1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Очајнички маневар на Рохани

Џамшид Барзегар
9 мај 2019

Претседателот на Иран сака делумно да се откаже од одредбите на атомскиот договор, освен ако не добие ефикасна заштита од санкциите од САД. Тоа е исклучително проблематичен маневар, смета Џамшид Барзегар.

Hassan Rohani
Фотографија: Jamnews

Одлуката да се чуваат дома залихите со слабо збогатен ураниум наместо да се продава во странство и најавата за натамошни мерки како на пр.повисок степен на збогатување на ураниум го загрозува Атомскиот договор до кој со исклучок на САД се држат сите останати потписници. Таквата одлука е крајот на ерата на "умереноста, дипломатијата и надежта", која Иран ја отвори во 2013 со изборот на претседателот Хасан Рохани и која ја достигна својата кулминација со потпишувањето на договорот во 2015 година. Рохани од почеток беше изложен на жесток отпор на хардлајнерите, особено од страна на верскиот лидер во земјата, Али Каменеи и Револуционерната гарда. Тие немаа интерес договорот да биде успешен и му приредуваа потешкотии на претседателот како на внатрешнополитички, така и на надворешнополитички план.

САД го доведоа во ќорсокак

Рохани во меѓувреме изгледа изгубил надеж дека би можел барем Атомскиот договор да го спаси како позитивна оставштина од неговото претседателство. Поттик за тоа дефинитивно беше одлуката на Вашингтон од пред една година да се повлече од договорот, како и од исклучоците кои до сега важеа за експортот на нафта од Иран, а дополнително и за збогатен ураниум и тешка вода. Претседателот Рохани точно една година по соопштението на Трамп изјави дека Иран се подготвува да отстапи од исполнувањето на одредени делови од договорот. Укинувањето на исклучоците од страна на САД остави само две опции за иранскиот државен врв: или потполно да се откаже од збогатување ураниум, или пак да продолжи, но да ги прекрши условите од договорот штом ја надмине количината од 300 килограми во иранска сопственост.

Џамшид Барзегар, автор на коментаротФотографија: DW/P. Böll

Повеќе:

-Иран се откажува делумно од Нуклеарниот договор

-САД распоредуваат борбени сили во правец на Иран

И покрај таквата ситуација, Иран со откажувањето на договорот се изложува на опасноста да ја изгуби и поддршката од Франција, Велика Британија и Германија. Овие земји, односно ЕУ до сега опстојуваа на валидноста на договорот и се обИдуваа да ги минимизираат влијанијата од американските санкции. Сега би можело да се случи европските сојузници на Рохани да се приближат на тврдата линија што ја следи Вашингтон.

Се заканува враќање на мрачните времиња

Инаку, и покрај цврстиот став на Трамп и неговото лично одбивање на Атомскиот договор, сепак постојано имаше сигнали за подготвеност за преговри меѓу Вашингтон и Техеран, кои иранскиот државен врв ги игнорираше. Сега постои можноста Иран да се врати на конфронтативниот курс од ерата на Ахмадинеџад. Тоа пак ќе ги потврди американските хардлајнери во нивниот став дека во Иран немаат умерен партнер за преговори.
Со рокот од 60 дена што го постави, Рохани сака да ги присили преостанатите партнери од договорот да дадат предлози за нов договор, кој би го заштитил Иран од американските санкции. Тоа сепак повеќе наликува на очаен маневар со оглед на тоа дека Иран шест години безуспешно се обидуваше да се ослободи од товарот на санкциите. Очаен е обидот и со оглед на малите можности за влијание од страна на Рохани врз политиката на Иран спрема соседните држави во Блискиот Исток, која пак е диктирана од блокот на хардлајнерите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми