Во германскиот град Кемниц два дена беснее десничарска толпа. Полицијата, без оглед на масивното присуство, се чини преоптоварена, ѝ недостига желба за сериозно сузбивање на десничарските структури, смета Ханс Фајфер.
Реклама
Со настапувањето на ноќта во саксонскиот град Кемниц, за многумина новинари завршува известувањето за настаните. Ситуацијата е премногу непрегледна, преопасна. Насекаде низ градот демнат групи на насилство подготвени десничарски радикали. Состојбата постојано ескалира. На еден репортер му беше скршен носот, човек пред вклучена камера демонстрира Хитлеров поздрав и врши притисок врз новинарите. Стотици нацисти, хулигани и насилни градски жители сакаат да ја растоварат својата агресија, жедни за инциденти. Полицијата е преоптоварена, недоволно бројно присутна. Ова не е добар ден за отвореното општество.
За да дојде до ваква ескалација, причината лежи во вчудувачкиот, но и поразувачки факт: во Германија, земјата на Хитлеровите злосторства, до денес постои погрешна проценка, минимизирање, па дури и акцентирање на десничарското насилство и заканите од организираните десничарски екстремисти. Ескалацијата во Кемниц е натамошен доказ, зашто таа е сѐ само не спонтана.
Со години во Кемниц нацистите се организираат околу локалното фудбалско здружение. Името „NS Boys" кажува сѐ за нивната ориентација. Во одделни градски квартови, десничарските групи се обидуваат да обезбедат контрола врз улиците. Тие настапуваат со рутината на супкултура, вмрежена низ целата земја и разменуваат искуства. Ова се мали групи, но добро обучени и ефикасни. На таков начин, за многу кратко време можеа да се организираат и мобилизираат за маршот вчера, на 27. август 2018. година.
На полицијата ѝ беше позната мобилизацијата и постојните структури. Сепак, не стави на располагање дополнителни полициски единици заради обезбедување на сигурноста и редот. Политиката и службите едноставно не ја сфатија сериозно заканата. Зошто? Зашто мнозинството од службениците и политичарите не се лично во визирот на насилниците. Едноставно, недостига емпатија со жртвите.
Полицијата и политиката не сочувствуваат доволно со жртвите
Притоа, мора да се елиминира една опасна заблуда: омразата на овие луѓе на улиците не е насочена против бегалската политика или против Ангела Меркел. Таа е свртена против демократијата во Германија. Зашто, овој потпалувачки џган ги отфрла речиси сите параграфи од германскиот устав: човечкото достоинство, еднаквоста на граѓаните, забраната за дискриминација врз основа на религија, потекло или пол. Новите десничари со години се борат против политичките неистомисленици, луѓето со поинаква боја на кожата, а во изминатите години засилено - против муслиманите. Тие ја преземаат традицијата на Адолф Хитлер, го користат неговиот поздрав, ги величаат злосторствата на германскиот Вермахт во Втората светска војна и ги напаѓаат противниците каде можат. Нивна цел е повторно носење терор на улиците.
Фактичката голема опасност е што во изминатите години ваквите десничарски маршеви како во Кемниц, засилено се преплетуваат со протестите на разочараните и социјалните губитници. Овие последниве воглавно не се приврзаници на националсоцијализмот, но имаат опасна близина до расистичките и антидемократски идеологии. Тоа е алармирачки. Зашто, германската историја нѐ поучи докаде може да стигне организираната толпа, ако успее да се обедини со фрустрацијата и гневот на општеството. Значи, ова треба да биде предупредување до германската политика.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.