија: Dae Sasitorn/imago images
Спомен обележје Аушвиц-Биркенау
Од 1979 година дел од Светското наследство е и Спомен обележјето Аушвиц-Биркенау. Тоа потсетува на концентрациониот логор на нацистите во кој биле убиени повеќе од 1,1 милион луѓе. Комитетот за светско наследство критикува дека големи сообраќајни проекти би можеле да влијаат негативно врз карактерот на спомен обележјето и се жали на недоволната кооперативност на локалните власти.
Фотографија: imago images/robertharding
Камчатка: Експлоатација на природни богатства
По 25 години на листата на Светското наследство, вулканскиот регион на полуостровот Камчатка, на истокот на Русија, е соочен со преместување на Црвената листа на УНЕСКО. Дел од многуте причини за тоа: илегален риболов, незаконска експлоатација на земни богатства, како злато и гас, намалување на бројот на диви животни поради уништување на нивниот животен простор, како и политичко лошо менаџирање.
Фотографија: Alexei Maishev/Tass/imago images
Кенија: Старото градско јадро на Ламу Таун
Најстариот постојано населен град во Кенија постои околу 750 години, а прекрасното старо градско јадро е на листата на Светско наследство од пред 20 години. Но, сега е соочен со префрлање на Црвената листа, поради тоа што неговиот карактер е многу загрозен од начинот на којшто се гради, како и поради проблемот со отпадот и планираните големи проекти како нафтовод и меѓународен аеродром.
Фотографија: Sergi Reboredo/picture alliance
Австралија: Големиот корален гребен
Големиот корален гребен стана дел од Светското наследство во 1981 година. Тој се состои од речиси 3000 поединечни корални гребени и се протега во должина од околу 2300 км. Но, поради промените на климата и растечките температури на водата, тој ги загуби речиси половината од своите корали. Бури, дупчење гас и хаварисани бродови претставуваат исто така закана за неговиот статус на Светско наследство
Фотографија: Kyodo/MAXPPP/picture alliance
Бангладеш: Мангровите шуми Сундарбан
Најголемите мангрови шуми на Земјата имаат површина од над 10.000 квадратни километри, од кои две третини припаѓаат на Бангладеш, а една третина на Индија. Мангровите шуми се дом на многу загрозени видови и се дел од Светското наследство од 1997 година. Поради нелегален лов, загадување на водата, незаконска сеча на шумите и зголеменото ниво на морето, шумите се соочени со ставање на Црвената листа
Фотографија: NASA/ZUMA Wire/picture alliance
Танзанија: Резерватот Селус
Само што доби статус на Светско наследство во 1982 година, а УНЕСКО веќе се жалеше на „илегални активности“ во најголемиот резерват за диви животни во Африка. Селус се најде на Црвената листа во 2014 година поради повеќе работи: премногу туристи, експлоатација на земни богатства, проект за брана и големо намалување на популацијата поради незаконски лов на диви животни.
Фотографија: Greg Armfield/AP/picture alliance
Ливерпул: Пристаништето пред исклучување
Со конечно исклучување од листата на Светско наследство е соочен и квартот околу пристаништето во Ливерпул. Тој се најде на Црвената листа само осум години по добивањето на титулата (2004), поради тоа што објектите не се одржуваат како што треба, а градежни објекти во околината негативно влијаат врз карактерот на тој дел од градот.
Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. За поместување на Охридскиот регион на листата светски богатства во опасност се изјаснија националните комисии на УНЕСКО на Норвешка, Бахреин и Австралија, кои сметаат дека тоа дополнително ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани.
Продолжување на роковите
Министерката за култура, Ирена Стефоска посочи дека Северна Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Во обраќањето пред учесниците на состанокот, таа побара продолжување на роковите за да се овозможи натамошно дејствување во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство.
БиХ и Норвешка се задолжени да формираат заедничка група што ќе го следи процесот на исполнување на препораките и за тоа да ги информира Секретаријатот и Комитетот за светско наследство.
Што треба да се направи?
Експертскитe тела за природно и за културно наследство бараат од двете држави да разработат детален стратешки план за обновување којшто би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни цели за ублажување на заканите. Истовремено, се инсистира планот да биде базиран врз препораките на Мониторинг мисијата од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Планот со спроведените мерки во меѓувреме да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.
Од Северна Македонија и Албанија се бара до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на горепосочените забелешки, од што би произлегле натамошните активности и евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.
Пред да биде соопштена ваквата одлука, повеќе од триесет еколошки организации и граѓански здруженија од С. Македонија и од Албанија застанаа зад барањето на Еколошкото здружение „Фронт 21/42“ кое поднесе писмо до Комитетот за светско наследство Охридскиот регион да биде впишан во Списокот на светски наследства во опасност.
Магијата на Св. Јован Канео
Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Види го Канео и... уживај!
Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи. Тоа е исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула...
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов
Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Дело на ерменски мајстори?
Св. Јован Богослов силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид- мост на европската уметност
Британскиот историчар на уметност сер Херберт Рид по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: „Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Круна на езерото
„Што ако овде ја немаше црквата, би било празно, иако природно привлечно, без црквата круната не би била ставена“, вели клисарот Сашо Трајаноски кој петта година ја одржува црквата. До 15 век во црквата се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, а монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати, а црквата станала набљудувачница.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид е најубавото место на Балканот
Един Огрешевиќ од Сараево често доаѓа во Македонија, а кога го најдовме кај црквата беше во друштво со две пријателки од Норвешка за кои рече дека биле шокирани од убавината. „За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Многу сум пропатувал ама мене овде ми е најубаво. Посебни се црквите во византиски стил кои ги има и на други места ама во вакво окружување се реткост“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Магијата на просторот
За охриѓанецот Стојан Стојановски Св. Јован – Канео е постојана инспирација. Неговите фотки одамна го обиколуваат светот. „Местоположбата на Канео е идеална за секојдневно фотографирање. Од која било страна да се наоѓаш, секогаш имаш фотографија со различна приказна и секако магија, особено на залезот на сонцето“, вели Стојановски.
Фотографија: DW/S. Stojanovski
7 фотографии1 | 7
„Иако војни или природни катастрофи се најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност, во случајот со Охрид тоа е директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави“, укажаа екологистите. Тие се особено се загрижени од продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата УНЕСКО од јануари 2020 година.
Во нивниот извештај на 125 страници детално беа посочени сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бараше забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испрати јасна препорака, дека ако не се постапи како што е побарано Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.
Охрид - рај за очите и спокој за душата
Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi
Варош - стар град
Поглед од пристаништето кон Варош, стариот дел на градот. Препознатлива архитектура која својот процут го доживеала во 19. век, кога и Охрид се чини е економски најмоќен. Тогашните видни трговци соработувале со Лајпциг и Виена. Многу охриѓани во тоа време учеле во Париз, на Сорбона, или пак во Атина. Во овој дел од Охрид, меѓу другите, живеел големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
„Охрид убав мил, ти за мене рај си бил...“
Куќите во стариот дел на Охрид, начичкани една до друга за да го „ѕирнат“ езерото, речиси и да немаат дворови. Еве како малиот слободен простор станува оаза на цвеќето. Ова е улицата која води кон Плаошник.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плаошник
Познат религиозен локалитет од почетоците на христијанството. Пронајдени се неколку ранохристијански базилики и остатоци од црквата Свети Пантелејмон, изградена од Св. Климент Охридски, кој таму и живеел. На 11.08.2002 е осветен новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон кој претставува реплика на Светиклиментовата црква. По 530 год., овде повторно се пренесени моштите на Св. Климент Охридски.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Антички театар
Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Класичниот театар бил изграден пред околу 2.000 години, или во доцниот македонски период, кратко по Римското освојување. На делумно откриениот и обновен антички театар од почетокот на 21. век секое лето на 12 јули се случува отворањето на фестивалот Охридско лето.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плоштад
Централниот охридски плоштад е неодминливо место за жителите на Охид и за туристите. Некогаш овој просотр беше преполн со трендафили, а сега местото го зазеле новите видови цвеќиња и зелениот килим од трева. Во позадина е езерото и споменикот „Фаќач на крстот“ - симбол на празникот Богојавление-Водици, поставен во јули 2014 година.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Парк
Пролетта може да се „вдише“ во охридскиот парк. Тука е Рибниот ресторан, типичен репрезент на охридската староградска архитектура. Изграден во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Сега е приватизиран, но ја има истата намена. Ќе ве пречека со богата понуда од македонски специјалитети, ама и чорба од охридска риба и староградска песна.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Колепка на словенската писменост
Споменикот на Св. Наум Охридски е дел од тријадата споменици во центарот на Охрид. Скулпторот Томе Серафимовски ги изработи и постави спомениците на Св. Кирил и Методиј, споменикот на Св. Климент Охридски и споменикот на Св. Наум. Така туристичките водичи на само стотина чекори од еден до друг споменик можат да ја раскажат историјата за создавањето на словенската писменост и нејзиниот развој.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Лебеди
Лебедите се бел украс на Охридското Езеро. Грациозни и дружељубиви кон оние кои сакаат да им подадат храна. Во Охрид се населиле кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Живеат во двојки и познато е: ако едниот угине, другиот не преживува – тагува, ја пее „Лебедовата песна“ и умира.Често кога луѓето сакаат да ја споредат верноста во љубовта ги земаат лебедите за пример.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Патека кон убавината
Новата пешачка патека во Охрид минува низ живописна природа со клупи и видиковци. Погледот на езерото е прекрасен. Ова е делот од Охрид, како што охриѓани велат: зад Калето од Канео преку Лабино до Грашница или обратно.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Св. Јован Богослов - Канео
Ова е се чини најпрепознатливиот и најсликан мотив од Охрид. За црквата не постојат сигурни историски податоци. Нејзиниот „живот“ може да се следи во општи историски рамки на развиток, почнувајќи од 13. век до денеска. Автор: Милчо Јованоски