1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид, Преспа, Брисел

13 август 2019

На 18. годишнина од потпишувањето на Рамковниот договор, потсетување од нашата архива. Каде ќе беше Македонија без охридскиот акт за мир, и каде ќе биде без преспанскиот - ако државата не го фати овој воз за интеграција?

Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien
Фотографија: DW/M. Jovanoski

По повод 17-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор (13.8.2001 година), Секретаријатот за европски прашања денеска во Клубот на пратениците организира панел на тема: „Патот до Брисел преку Охрид“.

Треба ли да се потсетиме дека пред 17 години беше тешко да се реализира каква било дебата. Токму поради нејзиното отсуство, и поради нерешавањето на прашања од корпусот на човекови права, „збор почнаа да држат“ рафали, тензии, пресметки... Треба ли да се потсетиме дека пред 17 години беше ризично да се патува до Охрид преку Тетово. Дека некои академици предлагаа решавање на конфликтот преку размена на териториии и население. Дека главен рефрен беше „Не може да се живее заедно со Албанците“.

Ако тогашните партиски лидери се раководеа од ваквите ставови, денес Македонија најверојатно немаше повеќе да биде на картата на светот. Или барем не во овие граници. Беше прашање на храброст и визија да му се даде шанса на дијалогот, и да се разбере дека мултиетничноста е богатство за една земја, а не нејзин хендикеп. Дека етничките проценти не треба да бидат праг и за „дозволениот“ процент на човекови права.  

Арбен Џафери и Имер Имери, тогашните лидери на ДПА и ПДП, денес не се меѓу нас, но нивниот потпис на Охридскиот договор им овозможи на генерациите по нив да живеат во земја во која мирот, разбирањето и заедништвото имаат исто значење на кој било јазик. Не е меѓу нас и тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, кој целосно се вгради себе си во намерата да ја извлече земјата од конфликтот и да се стави крај на црниот биланс на изгубени човечки животи. Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски денес може да посведочат какви напори се вложени за да се стигне до мир. Охридската вила „Билјана“, каде беше потпишан Договорот, денес е домаќин на гости кои не зборуваат за жртви и конфликти, туку за интеграциските перспективи на Македонија.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Секако, не беше лесно во изминатите 17 години. Договорот не зависеше само од словото ставено на хартија, туку од волјата на луѓето да го преточат во практика. Најилустративен пример за тоа е Законот за употребата на јазиците (последната нецелосно реализизира обврска од Договорот) која годинава врати на сцена дел од анахроната реторика, инспирирана повеќе од тесни внатрепартиски мотиви, отколку од „државни причини“. 

Повеќе:

-Преспански Рамковен Договор

-Охридски договор: Добар документ, лоша реализација

-Мирот - најважна „одредба“ од Охридскиот договор

По 17 години, Македонија е унитарна држава, наспроти сите црни прогнози за нејзин кравав распад. Никој не стана помалку Македонец со тоа што абанската и другите помали етнички заедници со Охридскиот Договор ги добија бараните права. Напротив, општество доби силен кохезиски елемент кој го прави цврсто и отпорно на внатрешни искушенија, а кои некој одвреме навреме сака да ги тестира. Да, и денес се уште има „запалени глави“ кои го колнат тој Договор. Трагично за нив, но не и за земјата. Бидејќи единствено тие остануват лакмус-потсетник за она што можело да се случи ако мнозинството размислувало како нив.

Критиките и опструкциите со кои своевремено беше дочекан Охридскиот Договор, се и најдобра илустрација за она со што сега се соочува Договорот од Преспа. Ако ги замените имињата на политичарите, приказната е иста: капитулација, распад, пораз...

Нема ден без закани и навреди упатени до премиерот Заев и неговите министри. Многу слично на она со што се соочуваше Борис Трајковски. Беше оспоруван, омаловажуван, наракуван „предавник на македонските интреси“. Но, дали неговиот наследник, Ѓорге Иванов, ќе имаше шанса да биде кандидиран за претседател во унитарна, слободна и безбедна држава, ако Трајковски не веруваше во мирот и заедништвото, во градењето мостови внатре и надвор? Дали Иванов денес би можел спокојно да летува во охридската вилата „Билјана“, да отвора „Охридски лета“, да дочекува и испраќа високи гости, ако некои луѓе беа помалку визионери, а повеќе распламтувачи на меѓуетнички пир? Во тоа е разликата. Има политичари кои знаат да го препознаат мигот и прават се за да не ја пропуштат шансата за добро на државата, и политичари кои не го прпознаваат тој миг, или од одредени причини не сакаат да го видат.

Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

И Заев имаше избор. Да продолжи како неговиот претходник Груевски, и да го „решава“ проблемот со Грција за да не го реши. Можеше да продолжи да гради антички споменици и фасади (растот во градежништвото ќе стигнеше до плафон) да раскажува митови, да ги негува внатрешните и надворешните „непријатели“, и да си го ѕида рејтингот до небо. Видовме во изминатите десет години дека нема ништо полесно и „попатриотско“ од тоа. 

Но, Заев одбра да оди по потешкиот, поточно најтешкиот пат, по цена на секојдневни закани, навреди и критики за него, за семејството, за владиниот тим... Тоа што македонското општество бавно созрева, не не го смета за пречка, туку за предизвик. Пред себе го има примерот со Охридскиот Договор. Каде ќе беше Македонија без тој охридски акт за мир, и каде ќе биде без преспанскиот - ако државата не го фати овој воз за интеграција? Еден ден, се надевам што поскоро, некоја дебата сигурно ќе носи наслов „Патот до Брисел преку Преспа“. Но, би било добро нејзиното значење да го разбереме уште сега, а не по 10 или 17 години. Најдобро е секој пат, па и преспанскиот, да почне со заедничка, навремена и зрела граѓанска одлука.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми