Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Реклама
„Ти спиеш малечко
А езеро се замислило —
Езерото ја подготвува твојата судбина.
Ти спиеш, а тоа
Со неусетно потплиснување ти влегува в душа
Како во заливчето со бели камчиња
Во кое секое камче се гледа“
Стиховите од „Дете заспано крај езерото“ на Блаже Конески се само еден од изразите на љубов кон Охридското Езеро и градот за кој арапскиот географ Ал Шариф Ал Идриси уште во далечната 1099 година ќе напише: „Охрид е великолепен град со многу резиденции и митрополии. Распослан на врвот на убав рид покрај големо сино езеро.“
Социологот и истражувач од Охрид, Никола Бошале, оценува дека во градот „на секој чекор ве следи мислата дека тука пред вас минал некој творец, некој човек, минале луѓе и цели генерации што оставиле траги“.
Сонцето нѐ предизвика и нас да тргнеме по тие траги и да ви пренесеме барем дел од убавините на македонскиот бисер.
Охрид - рај за очите и спокој за душата
Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi
Варош - стар град
Поглед од пристаништето кон Варош, стариот дел на градот. Препознатлива архитектура која својот процут го доживеала во 19. век, кога и Охрид се чини е економски најмоќен. Тогашните видни трговци соработувале со Лајпциг и Виена. Многу охриѓани во тоа време учеле во Париз, на Сорбона, или пак во Атина. Во овој дел од Охрид, меѓу другите, живеел големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
„Охрид убав мил, ти за мене рај си бил...“
Куќите во стариот дел на Охрид, начичкани една до друга за да го „ѕирнат“ езерото, речиси и да немаат дворови. Еве како малиот слободен простор станува оаза на цвеќето. Ова е улицата која води кон Плаошник.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плаошник
Познат религиозен локалитет од почетоците на христијанството. Пронајдени се неколку ранохристијански базилики и остатоци од црквата Свети Пантелејмон, изградена од Св. Климент Охридски, кој таму и живеел. На 11.08.2002 е осветен новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон кој претставува реплика на Светиклиментовата црква. По 530 год., овде повторно се пренесени моштите на Св. Климент Охридски.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Антички театар
Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Класичниот театар бил изграден пред околу 2.000 години, или во доцниот македонски период, кратко по Римското освојување. На делумно откриениот и обновен антички театар од почетокот на 21. век секое лето на 12 јули се случува отворањето на фестивалот Охридско лето.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плоштад
Централниот охридски плоштад е неодминливо место за жителите на Охид и за туристите. Некогаш овој просотр беше преполн со трендафили, а сега местото го зазеле новите видови цвеќиња и зелениот килим од трева. Во позадина е езерото и споменикот „Фаќач на крстот“ - симбол на празникот Богојавление-Водици, поставен во јули 2014 година.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Парк
Пролетта може да се „вдише“ во охридскиот парк. Тука е Рибниот ресторан, типичен репрезент на охридската староградска архитектура. Изграден во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Сега е приватизиран, но ја има истата намена. Ќе ве пречека со богата понуда од македонски специјалитети, ама и чорба од охридска риба и староградска песна.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Колепка на словенската писменост
Споменикот на Св. Наум Охридски е дел од тријадата споменици во центарот на Охрид. Скулпторот Томе Серафимовски ги изработи и постави спомениците на Св. Кирил и Методиј, споменикот на Св. Климент Охридски и споменикот на Св. Наум. Така туристичките водичи на само стотина чекори од еден до друг споменик можат да ја раскажат историјата за создавањето на словенската писменост и нејзиниот развој.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Лебеди
Лебедите се бел украс на Охридското Езеро. Грациозни и дружељубиви кон оние кои сакаат да им подадат храна. Во Охрид се населиле кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Живеат во двојки и познато е: ако едниот угине, другиот не преживува – тагува, ја пее „Лебедовата песна“ и умира.Често кога луѓето сакаат да ја споредат верноста во љубовта ги земаат лебедите за пример.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Патека кон убавината
Новата пешачка патека во Охрид минува низ живописна природа со клупи и видиковци. Погледот на езерото е прекрасен. Ова е делот од Охрид, како што охриѓани велат: зад Калето од Канео преку Лабино до Грашница или обратно.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Св. Јован Богослов - Канео
Ова е се чини најпрепознатливиот и најсликан мотив од Охрид. За црквата не постојат сигурни историски податоци. Нејзиниот „живот“ може да се следи во општи историски рамки на развиток, почнувајќи од 13. век до денеска. Автор: Милчо Јованоски