1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Охрид - за секој ден по една црква

ЕМФ / кна
3 јуни 2021

Зошто би оделе на дестинации со масовен туризам, наместо да се осмелите на нов чекор, прашува во поднасловот на текстот за Охрид агенцијата КНА и додава: На Охридското Езеро ве чека речиси неоткриено културно наследство.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Црквата Свети Канео во ОхридФотографија: DW/S. Stojanovski

Охрид, град со 40.000 жители, некогаш туристички магнет во Југославија, а денес се бори да го задржи својот статус, оценува на почетокот на текстот агенција КНА и дообјаснува: „И покрај големиот број сончеви денови, кристално чистата вода, лимоните, смоквите и оревите, добриот воздух на Охридско Езеро по распадот на Југославија стана поредок, новиот свет по промените се чини како да не е цврсто етаблиран. Притоа, дури и само уметничките богатства и црквите се вредни за да се отпатува таму.“

Црквата Света Софија во Охрид, според КНА, е само еден од многуте бисери на Охрид, град „основан од Римјаните и од дамнина културен и духовен центар“, точка од каде почнала словенската мисија и кој „својот процут го доживува во доцниот среден век“.

„Охрид има 365 цркви - по една за секој ден, велат овде“, продолжува КНА и наведува дека уште во 17 век, среде османлиско време, имало 330 цркви. „Црквата Света Софија била изградена во времето на архиепископот Лав, помеѓу 1037 и 1056 година, врз фундаментите на поранешна црква. Охридската архиепископија во тоа време се протегала на огромна територија помеѓу албанскиот брег, Дунав и Солунскиот Залив, архиепископот бил именуван од Византија. Лав важи за донатор на спектакуларните и полни со содржина фрески, чиј тематски циклус од времето на Големата Шизма во 1054 година исклучително многу зборува за ставот на источните цркви од Константинопол кон римското папство. Овие фрески, кои имале влијание во целиот средновековен балкански простор, денес се дел одСветското културно наследство на УНЕСКО. Уметникот во црквата Света Софија, меѓутоа, свесно вметнал и сопствени стилистички акценти, веројатно рефлекс на стремежот на Охрид кон поголема локална независност од византискиот царски двор. Така, фреските се нацртани врз сина, наместо врз вообичената златна основа. Научниците препознаваат и поврзаност со фрескосликарството кое тогаш било актуелно во Италија. Покрај Тајната вечера, Христос Пантократор и прекрасната Богородица, особено се впечатливи шесте римски папи. Фрески од папи во една источнохристијанска црква?

Вкупно околу 50 големи фигури се насликани во Света Софија - истакнати патријарси, епископи, ѓакони и писатели. Шесте бискупи од Рим се насликани на иста површина како и црковниот татко на источните цркви Свети Василиј Велики, како Свети Јован Златоуст и Свети Григориј Богослов, но во страничниот простор на ѓакониконот.“

Црквата Света Софија во Охрид била изградена во времето на архиепископот ЛавФотографија: DW

Агенцијата КНА наведува дека во османлиско време сите фрески во Света Софија биле покриени со вар и дека црквата била користена како џамија, а откривањето на сите фрески и нивната заштита од натамошно пропаѓање е завршена во 1950-те. „Во меѓувреме на нив се гледа како на клучно дело за сфаќање на европскиот уметнички развој воопшто“, оценува агенцијата.

Во подолгиот текст се опишуваат и црквата Свети Јован Канео, која се смета за „една од најубавите меѓу многуте православни цркви во Охрид“, како и Свети Климент, која „станала главна црква на Охридскиот архиепископ“.

„Оттогаш овде се наоѓаат моштите од најпознатиот ученик на словенските апостоли Кирил и Методиј, кој починал во Охрид во 916 година како прв словенски епископ, една рака на Климент лежи во Софија, еден прст во Рим, главата во соседна Грција...“

Туристи пред црквата Света Богородица Перивлепта во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

Во текстот на КНА не е заборавен ниту манастирот Свети Наум, изграден на оддалеченост од 30-тина километри од Охрид, на место на кое до денес се чувствува „поранешната идила и духовност“.

На крајот од текстот е спомната и Света Богородица Болничка, која се наоѓа во стариот дел од Охрид. „Таа била место за карантин, каде оние што доаѓале во времето на чумата морале да останат 40 дена пред да смеат да се движат во градот. А, веднаш наспроти неа е и Свети Никола Болнички.“

„Мештаните велат дека на Охридско Езеро е најубаво наесен. Време е по крајот на пандемијата на корона да се тргне по нови туристички патишта и тоа да се искуси лично“, заклучува католичката агенција КНА.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми