1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дождот ја враќа надежта за Охридското Езеро

ДТЗ /ДВ
11 јануари 2021

Но, не е само сушата најголем непријател на езерото. Македонскиот бисер со години наназад е жртва и на човековата негрижа и безмилосно узурпирање на природата.

Radozda am Ohrid See Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanovski

Охридското Езеро деновиве е над природниот минимум, но сепак под просекот, откако силни врнежи дожд го зафатија регионот. Големи промени нема во нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, кои и натаму се под месечниот просек, но обилниот дожд, по долгиот сушен период, го враќа животот во езерата. Жителите во охридско-преспанскиот регион се радуваат на секоја капка дожд - таа значи нова надеж и за еколошкиот опстанок на природното непроценливо богатство, но и за животинскиот свет, кој со повлекувањето на водата, беше оставен буквално на суво на брегот на езерото. 

Зголемен водостој

Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, Охридското Езеро се наоѓа на кота 693,15 метри надморска височина, што е пет сантиметри над дозволениот природен минимум, но е 23 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в.).  УХМР најавува пообилни врнежи во западните делови, каде се прогнозира дека е можно да наврнат и над 30 литри на метар квадратен дожд. Се најавува зголемување на водостоите не реките, поради што се апелира на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено покрај оние во западните делови од државата. Значително висок ќе биде водостојот на реката Сатеска во чии сливови можни се локални излевања. 

-повеќе на темата:Еколошка катастрофа им се заканува на езерата

Според прогнозите и во наредниот период се очекуваат врнежи од дожд, локално и до 20 литри на квадратен метар што ќе ја подобри неповолната хидролошка состојба. За споредба, на крајот на ноември нивото на езерото беше дури на 693,09 м.н.в. или сантиметар под дозволениот минимум. Состојбата толку беше загрижувачка што на градскиот кеј можеа да се забележат мали островчиња. На одредени делови на брегот, заради нискиот водостој на езерото, бродарите се жалеа дека не може да се маневрира со пловни објекти, особено на влезот кај каналот Студенчишта и на пристаништето кај Свети Наум. 

„Чувајте го езерово з'ш немат поклони“

Сушата изминатиов период драматично ги празни Охридското и Преспанското езеро, поради што македонската Влада најави план за нивна ревитализација, како и  финансиска помош за спас на езерата, кои неповратно се повлекуваат пред очите на мештаните. Екологистите стравуваат и за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицата.

-повеќе на темата: Откриени нови тајни на дното на Охридското Езеро

Но, не е само сушата најголем непријател на езерото. Македонскиот бисер со години наназад е жртва и на човековата негрижа и безмилосно узурпирање на природата - и од несовесните загадувачи, но и од урбаниот хаос, кој често задира до водите на езерото. Бетонски градби, платформи, со години наназад навлегуваат длабоко во езерските води, а нивното дно е затрупано со смет, па дури и цели кујни и дневни соби беа пронаоѓани во длабочините од несовесни граѓани, кои се ослободуваат од отпадот, трупајќи го во езерото. А, тоа молчи и трпи. 
Никола Паскали од нуркачкиот центар „Акватек“ ја започна новата година со нова акција на собирање отпад од Охридското Езеро. Овој пат тој наишол на разна пластика, шишиња, најлони и лименки. „Чувајте го езерово зш немат поклони хо, хо, хооо!“, порачаа нуркачите.  Претходно, преку слични акции во неколку наврати заедно со своите пријатели и колеги собраа фенер, правосмукалка, перална и градежен отпад.

Екологистите стравуваат и за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицатаФотографија: Daniela T. Zafirovska/DW

Црна листа

Охрид до крајов на месецов го очекува Извештајот за напредокот по однос на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиески неодамна изјави дека градот нема да се најде на листата на Светско наследство во опасност, но доколку се случи тоа „само би значело забрзан пристап кон имплементирање на препораките кои градот ги добива со години наназад“. „Охрид во јануари нема да биде ставен на црната листа, ние во Охрид ќе го добиеме извештајот од реактивната мисија. По тој извештај ќе се расправа на следната сесија на УНЕСКО која не знаеме кога ќе биде поради кризата со пандемијата. Доколку Охрид се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО нема да биде национална трагедија, бидејќи нема да биде избришан, туку ќе треба забрзано да се работи на имплементирање на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“, вели Георгиески.

-повеќе на темата: Охрид меѓу короната и УНЕСКО

Тој најави дека ќе продолжи најави акцијата за рушење на дивоградбите за која се обезбедени шест милиони денари од Владата. Во план е да се отстрануваат нелегалните градби долж крајбрежјето, пред се шанкови и цврсти градби на плажите.  

Загрозено наследство

УНЕСКО како организацијата на Обединетите нации за заштита на светското културно наследство уште во 2019 година препорача Охрид и регионот да бидат ставени на листата на загрозено светско наследство. УНЕСКО бараше да се процени влијанието на нелегалните градби во заштитеното охридско подрачје, да се прогласи мораториум на градбите и да се отстранат оние што претставуваат опасност. Од организацијата тогаш оценија дека нема напредок во решавањето на проблемите во животната средина и дека заштитеното охридско подрачје е под континуирани закани од  градежни потфати.
Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ со години наназад алармираат и бараат да престанат нелегалните градби на охридското крајбрежје и заштитеното подрачје и бараат институциите да реагираат на грубото кршење на законската регулатива и загрозувањето на животната средина и на статусот на Охрид како град на УНЕСКО.

„Ако институциите на државата не најдат начин да се сузбие овој криминал, за какви европски вредности и перспективи зборуваме? За какво одење напред и за кого? Сигурно не за обичниот човек кој и понатаму ќе биде оштетуван и злоупотребуван“, истакнуваат во своите апели граѓанските активисти во зиминатиот период. Охрид за првпат откако е впишан како заштитено подрачја од УНЕСКО во 1979 година може да се најде на листата на светско културно наследство во опасност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми