1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очајот ги тера Балканците на работа на црно во Германија

30 јануари 2018

Десетици илјади луѓе од просторите на екс-Југославија работат на црно во Германија. Некои веруваат дека ги чекаат виза, мед и млеко. Други знаат дека ќе работат на црно, но често се насамарени. Бизнисот на измамници цути

Deutschland Schwarzarbeit in Hamburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Дино Мехиќ е од оние од ИТ секторот - млади за кои се смета дека им се отворени сите врати надвор од Балканот. Па сепак, Дино не успеал да најде излез од едно мало место во централна Босна и им поверувал на луѓе кои не ги знае, прифаќајќи понуда која, доколку се размисли разумно, звучи премногу добра за да биде вистинита. Му рекле само да уплати 200 евра за месечно сместување и на свој трошок да дојде во Шпигелау, баварско село на границата со Австрија и Чешка. Ќе го чека, му рекле, соба само за него, дозвола за работа и работа во струката.

Кога конечно пристигнал пред трошната селска куќа во која требало да живее, сфатил дека наседнал на доста евтина измама. Педесетина луѓе од Хрватска, Србија и Бих биле сместени во десетина соби, тука некаде бил и креветот за него, само што „агентите“ овојпат му барале 500 евра месечно. И уште му рекле дека за средување на документите ќе му одбиваат по 15 проценти од секоја плата. Притоа, никаква ИТ-фирма не го чекала Дино, и тој сфатил дека веројатно ќе заврши на градилиште, обесправен и измамен. Побегнал дома кога „агентите“ сакале да му го земат и пасошот.

Дино воопшто не се вика Дино, а својата приказна за ДВ ја раскажа, како и многу други, под услов да не го откриваме неговото вистинско име. Бидејќи работниците од поранешна Југославија кои работат на црно во Германија најчесто се посрамотени бидејќи биле измамени, но и исплашени да не се замерат со мрежата измамници за кои тврдат дека се добро организирани и потенцијално опасни. Притоа, секој кој макар еден ден работел на црно го прекршил законот - и доколку за тоа зборува јавно, во најлош случај може да заврши во затвор, а во подобар да добие забрана за патување во Шенген просторот.

Извоз на работници на црно

Појавата е масовна. Според последните податоци, само во првата половина на минатата година отворени се 65.755 постапки против илегални работници. До тие интерни податоци на германската Царина, која е задолжена за разбирање на работата на црно, дојде весникот „Велт“, а се претпоставува дека бројот на неоткриени случаи е повеќекратно повисок. На списокот на земји се наоѓаат сите балкански кандидати за членство во ЕУ, со исклучок на Црна Гора. Најголеми црни дупки се градежништвото, рестораните и хотелите.

Локалните весници во Германија се полни извештаи, според кои десетина службеници на Царината ќе обиколат градилиште од кое илегалците панично се обидуваат да побегнат. Претставниците на фирмата која ги изведува работите вообичаено велат дека не знаат ништо и вината ја префрлаат врз подизведувачите. Фатените работници најчесто не знаат што да кажат бидејќи ниту го знаат јазикот, ниту знаат што да прават. Вообичаена мерка е протерување од Германија.

Сето тоа го ризикувал Дарко Секулиќ (26) од Ваљево. За разлика од Дино, кому му го измисливме името, Дарко реши да ѝ се обрати на јавноста и правдата да ја истера и по судски пат. Вели дека бил измамен од куќен пријател кој го одвел во Марибор во фирмата „Слугер“. Пријателот го запознал со двајца косопственици на фирмата, но тројцата ортаци наскоро се скарале поради меѓусебни долгови. Дарко сепак од Словенија заминал за Грац, а потоа во Германија. „Работев на фасади. Бевме сместени во контејнери. Тоа не личеше на ништо. Четири кревети во еден контејнер. Храната беше наша, во близина имавме продавница и добивавме по 50 евра неделно за храна. Немаше шанси од тие пари да се прехраниме, ги трошев и парите кои ги понесов од Србија“, вели Секулиќ. „Немавме никаков договор, нешто пополнувавме во фирмата, но којзнае што беше тоа“.

Дарко СекулиќФотографија: Sanja Kljajić

„Во тој момент воопшто не размислував, само сакав да се вратам дома, детето имаше седум, осум месеци. Се вратив без ништо...“ Кога за ова објави статус на Фејсбук, му се јавиле, тврди, уште деветмина луѓе насамарени преку истата мариборска шема. Но, стигнале и закани - дека ќе го убијат, дека ќе го пријават за работа на црно... Но Дарко Секулиќ поднел кривична пријава и во Ваљево и во Марибор. „Ќе одам до крај, нема да им дозволам да се извлечат. Имам сведоци кои беа, кои работеа...“

Нема крај на човечката наивност

Горан Зрниќ се изнаслушал приказни како онаа на Секулиќ. Тој е претседател на „Делавска световалница“, организација од Љубљана која се залага за заштита на работнички права и која му помагала и на Секулиќ. Неинформираноста на работниците е главен адут на оние кои се претставуваат како „агенти“ или „посредници“, честопати на социјалните мрежи. Зрниќ ги нарекува „подведувачи“. „Успеавме повеќе да помогнеме работниците да бидат исплатени, но ете повторно ќе се најде некој кој ќе замине. На човечката наивност ѝ нема крај, тоа е катаклизмично. Има луѓе на кои повеќепати сме им помагале, некои учат побрзо, некои потешко, а некои воопшто не мислат на себе“.

#DE_facto: Како до работа во Германија?

02:40

This browser does not support the video element.

Во српското Министерство за труд велат дека дозвола за работа на територијата на Србија во моментов имаат 105 посреднички агенции за вработување во странство. Додаваат дека повремено ја контролираат работата на тие агенции доколку има поплаки и им порачуваат на сите кои сакаат да бараат работа во странство, да го проверат списокот на регистрирани агенции, да не тргнуваат без потпишан договор, работна виза и дозвола за работа.

Еднаш веќе измамен и злоупотребен, Дарко Секулиќ од Ваљево сепак не се откажува од планот повторно да се испроба на Западот. Несудениот молер сега работи во локална пералница за релативно малку пари. Вели дека планира да си замине со целото семејство, но овојпат не на црно и не преку Словенија. „Сега почнав со курс по германски јазик, морам да положам, па ќе испраќам биографии. Завршив школа за хортикултурен техничар, мојата сопруга исто така. Има побарувачка во Германија за тоа, па планираме сите да заминеме“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми